Лице в лице

ИНТЕРВЈУ СО МАРИЈА ЧУНДЕ: Одржлива убавина – како „Пура перла“ создава екоиднина

Време на читање: 4 минути

Нашиот процес на производство е создаден да се одвива со минимално трошење електрична енергија и со нула проценти загадување на животната средина и отпадните води. За поголемиот дел од производите имаме таканаречен студен процес на производство што е комплетно екоповолен. Нашите производи се спакувани во амбалажа со сертификат од стакло и од рециклирана пластика

Анета Ристеска

Фотографии: Ирина Крстевска

Во светот на природната козметика, сè повеќе луѓе се свртуваат кон чисти, екоповолни производи, кои не само што го негуваат нивното тело, туку и не ја нарушуваат животната рамнотежа на нашата планета.
Во Македонија, една таква трговска марка, која ги комбинира природата и науката, е „пура перла“. Основана од брачната двојка Бојан и Марија Чунде, „пура перла“ нуди рачно изработени козметички производи, кои се дизајнирани да бидат не само ефикасни, туку и целосно безбедни за кожата, организмот и за животната средина.

Марката нуди широка палета производи за различни типови кожа и специфична проблематика, како сува кожа, акни, брчки и хиперпигментација. Нивната чиста филозофија значи дека сите нивни формули се без парабени, сулфати, синтетички бои и мириси, со висококонцентрирани природни состојки, кои даваат забележливи резултати.

Во ова интервју, „Пура перла“ ја споделува својата инспирација за создавање на марката, како и предизвиците со кои се соочуваат при изработката на нивните уникатни производи, кои се дизајнирани да бидат и одржливи и етички создадени.

Како ја откривте потребата за органска козметика на македонскиот пазар и како се развиваше идејата за „Пура перла“?

Во потрага по целосно природен, а притоа и ефикасен антиперспирант, и неможноста да го најдеме на нашиот пазар, почнав со потрага по некои рецепти за подготовка во домашни услови. И така некако почна целата приказна. Подоцна почнав да си изработувам за мене и моето семејство и сапуни, балсами за усни, путер за тело…, за на крај, на 28 години, повторно да станам студент. Овој пат на Факултетот за козметичка технологија и производство.

Кои беа најголемите предизвици во процесот на создавање на козметичките формули и како излегувавте на крај со нив?

Самиот процес на создавање формула се состои од неколку фази и секоја од нив е посебен предизвик. Во одредени случаи со месеци работиме на идеална конзистенција на производот. За друг производ може да се задржиме на одредување на најдобрата арома, концентрација на одредена состојка. Исто така, и процесот на тестирање може да биде долг и интересен за набљудување.

Според Вашето мислење, што ги издвојува Вашите производи од другите на пазарот и како се осигурувате дека остануваат квалитетни и природни?

Ние сме препознатливи по високата концентрација на растителни масла и путер во сите состави поради што нашите производи се користат по неколку месеци. А тоа што јас и сопругот сме вклучени во целиот процес на производство и продажба ни дава сигурност дека не сме направиле никаков пропуст во однос на квалитетот на производите. Всушност, и еден од нашите принципи кога почнавме беше дека ќе формираме марка што нема да ги изневери купувачите во однос на квалитетот.

Како го градите еколошкиот аспект на Вашата марка и на кој начин Вашите производи придонесуваат за одржлива иднина?

Нашиот процес на производство е создаден да се одвива со минимално трошење електрична енергија и со нула проценти загадување на животната средина и отпадните води. За поголемиот дел од производите имаме таканаречен студен процес на производство што е комплетно екоповолен. Нашите производи се спакувани во амбалажа со сертификат од стакло и од рециклирана пластика.

Кој е најпрепознатливиот производ од Вашата палета и зошто мислите дека е омилен кај Вашите купувачи?

Наши најпродавани производи се: путер за трудници, маслените серуми и хијалуронските кремови за лице. Тоа што ги прави омилени кај купувачите, според нашето мислење, е тоа што резултатот од користењето што го добиваат е подобар од очекуваниот. Всушност, ова е и нашиот најдобар маркетинг што го имаме – препорака од задоволен потрошувач.

Што е најважното нешто што треба да го знаат купувачите пред да изберат органски производи за своја нега?

Тоа што треба да го знаат купувачите е типот на кожата или да ни ги опишат сопствените проблеми, навики и стил на живот за да им одбереме соодветни производи за нивната рутина за нега.

Како гледате на иднината на природната козметика во Македонија и што би препорачале за поголема еколошка свест кај потрошувачите?

Природната козметика кај нас има светла иднина затоа што свесноста за грижа за планетата и природните ресурси секојдневно расте, особено кај помладата популација. Тоа што ние би им препорачале на потрошувачите е при изборот на козметички производ да се информираат  за кругот на одржливост на марката, да се информираат за концентрацијата на производите со што  би одбрале продукт што, можеби, има помала милилитража, но повисока концентрација со што може да се користи многу подолго.

Вака се избегнува прекумерното пазарење и се  прави помалку отпад. Исто така, би апелирале производите секогаш да се користат до крај за да има време кожата да ги покаже придобивките од користење на продуктот.

Напишете коментар