Лице в лице интервју, Школа за медиумска писменост

Интервју со Огнен Јанески: Мора да најдеме разбирачка

Време на читање: 9 минути

Фотографии: Весна Лалиќ и Огнен Ацевски

Препознатлив лик, глас и дејствување. Секогаш на страната на одговорноста кај медиумите, но и на еднаквоста, вклученоста, поддршката, одговорноста, добрата практика… Силен поборник за човекови права, за слобода на говор. Новинар, уредник, консултант, ментор, тренер, водител. Уште многу именки, придавки и глаголи има да се кажат за Огнен Јанески.
Поводот за разговорот со него ни е наградата „Америго“, која ја доби неодамна во Фиренца, но бевме љубопитни да го слушнеме неговото искуство во работата со млади, животот на интернет и сите Сцили и Харибди што ги носи оваа бесконечна територија.

Патувавте до Фиренца за да ја примите наградата „Америго Европа“ за вашето застапување во новинарството и човековите права. Раскажете ни повеќе.

– Наградата „Америго“ во Италија се доделува 15 години. На почетокот била само за италијанските новинари. И сѐ уште во својата основа е за нив. Пред десет години, организаторите решаваа да  доделуваат само по една награда годишно на новинар што не е од Италија, но е од држава во Европа, а во соработка со 36 американски алумни асоцијации на континентот, кои имаат вкупно членство од околу 300.000 луѓе. Меѓу нив, по номинацијата од мојата матична организација Македонско-американска алумни асоцијација, техничкото жири на „Америго“ решава да ми ја додели мене годинава, со тоа што станав првиот новинар што ја добил надвор од земјите на ЕУ. Оваа награда се доделува во соработка со генералниот конзулат на САД во Фиренца, во однос на унапредувањето на односите меѓу нас и САД, а врз основа на постигнати резултати во областа на новинарството, активизмот и застапувањето за човековите права.

Како стоиме со човековите права, Огнен? Зошто е толку тешко една олку мала земја да се грижи за човековите права?

– Помалите земји, како нас, се чини дека имаат помалку работа во однос на своите обврски кон сите сограѓан(к)и, поради демографската статистика. Но, истовремено, пак, кај нас особено, тоа е и еден од предизвиците имајќи го на ум шаренилото од различности, што е прекрасно. За нашите политички сили, пак, тоа, веројатно, е проблем со кој мора да се соочуваат, место да соработуваат. 

Ние имаме генерален проблем поради немањето соработка. И тоа суштинска, професионална, а, сепак, пријателска, но, со заедничка волја за сите како колектив, преку почит кон индивидуалното. Лично, проблемот го согледувам во немањето разбирачка. И на работите што се прифаќаат, затоа што мора да се прифатат поради разни правнообврзувачки договори, потоа не се работи на нив за да се разберат зошто се прифатени, или треба да се прифатат. И зошто е тоа добро за сите. Нашите власти во изминатите децении пред избори имаат политичка волја речиси за сите човекови права, но, кога ќе дојде моментот за одредени групи, ги ставаат под тепих мислејќи дека никој од нив нема да се сопне на поттурнатото, но историјата, кога-тогаш, го покажува спротивното. Мора да сфатиме дека доколку одредени работи не се дел од нашето секојдневие и семејно воспитание (ако сѐ уште го има) тоа не значи дека не постојат или не треба да постојат. Постоеле, постојат и ќе постојат. Наша желба треба да биде да го разбираме тоа што не ни е сфатливо. Односно, да проучиме, да поразговараме, да седнеме со поинаквите од нас и да си го прошириме кругот на познанства, но и умот за искуства. И двете се растегливи категории, прашањето е само колку ние сме отворени да се надградиме и колку сакаме да бидеме дел од единството, за кое, ако не се бориме, ќе дојде ден кога и ние ќе бидеме проблематизирани и непожелни.

Вие сте и амбасадор на Советот на Европа и ЕУ против говорот на омраза за земјите од Западен Балкан. Како се соочуваме со говорот на омраза, особено на интернет?

– За состојбата во рамките на земјите од Западниот Балкан може да се зборува заеднички, токму од аспектот што вие го споменувате, односно за огромната присутност на говорот на омраза во просторот на интернет. Во различни држави, тој има различни нивоа на замав. Кај нас тоа е изразено преку социјалните мрежи. Во Србија, покрај тоа, особено е изразен во коментари што се пишуваат под објавените текстови во медиумите на нивните веб-страници. Во другите држави е комбинирано, а некаде дури е и многу присутно во реалните емисии, како што е случај во Косово и во Албанија.

