ИНФЛУЕНСЕРСТВОТО НА БАЛКАНОТ: Суштината на имањето глас е да го искористиш за добри цели!

И покрај привлечниот имиџ на инфлуенсерството, инфлуенсерите се соочуваат со негативни коментари, потребата да се издвојат во презаситениот дигитален простор и предизвикот да одржат финансиска стабилност. Нивното влијание може да биде двигател на позитивни промени, но носи и значителна одговорност отворајќи прашања за иднината на оваа професија и нејзиниот општествен ефект
Автори: Ангела Бошкоска, Јелена Л. Петковиќ и Милиќ Петровиќ
Политичари познати на „Тикток“, авантуристи што промовираат природни и културни богатства, водители, влогери, другари што зборуваат за проблеми со самодоверба, писатели и пријатели што откриваат трикови за убавина. Сите овие ликови ги поврзува зборот инфлуенсер, кој денес претставува професија. Во неа се влегува преку социјалните мрежи, се работи многу, а се остварува и пристојна заработка. Инфлуенсерите не одат на работа во канцеларија, но истовремено се следени и комуницираат со луѓе од целиот свет.
Но, зад тоа што може да изгледа како привлечен живот под светлината на камерите и виралните видеа стојат одговорност, предизвици и дилеми. За тоа зошто се решиле на ваква кариера, како се соочуваат со негативните коментари и колку инфлуенсерството нуди стабилна финансиска состојба, „Лице в лице“ и Радио Гораждевац поразговараа со вистински инфлуенсери од Македонија, Косово и од Србија.
Теа Тодоровиќ од Гораждевац преку својот профил на „Инстаграм“ привлекла значителен број туристи во средновековниот Дечански манастир за време на празникот на кралот Стефан Дечански. Ана и Мане преку @adventure.mk постојано намамуваат луѓе да планинарат или кампуваат низ Македонија и им покажуваат дека за добар одмор не мора да се оди подалеку од својата земја. Ксенија Николова, споделувајќи цитати и мисли, охрабрува да се говори гласно за личната несигурност. Ваквите промени се заедничка точка за инфлуенсерите со кои зборувавме, а низ разговорот откривме и други, како: спонтаниот влез во инфлуенсерството, како инфлуенсерите место да се разочаруваат, учат од негативните коментари и надежта дека оваа професија е на самите почетоци. Во меѓувреме, сите се согласуваат за едно: во професијата ќе опстојат само (нај)автентичните.
Сето тоа се случи сосема спонтано, без никакви очекувања, можеби затоа и до ден денес уживам во дружбата со моите луѓе на социјалните мрежи. Кога нешто почнува природно, без оптоварување, тогаш е најубаво. Мојата желба беше само да го искористам тоа катче за пренесување на мојата порака, мојот пишан збор, мојата енергија – вели Ксенија Николова, писателка од Македонија, чијшто „Инстаграм“ денес го следат повеќе од 30.000 луѓе.
На своите социјални мрежи таа отворено зборува за надминување на несигурностите, за самодовербата и менталното здравје. А, нејзините видеа едуцираат и за женските права.
Слично почнала и приказната на Ана и Мане, кои се основачи на профилот @adventure.mk на кој ги споделуваат искуства од патувањата низ Македонија. Тие едуцираат за вулкански пештери, места за кампување и одмор, „други“ патеки за искачување врвови – накратко нудат поинаква перспектива на природните богатства на својата земја.
Ние сме тие што ги користат рекламите како извор на средства, кои потоа ни служат за самоиницијативно да ја подобриме сликата за Македонија и околината – споделува Ана осврнувајќи се на прашањето врз основа на што одбираат што ќе промовираат.
Прекугранично, но, сепак, блиску, Теа Тодоровиќ, студентка од Гораждевац, преку своите канали се стреми да ги покаже убавините на нејзиното родно место и со тоа да привлече посетители.
