Лице в лице интервју

Интернетот не е играчка: Заштитата на децата на интернет почнува со разговор, не со забрана

Време на читање: 2 минути

Актерката Изабела Јакимова е вклучена во едукација преку театарски претстави. Преку нејзиниот Театар за тебе, таа посветено работи на едукација и кревање јавна свест за многу важни теми кои се клучни за децата и младите. Јакимова за „Лице в лице“ споделува од каде ги црпи информациите и како навистина допира до младите за да ја сфатат сериозноста на предизвиците на интернет, нивните права, но и обрвски.

Во продолжение, објавуваме кус разговор со неа.

Како вие лично се информирате за актуелните закани и предизвици во дигиталниот свет, за да ги прикажете реално на сцена?

– Се информирам преку истражување од проверени медиуми, но и преку директни разговори со млади, родители и други луѓе кои секојдневно користат интернет. Тоа ми овозможува да ги разберам реалните предизвици, јазикот кој тие го користат, но и емоциите што стојат зад онлајн искуствата. Кога подготвувам сценски материјал, важно ми е тој да биде автентичен и препознатлив. Тоа можам да го постигнам само ако внимателно ги слушам оние на кои им се обраќам.

Сметате ли дека театарот има моќ да допре подлабоко до децата отколку традиционалната едукација во училница?

– Во театарот децата не само што слушаат, туку чувствуваат. Кога гледаат ликови што грешат, учат, се смеат или се срамат – тие ги препознаваат тие ситуации кај себе. Тоа не го постигнува секоја лекција во тетратка. Децата ја учат содржината низ поглед, звук, ритам и игра, што е многу поефективно од седење во клупа и обид за активно слушање. Кога се вклучени во претстава , дури и како публика , децата одговараат на прашања, даваат предлози, се смеат, навиваат, реагираат. Тоа значи дека учат преку сопствено учество, а не само преку инструкции. И секако дискусиите после претставата кои се од особено значење за едукативниот процес! 

Споделете конкретен пример кога некое дете по претстава препознало опасна ситуација и реагирало соодветно.

– На секоја изведба од нашата претстава ,,Црвенкапа од ТикТок”, која гласно говори за интернет предатори, голем број од децата, зборуваа и препознаваа знаци за предатори, нè советуваа како да се заштитиме т.е како да ја заштитат Црвенкапа и споделуваа реални искуства. Тоа е намерно така изрежирано да можат да се чувствуваат безбедни и да учат едни од други. 

Кои се вашите препораки за родители кои сакаат да ги заштитат своите деца, но не сакаат да им забранат пристап до интернет?

– Да се трудат да бидат искрени и наместо тајно следење отворено да разговараат. Да покажат искрен интерес. Кога децата се чувствуваат разбрани, полесно  се доверуваат ако нешто не е во ред. 

Illustration: Freepik

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Напишете коментар