Интервју со Горан Игиќ од „Види вака“: Време е за враќање на „Бушавата азбука“

Четири децении по првото емитување, „Бушава азбука“ повторно е во центарот на вниманието – не само како телевизиска легенда, туку и како живо културно наследство што се обидува да најде нов пат до денешните деца. Од јубилејниот мурал во Дебар Маало до најавата за анимираниот „Буквождер“ и кампањата за собирање средства, приказната за овој култен проект добива ново продолжение. Во време кога дигиталните мрежи и брзите содржини ја обликуваат детската перцепција, тимот предводен од „Види вака“, во соработка со дел од оригиналната екипа, ја враќа „Бушава азбука“ во живот – со мисија да го зачува и зајакне македонскиот јазик, но и да инспирира нови генерации да откријат дека учењето може да биде авантура.
Разговаравме со Горан Игиќ од „Види Вака“ кој ка предводи екипата која работи на повторно заживување на “Бушавата азбука”.
Оваа 40-годишнина од првото емитување е и прилика за поглед наназад. Кое е највредното наследство што го носи „Бушава азбука“ во 2025 година?
– На 40-годишнината од првото емитување, наследството на „Бушава азбука“ е многу повеќе од носталгија. Вистинска вредност не е само во сеќавањата што ги носи, туку во тоа како нејзината безвременска методологија опстојува до денес. Една од највредните работи е секако докажаната способност на брендот да ги комбинира уметноста и науката за да ги едуцира децата. Оригиналната серија беше пионер во својот пристап: користење на креативни ликови, музика и театар за да се научат основите на мајчиниот јазик. Таа го постави темелот за тоа дека учењето може и треба да биде забавно и инспиративно.
“Бушава азбука” е многу повеќе од телевизиска серија. Таа е дел од колективната меморија на генерации и служи како мост меѓу минатото и сегашноста. Koja e вашата инспирација зад ова нејзино оживување? Кој сè е вклучен од оригиналната екипа, а кој е дел од новата постава зад овие активности?
-Инспирацијата произлегува, како и во 1985 година, од потребата и ситуацијата во која се наоѓаат нашиот јазик и образованието, а особено образовната програма во Македонија. Оживувањето на Бушава е почнато во 2018 година, можеби и малку порано. Играното продолжение, под наслов “Бушав буквар”, е воедно и последното дело на Горан Стефановски. Ова дава дополнителна тежина на целата приказна. На половина од завршените сценарија Горан починува. Под водство на професорите Слободан Унковски и Синоличка Трпкова, иницијатори на целиот проект, сценаријата ги допишува Марјан Алчевски. И од тој момент до денес, еве осум години, институциите, но и приватниот сектор се незаинтересирани да помогнат во финалната фаза на реализација. Затоа и почнавме сами и со сопствени сили. Прво ги обединивме сите права над “Бушава азбука’ на тројцата автори, Слободан Унковски, Горан Стефановски и Душан Петричиќ, на едно место и под капата на “Види вака” раскажувачко студио. Потоа почнавме со “Буквождер”, нераскажаната анимирана приказна за тоа што се случувало со нашите букви овие изминати 40 години од последното емитување на “Бушава азбука”. И чекор по чекор, колку што ни е чергата.
Екипата е предводена од професорот Слободан Унковски, еден од авторите на “Бушава азбука”, потоа професорката Синоличка Трпкова, актерка во серијата, а од новата постава тука се Игор Стефановски, носител на правата на Горан Стефановски, режисерот Георги М. Унковски Мите Кузевски и јас од *Види вака*.
„Буквождер“ ветува анимација што води кон македонскиот јазик низ нови форми. Кој е најголемиот предизвик во трансформирањето на култната серија во приказна која ќе комуницира со денешните деца кои растат со „Тик ток“, „Јутуб“ и сл?
– Еден од предизвиците е како да се премости јазот помеѓу една културна икона од минатото и децата на денешницата, чиј свет се движи со брзината на интернет конекцијата. Во срцето на овој предизвик не лежи само технологијата, туку и фундаменталната разлика во начинот на кој се раскажуваат приказните. Додека оригиналната серија ги учеше децата на македонскиот јазик со спокојно, речиси театарско темпо, денешната публика е навикната на море од информации, содржина што се менува за неколку секунди. Како тим, се прилагодуваме и учиме од сите нови трендови, а ги имаше многу од 2018-та до денес. Тоа всушност ни е една од клучните особини и во “Види вака”, каде имаме децениско искуство со нови формати и раскажување на приказни за социјални мрежи. Но, ниту тоа, ниту големината на “Бушава азбука” не се доволни ако не се адаптираме, не ги слушаме младите и посветено не работиме да го разбушавиме овој помалку сив свет во кој сме заглавени.