Мојата Метохија, нашата светиња, пред сѐ, а потоа и сите природни убавини со кои е богат мојот крај, ме инспирираат на активност на социјалните мрежи. Најмногу сакам да го промовирам нашиот живот. Сакам да им покажам на луѓето што никогаш не биле на Косово и Метохија или, можеби, биле само еднаш, како, всушност, живееме ние. Да им ги покажам и тажните и убавите страни – вели Тодоровиќ, која на „Инстаграм“ е активна со 5,3 илјади и на „Икс“ со 4,7 илјади следбеници.
Инфлуенсерството може да биде алатка и за постигнување други цели. На пример, промовирање одредена политичка идеја. Така, Александар Арсенијевиќ, политичар, основач и претседател на политичката партија Српска демократија, меѓу младите и возрасните е познат и како инфлуенсер.
Кога почнав да работам како политичар, основавме граѓанска иницијатива, сфатив дека немаме медиумска поддршка. Им ѕвоните на новинарите, кажувате кој сте, дека се случува тоа и тоа. Не ве сфаќаат сериозно затоа што сте ново лице. И, така почнав – открива политичарот, чиешто влијание се мери со 15.000 следбеници на „Фејсбук“ и 120.000 на „Тикток“, а со вкупен месечен опсег на прегледи до два милиона.
Во море од коментари, позитивните ги победуваат негативните
Јавните личности денес се група во која припаѓаат и инфлуенсерите. Ако некогаш за нив се пишувало критики и коментари по весници, таблоиди и магазини, денес обожавателите и противниците им пишуваат директно – преку копчето „коментирај“ достапно на секоја социјална платформа. Најголемата моќ на инфлуенсерите лежи во тоа што следбениците им веруваат. За секоја грешка, колку и да е мала, може да следува бран омраза и брутално бришење. Омразата може да следува и ако инфлуенсерот ја промени содржината на која е навикната публиката.
Иван Ајнштајн на македонската јавност прво ѝ стана познат како јутјубер, а потоа и како музичар и инфлуенсер. Последните објави на неговите профили на социјалните мрежи се ориентираат кон јога, природа, медитации – што се разликува од контекстот што го споделуваше претходно. За ова, тој решително вели дека во нашата (човечката н.з.) природа е да се менуваме.
Дел од следбениците си заминуваат, притоа доаѓаат нови, на кои им се допаѓа мојот моментен стил на живот, а дел од тие што остануваат се менуваат и растат заедно со мене (тие најлојалните). За јавна личност е сосема нормално секогаш да има и позитивни и негативни коментари. Тоа е дел од цената што се плаќа. Би кажал дека рамнотежата на позитивни и на негативни коментари остана непроменета во голема мера, но тоа што најмногу се промени е глобалната заинтересираност. Се намали бројот на луѓе, но се зголеми заинтересираноста на тие што њмоментно ја оформуваат таа група што очекува содржина од мене. И многу сум благодарен што развојот е токму ваков затоа што дава подлабоко значење на сè што творам- вели тој за „Лице в лице“.
Сите инфлуенсери со кои поразговаравме се на истиот став – прифаќаат конструктивни критики, а за негативните коментари сметаат дека се неизбежни и нормални.
Тоа што ги мотивира да создаваат содржини често се и коментарите на следбениците, кои се задоволни од нивните препораки.
Срцето ми е полно кога ми кажуваат дека поради мене, на некој начин, конечно се решиле да појдат на Косово и Метохија. Ме мотивира кога гледам колку верници имаше сега во Дечанскиот манастир – 4.000 верници за славата на Светиот крал. Тоа ме мотивира да си го направам своето, да привлечам народ – вели Теа Тодоровиќ.
Александар Трифуновиќ, влогер од Краљево, кого под името „Qartz313“ го следат 96.000 луѓе на „Јутјуб“, 70.000 на „Инстаграм“ и 9.100 на „Икс“ смета дека број еден мотивација за создавање влогови е потребата за внимание.
Јас, до некое ниво, сум веќе изградена личност, па немам толкава потреба за внимание, но сакам да снимам и да создавам содржина за социјалните мрежи. Тоа ми помага и во работата, во комуникацијата со луѓето и ме спојува со многу луѓе, ми отвора можности за работа- вели Трифуновиќ.
