Зелена република, Лице в лице интервју

ИНТЕРВЈУ СО KATEРИНА ИЛИЈОВСКА И САРА КОЦЕВСКА ОД „ЈЕС ФОР ЛЕС“ („YES FOR LESS“): Секој од нас може да мултиплицира промена во своето опкружување

Време на читање: 6 минути

 Се обидуваме да ги неутрализираме лошите вести со споделување нови иницијативи, бизнис, акции и други позитивни настани, кои редовно ги откриваме и ни влеваат надеж дека има сè повеќе луѓе што работат активно на ова поле и сакаат да променат нешто на подобро

Анета Ристеска
Фотографии: приватна архива на „Јес фор лес“

„Јес фор лес“ („Yes for Less“) е првата македонска платформа што се стреми да создаде поодржливо општество преку едукација и обезбедување информации за еколошка алтернатива во секојдневниот живот. Со верба дека секој индивидуален чекор е важен, „Јес фор лес“ ги поттикнува малите промени, кои колективно можат да донесат големи трансформации. Оваа платформа ги сплотува луѓето што сакаат да направат свесен избор за етичка потрошувачка и одржлив развој.

Во исто време, нуди ресурси и практични совети за сите тие што бараат еколошка алтернатива за производи и услуги во Македонија. Со својот активен пристап, „Јес фор лес“ на претпријатијата од мрежата им обезбедува етикети за транспарентност и со тоа охрабрува свесен избор преку кој купувачите може да донесат одлуки за купување, кои влијаат позитивно на животната средина и општеството.

Покрај обезбедување информации и поддршка, овој тим активно учествува во градење екозаедница преку комуникација и информирање на своите поддржувачи, на пример преку нивниот последен проект, поткаст, на кој се дискутира за предизвиците и можностите за одржливо живеење.
Нивната мисија е да го олеснат пристапот до одржливи опции и да поттикнат промени што водат кон подобра иднина.

Доволно причини за разговор со Катерина Илијовска и Сара Коцевска. 

„Јес фор лес“ верува дека малите чекори водат кон големи промени. Што е тоа што, според Вашето мислење, (би) ги мотивира(ло) луѓето да почнат со тие мали чекори и кои се најчестите пречки со кои се соочуваат?

Факт е дека малите чекори сами по себе не водат кон големи промени. Но, од друга страна, кога зборуваме и слушаме за големи еколошки проблеми како што е климатската криза, многумина од луѓето се чувствуваат парализирани и немоќни дури и да посакаат да променат нешто. Ние бевме токму во оваа ситуација и најдовме начин да ги канализираме тие негативни информации што ги примаме и ни создаваат фрустрација, во нешто корисно за другите. Откако постоиме имаме добиено стотици пораки од луѓе на социјалните медиуми дека сме ги мотивирале да направат нешто позитивно, или, пак, од нас дознале за некоја екоиницијатива / акција, која не знаеле дека постои и се вклучиле. На некои луѓе, кои се веќе мотивирани, им недостига само олеснување на работата, односно, да не трошат многу време за да ги пронајдат можностите. На други им недостига финансиски поттик или некаков друг тип „награда“. На трети им недостига само едно „браво“ и пофалба за направеното. Се обидуваме на различни начини да ги мотивираме луѓето според пречките со кои се соочуваат.

Одговорната потрошувачка е еден од клучните концепти на платформата. Кои се вашите совети за луѓето што сакаат да ја практикуваат, но не знаат од каде да почнат?

Одговорната или свесна потрошувачка е концепт што вклучува донесување одлуки според добро информирање за производите што ги купуваме и услугите што ги користиме земајќи го предвид нивното еколошко, социјално и економско влијание и придобивки. Главниот постулат на овој концепт е прво да консумираме помалку, а потоа и само тоа што навистина ни е потребно. Често се шегуваме меѓу нас дека ние сме едни од малкутемина што сакаат да прават бизнис, а истовремено ги тераме нашите потенцијални клиенти да не купуваат нешто доколку навистина не се сигурни дека им треба, што е парадоксално. На луѓето би им препорачале за почеток да одберат една сфера од секојдневниот живот во која сакаат да направат промена, тоа може да биде во однос на козметичките производи што некој ги користи, во модата и облеката или, пак, исхраната. Потоа нескромно би ги упатиле кон нашата платформа каде што имаме собрано повеќе од 50 претпријатија што нудат најразлични производи и услуги, кои посетителите може да ги разликуваат според различни категории и деветте етикети што ги создадовме (на пр. етикета за локално производство, за производи без пластика и сл.) со цел да им помогнат на луѓето да донесат одлуки според информациите и со помал напор.

Во кои сфери на одржливото живеење гледате најголем потенцијал за пораст во Македонија? Каква улога може да имаат локалните претпријатија во тој процес?

Ова е, можеби, најтешкото прашање од интервјуто. Ако треба да издвоиме една гранка, тоа би бил туризмот. Двете живееме во странство веќе седум години во едни од најтуристичките градови во Европа (Барселона и Париз) и гледаме сè повеќе и повеќе (особено по пандемијата) што ценат луѓето таму како туристичка понуда. Недопрената природа, потенцијалот за селски туризам, локалната храна и многубројните традиции се само дел од нештата што ги имаме во изобилство, а се јадро на одржливиот туризам. Се смеевме кога на една шпанска туристичка агенција ја видовме Албанија во категорија „егзотични дестинации“. Бидејќи следиме што сè случува на таа сцена во Шпанија, можеме да тврдиме дека доколку сме паметни и знаеме како да го искористиме интересот на Западна Европа за Балканот и немасовниот туризам. Може да имаме огромен успех на ова поле.