Што би сакале да им порачате на децата кои првпат ќе ја откријат „Бушава азбука“ преку „Буквождер“? Како ќе ги инспирирате да го сакаат и користат македонскиот јазик?
– На децата што првпат ќе ја откријат „Бушава азбука“ преку „Буквождер“, би сакале да им порачаме дека влегуваат во еден волшебен и забавен свет, кој е само нивни. Нема да им нудиме само боенки, сликовници, играчки и приказни, туку еден магичен клуч. Тој клуч е македонскиот јазик. Низ игра и смеа, преку авантурите на „Буквождер“, ќе ја откријат азбуката како тајна мапа што крие безброј богатства. Секоја буква не е само знак, туку дел од една супермоќ – моќта да пишувате свои приказни, да создавате нови светови и да им ги споделите своите мисли и чувства на сите околу вас. Македонскиот јазик е вашиот таен јазик, вашиот супермоќен алат за игра. Колку повеќе го користите, толку повеќе нови авантури ќе се отклучуваат пред вас. Нека „Буквождер“ биде вашиот водич во ова патување, а вие бидете главни актери во сопствената приказна.
Како реагира публиката на муралот во Дебар Маало?
Што ви кажуваат тие реакции за значењето на ова културно наследство денес?
– Реакциите на публиката се позитивни, со силна доза на носталгија и емотивна поврзаност. Луѓето застануваат да го фотографираат и да се фотографираат со муралот, а сликите брзо се шират на социјалните мрежи. Има и разочарани посетители поради тоа што не ја нашле својата буква на ѕидот, за што многу жалиме и се надеваме дека во блиска иднина ќе го надополниме. Желба ни е целата зграда да биде во знакот на Бушава азбука. Тука морам да истакнам особена благодарност за жителите и на прекрасната атмосфера и домаќинскиот однос цели седум дена колку што се работеше на делото.
Муралот донесе среќа во Дебар маало. Не е перципиран само како улично уметничко дело, туку како жива меморија на едно време. Овие реакции ни кажуваат две клучни работи за значењето на „Бушава азбука“ како културно наследство денес.
Една е вредноста на заедничките спомени, реакциите покажуваат колку се важни заедничките културни искуства за одржување на чувството на идентитет и заедница.
Фактот што муралот инспирира толку силни реакции, не само кај оние што пораснале со серијата, туку и кај помладите генерации што ја откриваат, уште еднаш покажува дека пораката на „Бушава азбука“ е безвременска. Тоа е порака за радоста на учењето и креативноста што ја надминува технологијата и формата на медиумот. Успехот на муралот е јасен знак дека постои голема подготвеност и интерес за враќање на брендот Бушава азбука. А се враќа 🙂
Очекуваме и кампања за собирање средства. Кога ќе биде тоа и како може јавноста да ве поддржи?
– Кампањата за собирање средства ќе почне на 31-ви август, на настанот што го организираме пред зградата на Бушава азбука, на кој официјално ќе го почнеме прославувањето на јубилејот, 40 години од емитување на серијата. Ќе имаме игри, работилници, музика и најава на работите што следат оваа бушава година. Секој од посетителите ќе може со донирање на одредени суми да добие дел од првите официјални продукти на Бушава азбука.
Таа кампања ќе продолжи и онлајн и планираме да е достапна за цела Македонија, но и за дијаспората. Целта е да се соберат средства за развој на нови содржини од Бушавиот свет, анимирани епизоди, создавање дигитални апликации и игри, книги и сликовници, работилниците за најмладите низ целата земја, Повеќе конкретни детали ќе имаме во втората половина на септември. Главно, планираме можност за директна финансиска поддршка преку специјална сметка и онлајн платформа за сите што сакаат директно да придонесат за заштита на македонскиот јазик и иднината на брендот преку купување на производи, со што поддржуваат не само квалитетен македонски производ, туку и развој на нови содржини.
Планирате ли кампањата и настаните околу неа да излезат надвор од границите на Македонија, за да ја раскажете оваа приказна на дијаспората и светот?