Инфлуенсерски предизвици и одговорност
Трифуновиќ смета дека најголемиот предизвик за инфлуенсерите е што интернетот е преплавен од содржини.
-Треба да се биде паметен и некако да се издвоиш од масата. Да најдеш кои се твоите интереси, да бидеш поинаков, а не да копираш, да извлечеш нешто добро од другите, а, сепак, да дадеш некоја твоја нота и печат. Тоа е најголемиот предизвик. Луѓето се губат, добиваат внимание за некое вирално видео, за некоја глупост и потоа продолжуваат да снимаат и да бидат тоа што не се – забележува тој.
Вредностите што ги пренесуваат инфлуенсерите на пошироката публика треба да водат до позитивна промена, смета Ана од @adventure.mk.
Да бидат избор на соодветни информации поврзани со дејноста што ја претставуваат на социјалните мрежи и да бидат пример за различни генерации – додава таа.
Ксенија Николова посочува дека секој од нас има одговорност, а таа лично ја чувствува поради, како што вели, тоа што слетала од друг свет (од писателскиот, н.з) во инфлуенсерскиот, па со нејзината публика е врзана на различни начини.
Се потпишувам под нешто само ако верувам во тоа и го градам својот пат полека. Сакам да бидам дел од многу општествени кампањи, но и самата да зборувам на многу важни теми, тоа е нешто што е особено важно во моите очи и чувствувам дека суштината да се има глас е да го искористиш за добри цели – нагласува таа.
Менталното здравје меѓу нереални очекувања
За разлика од претходните децении, кога тоа што би се нарекло инфлуенсер биле славните актери, музичари и спортисти со ограничено присуство на ТВ-екраните, денешните инфлуенсери се постојано присутни на социјалните мрежи. Па младите повеќе ги доживуваат како пријатели, отколку како недостижни славни личности.
Овој вид непосредност значи дека инфлуенсерите не само што влијаат врз стилот, хобито или ставовите на младите, туку имаат и поголема моќ да ги обликуваат нивните секојдневни однесувања и навики. Влијанието на инфлуенсерите може да има и позитивни и негативни ефекти врз менталното здравје на младите – вели психологот Верица Бакулевска.
Читајте го целосното интервју со психологот на овој линк.
Тоа не мора да значи дека тие се штетни или лоши, нагласува Бакулевска, но покрај тоа што има совесни инфлуенсери, свесни за своето влијание, има и такви што промовираат нереални стандарди, материјализам и потрошувачки навики.
– Нивниот добро обработен содржински материјал може да создаде искривена слика за реалноста, што ги наведува младите да чувствуваат дека не се на нивото на своите врсници или на идеализираната верзија од себе што ја создаваат на интернет. Сето ова може да предизвика чувство на несигурност, ниска самодоверба или анксиозност – посочува Бакулевска.
Од друга страна, инфлуенсерството може да постави нереални барања и за самите инфлуенсери. Иако работата на инфлуенсерот може да се чини возбудлива, таа, вели Бакулевска, бара голема психичка подготвеност
-Постојаната побарувачка на нови содржини создава притисок и може да влијае негативно врз нивната креативност. Некои од нив може да се чувствуваат обврзани да бидат активни 24 / 7, што ги прави склони на согорување. Дополнително, инфлуенсерите редовно се изложени на негативни коментари, критики и интернет-насилство, што може да ја намали нивната самодоверба и да предизвика анксиозност или депресија – истакнува Бакулевска и додава дека за соочување со ова клучна е поддршката од семејството и пријателите.
Психологот Бакулевска посочува и на притисокот да се биде популарен и успешен според глобалните критериуми што може да предизвика голем стрес, а со тоа и ментални здравствени проблеми.
-Постојаната споредба со луѓе што живеат во сосема различни услови може да има сериозни последици по нивната самопочит и социјални вештини. Затоа, важно е да се поттикне развој на критичко размислување кај младите инфлуенсери за да можат посвесно да прават разлика меѓу виртуелниот свет и реалноста и да се фокусираат на нивната сопствена уникатност, место да се обидуваат да ги следат туѓите идеали – нагласува таа.