Вашата платформа сплотува мали, средни и големи претпријатија во Македонија. Како ги поттикнувате овие претпријатија да бидат транспарентни и да се придржуваат до етикетите што ги нудите?

Сè уште немаме некој стандардизиран процес за проверка на тоа дали претпријатијата целосно се придржуваат до тоа што го навеле во етикетите и функционираме на принцип на доверба. Се познаваме лично и активно комуницираме со речиси 70 проценти од сопствениците на претпријатијата што се во нашата мрежа и низ времето си имаме потврдено дека тоа се луѓе што, навистина, се залагаат за тоа што го прават и транспарентноста ја гледаат како начин да го подобрат својот бизнис, а не да скријат нешто. Тоа е и довербата што сакаме да им ја пренесеме на луѓето со тоа што ќе им веруваат на претпријатијата преку довербата во нас. Како што нашата мрежа станува поголема ова ќе биде и нов предизвик, кој ќе треба да го решиме. 

Сè  повеќе луѓе се запознаваат со идејата за одржливо живеење, но често се обесхрабрени од одредени политички одлуки. Како „Јес фор лес“ го надминува овој песимизам и го одржува интересот на својата публика?

Се обидуваме да ги неутрализираме лошите вести со споделување нови иницијативи, бизнис, акции и други позитивни настани, кои редовно ги откриваме и ни влеваат надеж дека има сè  повеќе луѓе што работат активно на ова поле и сакаат да променат нешто на подобро. Често велиме дека е потребен еден еколошки свесен човек на вистинското место за да потегне поголема промена. Пред некое време ни имаше пишано еден млад човек што е одговорен за човечки ресурси во компанија со повеќе од 400 вработени и кој нè праша за совети за тоа како може да воведе некоја одржлива практика во компанијата. Ваквите моменти ни даваат елан да продолжиме понатаму и да се надеваме дека нашите пораки ќе стигнат до што повеќе вакви луѓе – не само до тие на високи позиции и со моќ, туку и до секој човек што може да ја мултиплицира промената во своето семејство, работно место, круг на пријатели или, пак, друга група граѓани.

Поткастите на „Јес фор лес“ се фокусирани на предизвиците на одржливото живеење. Кои теми сметате дека се најсоодветни за Вашата публика и што планирате да донесете ново преку овој формат?

Зборуваме за многу различни теми, но отпадот и консумеризмот, генерално, најмногу ни лежат на срце. Со тоа и привлекуваме публика, која е заинтересирана и прави нешто на овие теми. Како општество во кое се посветува многу внимание на дотерување и купување нова облека преку која луѓето сакаат да изразат некаков статус, поконкретно и поврзано со отпадот и консумеризмот, би рекле дека има голем интерес за одржливата, наспроти брзата мода како актуелни теми и на светско ниво. Последнава година едната од нас е особено инспирирана од животот на село, од каде што потекнуваат моите баба, дедо и татко и каде што поминав голем дел од летово, па за блиска и подалечна иднина би сакале да работиме на мултимедијални содржини поврзани со животот на село, со цел да пренесеме што може да научиме од селата во однос на одржливост и колку тоа може да го примениме во градовите.

Каде ја гледате платформата „Јес фор лес“ во следните пет години?
Како планирате да продолжите да ја ширите свеста и да поттикнувате одговорна потрошувачка?

По еден настан каде што ја презентиравме нашата иницијатива, еден професор од Машинскиот факултет во Скопје ни рече – вие сте комора на зелен и одржлив бизнис, ама сè уште не сте свесни за тоа. Тешко ни е да се видиме во некоја таква сериозна и многу поформална светлина бидејќи една од причините поради кои луѓето нè следат и ја сакаат нашата иницијатива е личниот контакт што го имаме со публиката и со бизнисот од самиот почеток. Тоа носи голема вредност во тоа што го правиме. Во следните пет години гледаме уште поголема и посилна мрежа во која ќе членуваат не само претпријатија што нудат еколошки производи и сервиси, туку и такви што сакаат да ја подобрат одржливоста на своите веќе постојни претпријатија. Се надеваме дека ќе имаме уште повеќе знаење и алатки за да им помогнеме на тој пат. Во план ни е и отворање е-продавница каде што ќе може директно да им ги пласираме производите на купувачите, а сонуваме и за физички простор што би бил не само продавница, туку и место на здружување на нашата екозаедница каде што ќе може да држиме работилници, дискусии, да имаме мини-бибилиотека со книги со еколошки тематики и слично. 

Инаку, моментно активно регрутираме нови членки во нашата мрежа на зелен бизнис, па секој сопственик на бизнис / иницијатива, без разлика дали е на самиот почеток или веќе развиен, и кој сака да допре до еколошки свесна публика, може слободно да контактира со нас на [email protected].

Напишете коментар