– Со дијаспората веќе разговараме и имаме и големи планови и надеж дека ќе можеме заедно да си помогнеме во мисијата да го зачуваме и рашириме македонскиот јазик што е можно повеќе. Секако, отворени сме за комуникација со луѓе од земји во кои не сме успеале да оствариме контакт и ги охрабруваме да нѐ контактираат. Досегашните настани се фокусирани на публиката во Македонија, бидејќи заживувањето на брендот мора да започне од дома. Сепак, раскажувањето на приказната на „Бушава азбука“ надвор од границите на Македонија, особено на нашата дијаспора, е суштински дел од нашата долгорочна визија. Приказната на „Бушава азбука“ носи длабоко емотивно значење за Македонците во странство. Нашиот план вклучува дигитални кампањи насочени кон заедниците во градовите со голема дијаспора. Можно е да се организираат и специјални настани, како проекции или работилници, во соработка со македонски културни центри или амбасади. Со секој нов чекор, не само што го обновуваме брендот, туку и ја раскажуваме нашата културна приказна на светот и многу се радуваме на таа можност.
Kако очекувате овие активности (мурал, фандрејзинг, анимација) да влијаат на проектот и неговата иднина во рамките на македонската култура и туризам?
– Сите овие активности се стратешки поврзани и имаат за цел да го трансформираат проектот „Бушава азбука“ од носталгично сеќавање во жив, модерен културен феномен наречен Бушав универзум.
Муралот е физичкото сидро на оваа промена. Тој служи како јавна декларација дека „Бушава азбука“ е повторно меѓу нас. Со него, брендот се интегрира во урбаниот простор и станува дел од современата улична уметност, правејќи ја културата достапна и видлива.
Новата анимација, Буквождер, е клучен елемент за релевантност. Таа ќе го воведе брендот на нова генерација деца, зборувајќи на нивниот јазик и во формат што им е близок. Со ова се обезбедува долговечност на наследството, бидејќи ќе ги учи новите генерации на македонскиот јазик и неговите вредности.
Кампањата за собирање средства има најголемо симболично значење. Таа го претвора проектот од комерцијална иницијатива во движење поддржано од заедницата. Чувството на сопственост кај јавноста е најсигурниот гарант за одржливост и развој на брендот.
Земено заедно, овие и активностите што следуваат и ќе ги откриеме наскоро, не само што го обновуваат брендот, туку и активно придонесуваат за негово позиционирање како релевантен, динамичен и привлечен дел од македонската култура и туристичка понуда.
На свеченото отворање на муралот на 31-ви август ќе започне прославата на оваа голема годишнина. Што сè подготвувате за да биде тоа момент кој ќе се памети?
-Навистина. Отворањето на муралот на 31-ви август не е само настан, туку е бушав празник и ново раѓање на Бушава азбука. Сакаме тоа да биде момент кој ќе се вреже во сеќавањето на сите, и на оние што пораснаа со „Бушава азбука“, и на новите генерации. Сакаме да ги поканиме децата и нивните родители, низ игри и работилници што ги подготвуваме, да ни се придружат во создавањето на нови спомени. Муралот е само почеток, а на самиот настан ќе имаме и најава за следните активности што следат во рамките на овој јубилеј. Како што веќе спомнав, токму на овој ден официјално ќе ја започнеме и нашата кампања за собирање средства. Посетителите ќе имаат можност да бидат првите кои ќе ги добијат првите официјални продукти на „Бушава азбука“, со што директно ќе ја поддржат нашата мисија. Ова е начин да им се заблагодариме на сите што нѐ поддржаа и да ги поканиме да станат дел од ова патување.
Фотографиите и видеото се во сопственост на тимот на „Бушава Азбука“.
Автори на муралот во Дебар Маало се Драган Китановски Драш и Мирослав Грчев Микс.
Повеќе на http://www.bushava.mk
- Интервју со Горан Игиќ од „Види вака“: Време е за враќање на „Бушавата азбука“
- Вечерва на МакеДокс ќе се одржи македонската премиера на новиот долгометражен документарен филм на Петра Селишкар
- „Јавна соба“ и понатаму е лекција: Зошто дигиталното насилство не смее да се нормализира
- „МакеДокс“ го отвора своето 16. издание – вечер сите во Куршумли-ан
- „Сиљан“ на Котевска преку Венеција „летнува“ кон светот