Се живее ли од инфлуенсерство?
Радио Гораждевац спроведе прашалник, кој го одговорија девет инфлуенсери. Повеќето од нив споделиле дека нема заработка од оваа професија, додека другите рекле дека таа е „повремена и дополнителна“. За иднината на инфлуенсерството повеќето се изјасниле дека не ја сметаат како нешто сериозно, туку дека тоа е повеќе хоби, а помал дел од нив рекле дека има светла иднина.
Сликата во Македонија е малку понадежна. „Лице в лице“ разговараше со неколку локални инфлуенсери, кои го делат ставот дека заработката преку инфлуенсерство засега им ги задоволува основните потреби за живот, но не криеја дека се фокусираат и на други начини на остварување приход.
Мислам дека по пандемијата почна да се одвојува поголем простор за инфлуенсерите, но уште сме далеку од тоа каде треба да бидеме. Дали можеме да се споредуваме со балканските или светските сцени, подобро да не ја отвораме темата. Тие, навистина, живеат од тоа – смета инфлуенсерката Нина Ред.
Ана од @adventure.mk нагласува дека инфлуенсерството во Македонија е на самиот почеток.
Тврдам дека профилот шири добро влијание, кое луѓето го препознаваат и го почитуваат. Ако успеам да направам единствен приход, целосно ќе се препуштам на тоа – вели таа.
И Нина и Луна Стефановска се согласуваат дека инфлуенсерството ќе расте, но важно е да се задржи автентичноста.
– Сметам дека ако не сме креативни, пазарот многу брзо ќе се презасити од содржините. Многу бргу можеме да станеме досадни – поентира Нина.
– Вештачката интелигенција и технологијата може да го променат начинот на кој создаваме содржина, но човечкиот допир секогаш ќе биде суштината – оптимист е Луна.
Образование за инфлуенсер: курс или четиригодишно?
Значаен дел од одговорите на анкетниот прашалник на Радио Гораждевац гласат дека образованието им помогнало во градењето кариера на инфлуенсер. На дел од македонските соговорници образованието значително им помогнало, додека, пак, на дел од нив струката им е сосема неповрзана со тоа што го работат.
Иако профилите на социјалните мрежи се наменети за патување, а по струка сум архитект, наоѓам голема поврзаност преку различни аспекти. Прво градба и материјали, потоа историја и уметност, фотографија, перспектива, критичка мисла, логика итн. Информации што ги препознавам за време на патувањата ми помагаат да ја оформам приказната, која потоа ја споделувам на социјалните мрежи – како текстуално, така и визуелно – вели Ана од профилот @adventure.mk.
Од друга страна, Нина, која пред инфлуенсерство, се занимавала со водителство, смета дека во своето образование здобила вештини, кои дури сега сфаќа зошто требало да ги учи.
Послободна сум пред камера, можам да зборувам до утре без грам срам, спонтана сум, знам што треба да одговорам, како да реагирам, како да се однесувам – вели таа.
Не е ново дека факултетските програми во Македонија доцнат во однос на светските трендови и тоа што се бара, а слична е ситуацијата и во Косово и Србија. Оттука, значителен број млади се запишуваат на едногодишни курсеви, кои се во тек со новите технологии и професии што се јавуваат на пазарот.
Според Ристо Савески, претседател на Младинскиот образовен форум, недостигот од современи и ажурирани студиски програми, кои би можеле да понудат квалитетно образование во области како дигитален маркетинг, креирање содржини или анализа на податоци, ги принудува младите да бараат алтернативни патишта.
– Социјалните мрежи и професиите што произлегуваат од нив отворија нови перспективи за младите овозможувајќи им брз пристап до заработка и потенцијална независност, без потреба од формално образование. Овој тренд има двојна природа. Од една страна, тој ги мотивира младите да бидат иновативни, претприемачки настроени и проактивни, но од друга страна ги изложува на ризик да се намали интересот за високото образование како традиционален пат кон успехот – вели Савески.
Академиите со едногодишни курсеви им се конкуренција на универзитетите, велат од едукативниот центар „Креатив хаб“ (Creative Hub), кој нуди курсеви во седум различни сфери, распределни во академии.
-Во моментов ние сме единствена академија што има програма за вештачка интелигенција и дигитален маркетинг и тоа на англиски јазик, акредитирана од Министерство за образование на САД, со тоа и самите наши студенти ги подготвуваме на академијата со вештини што се барани во 2025 година – вели Бојан Коскаров од „Креатив хаб“, кој нагласува дека центарот не е непријател на факултетите, со оглед на тоа што веќе има остварено соработка со некои факултети во САД.
На нивната Академија за дигитален маркетинг завршиле некои инфлуенсери познати во Македонија, како, Александар Динев и пејачите Мартин Костадинов и Нина Јанева. Дополнително, вели Коскаров, Академијата за дигитален маркетинг нуди курсеви за модерни професии како маркетинг со е-пошта – специјалист за маркетинг со е-пошта, специјалисти за метаадс и гугладс – специјалисти за пеидадс и специјалисти за гугладс и други.
Инфлуенсерката Луна Стефановска, која во моментов студира право, претходно има завршено курс за дигитален маркетинг на академијата „Бреинстер“.
-Тоа, навистина, ми помогна да ги разберам стратегиите на социјалните медиуми, создавањето содржина и големиот заднински свет на социјалните мрежи – споделува таа.
Според Савески, работата на социјални мрежи на долг рок може да остави сериозни последици: ризик за генерацијата, која ќе се потпира на краткорочни решенија за егзистенција, и, второ, тоа може да ја намали конкурентноста на универзитетите што дополнително може да го загрози квалитетот на образованието.
– За да се соочиме со овој предизвик, универзитетите треба итно да ги реформираат своите програми и да ги вклучат новите професионални трендови како составен дел од студиите. На тој начин, ќе можат да понудат и практични вештини и концептуално знаење создавајќи генерации што се подготвени да се приспособат на брзите промени, без да се откажат од суштинските вредности на образованието – посочува Савески.
„Станавме медиум сам по себе“
Александар Арсенијевиќ, кој, покрај конзервативната дисциплина, како што самиот ја нарекува – политиката, решил паралелно да се занимава со социјални мрежи, прво бил сфатен несериозно, а потоа релативно лесно го купил вниманието на граѓаните.
-Ајде замислете. Кој би бил сериозен на „Тикток“? И тогаш сфаќате дека Чеда, соседот што има 70 годни, следи само „Тикток“, иако сметате дека на таа социјална мрежа е само младата популација. Кога увидоа дека ние сме сериозни, кога дадовме повеќе докази за работите што ги правиме, ги подобривме сцената, квалитетот на снимката итн., луѓето сфатија дека правиме нешто сериозно, па сега често доаѓаат и велат: „Цел ден чекам и гледам во телефонот што ќе објавиш, што ќе се случува“. Станавме медиум сам по себе – вели Арсенијевиќ.
На нивните канали говорат на теми што ги засегаат граѓаните. Според неговото мислење, тоа е еден вид вонинституционална борба, која ја почнале и на тој начин, вели, служат како корективен фактор на секоја власт. Врската што инфлуенсерите, како и политичарите, ја имаат директно со своите следбеници, според неговото мислење, е многу позитивна. Свесен дека социјалните мрежи во голема мера влијаат на јавното мислење, Арсенијевиќ нагласува дека на младите треба да им се пристапи со праќање поширока порака.
-Комунистичките и посткомунистичките генерации родители живеат со синдромот на Димитрије Пантиќ од „Тесна кожа“. Целиот живот од тебе се бара да бидеш помлад соработник. Без напредок, само да се држиш до едно нешто и до една државна работа. Денес може да добиете поголема плата со модерните технологии, дури и ако завршите некој од неперспективните факултети. Младите ги советувам да не бидат Пантиќ, туку да се борат за себе, да учат и да работаат на себе – заклучува Арсенијевиќ.
Дека инфлуенсерите се медиум за себе покажува и студија на Американскиот институт за дигитален маркетинг од 2021 година, која забележува дека 70 проценти од тинејџерите повеќе им веруваат на инфлуенсерите, отколку на ѕвездите во традиционалните медиуми.
„Како се соочувам со негативните коментари?“
Секако дека добивам и критики, тоа што е конструктивно и добронамерно, го прифаќам со раширени раце и отворено срце. Има и коментари што се базираат на нешто сосема друго, тие се ретки, знам да ги препознаам и да ги ставам во една посебна имагинарна папка наречена „ова не е мое“. – Ксенија Николова, писателка и инфлуенсерка
Секој негативен коментар повеќе открива за внатрешниот свет на тој што го изговара, отколку за личноста што е негова цел – тој е, всушност, прозорец кон сопствените неразрешени болки, несигурност и мани. Тоа што нè дразни кај другите е, всушност, нашата сопствена неинтегрирана сенка, проектирана надвор како одбранбен механизам на егото, да не се соочи со сопствените внатрешни демони. Вистинската трансформација почнува кога место да судиме, ќе научиме да набљудуваме – прво себеси, а потоа и другите – со онаа длабока емпатија, која препознава дека зад секој критички глас стои повредено срце што бара разбирање. – Иван Ајнштајн, инфлуенсер
Во оваа работа никој не може да помине незабележан и некритикуван. Научив да се носам со тоа и не можам секому да му се допаднам. Природно е. Одбирам од кого слушам совет и работам постојано на себе, меѓутоа дека тоа нешто ќе ми ја наруши самодовербата, во никој случај. Досега коментарите биле позитивни, се случувало само еднаш или двапати да бидам критикувана, што е сосема во ред. Секое чудо за три дена. Затоа велам учиш и продолжуваш понатаму. – Нина Ред, инфлуенсерка
Се разбира, добивам и негативни коментари, но мислам дека и тие се дел од работата. Не верувам дека е возможно да објавувате на социјалните мрежи и на сите да им се допаднете, исто како и во вистински живот. Конструктивната критика ја сфаќам сериозно, па дури понекогаш обрнувам внимание и на негативните коментари за да се подобрам. – Луна Стефановска, инфлуенсерка
Да бидам инфлуенсер значи…
Срцето ми е полно кога ми кажуваат дека поради мене, на некој начин, конечно се решиле да го посетат Косово и Метохија. Ме мотивира кога гледам колку верници, фала Богу, еве имаше сега и во Дечанскиот манастир – 4.000 верници за славата на Светиот крал. Тоа ме мотивира да го направам својот дел – да привлечам народ. – Теа Тодоровиќ, инфлуенсерка
Треба да се биде паметен и некако да се издвоиш од масата. Да ја најдеш својата цел, своите интереси, да бидеш поинаков, а да не копираш, да извлечеш нешто од другите автори на содржини, а, сепак, да оставиш некоја своја нота и печат на тоа што го создаваш. – Александар Трифуновски, инфлуенсер
Влијаат ли локалните културни вредности врз содржината што ја создаваш и како

Секако дека да. Има работи за кои се мислам и петпати дали да ги објавам, како да ги објавам, а да не бидам погрешно сфатена. Следам што се случува низ светот, следам и овде и си наоѓам некоја златна средина, а и знам од каде доаѓам. Секогаш се трудам нивото на презентација и на работа да биде висококвалитетно, лесно за консумација од публиката, информативно и забавно.
Нина Ред, инфлуенсерка
Сѐ помалку. Тоа е така затоа што сѐ поретко сум изложен на медиуми (вклучувајќи и социјални мрежи) и безумното полнење со секакви информации од околината стана реткост во мојот живот. Популарните настани од околината веќе не ме инспирираат, ниту ме интересираат. И така, сѐ што, навистина, треба да знам за да не бидам како исфрлен од светот, доаѓа до мене. Но, ова не значи дека сум комплетно изолиран. Опкружен сум со луѓе на кои љубовта им е единствената вистинска вредност. Па, оттука, љубовта е тоа што го живеам и ме води низ сѐ во животот, вклучувајќи ја инспирацијата за содржината што ја создавам.
Иван Ајнштајн, инфлуенсер

Читајте го интервјуто со Иван Ајнштајн на овој линк.