Ние имаме неколку можности за борба против говорот на омразата и тоа на државно ниво преку Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Народниот правобранител, но и преку судскиот и обвинителскиот систем, каде што се прави препознавање на незаконски дела поврзани со вознемирувачки говор. Дури и во одделните држави на ЕУ тешко ќе наидете на унифицирана дефиниција за тоа што е говор на омраза. Но, според моето мислење, едно е сигурно – слободата на изразување не подразбира и говор на омраза и тоа секогаш ќе го истакнувам. 

Живееме во време кога сите сме на социјалните мрежи, споделуваме, информираме, комуницираме. Но, одговорноста, како да ја нема.  Кој е противотровот за ширењето штетни содржини?

– Ние се бориме системски и против говорот на омраза, но и против штетните содржини, иако достапните алатки ни се сѐ уште слаби и неефикасни. Треба да ни стане јасно дека никој не е имун на оваа појава. Треба да сфатиме дека тоа што сега ни се чини дека ни оди в прилог за какви и да е цели, а, во основа, е штетно за некого, еден ден ќе ни се врати, но ќе бидеме од другата страна. 

Во своите познати белешки, со наслов „Тие прво дојдоа…“, германскиот теолог и истакнат антинацист, Мартин Ниемулер, во 1946 година ќе подвлече дека бил сведок како нацистите доаѓале по многу разни групи сограѓани околу него, а тој не проговорил против затоа што не бил ништо од тоа. Кога дошле по него, не останал никој за да зборува во негова одбрана. Овие белешки имаат длабоки поуки за сите нас, кога станува збор за колективот и за борбата против штетите врз колективот. Но, ние веќе живееме во глобални предизвици, каде што не е јасна границата на тоа што е штетно против некого, а што полезно. Дозволивме да се доведеме до ниво на релативизација на погрешното, на негово романтизирање по серии, филмови и книги, до преиспитување на доброто и на лошото. И сето тоа без никаков темел за младите генерации, кои треба да го преземат овој свет. Светот јасно знаел кој е заедничкиот непријател во Втората светска војна. Светот јасно знаеше против што се бори и во текот на пандемијата од ковид-19, но остави да живурка и штетната нарација. Потсмевот кон необразованите и дозволувањето секому да биде дел од медиумска содржина, па дури и без никаква експертиза за стручни прашања, нѐ доведува дури и до небулозни разговори за тоа дали Земјата е рамна плоча.

Ние мора во животот да се посветиме на воспитувањето на младите генерации, при што, доколку нешто не знаеме, треба да се обратиме за информација, а не да тресеме од ракав детали, поради кои ќе израснат неуки самоуверени идни лидер(к)и тргнати во погрешна насока. И тука ни е клучна и медиумската писменост, покрај другото.

Сведоци сме и на низа многу штетни трендови и кај најмладите. Добиваме пораки од наставници да внимаваме што прават децата на социјалните мрежи, здравствени установи апелираат за тоа кога им доаѓаат деца со скршени раце, нозе… Место колатерална придобивка од интернетот – да се информираме за сите нешта што ќе нè направат подобри луѓе, ние „се забавуваме“, трошиме време, а децата немаат детство надвор. Како да не биде вака?

-Не знам дали би се согласил со нашироко прифатената носталгичност за детството поминато на улица. Секое дете има свој свет во кој расте и тој треба да се негува. Притоа е важно да му се всадат основни вредности – логика, етика, (само)почит и колективна одговорност. Логично е дека детето треба да разбере дека некои предизвици на „Тикток“ може да имаат сериозни здравствени последици. Место забрани, треба да му се објасни зошто се опасни и како можат да им наштетат и нему и на другите.

Игнорирањето на социјалните мрежи од страна на родителите и недостигот од разбирање за начинот на кој ги користат младите, создава сериозен меѓугенерациски јаз. Родителите треба да бидат информирани и активни учесници во дигиталниот свет на своите деца бидејќи само така можат да им укажат на потенцијалните опасности.

Ние на телевизија сме гледале како луѓе скокаат од зграда на зграда, но сфаќавме дека тоа е опасно бидејќи сме разговарале со родителите. Денес, дигиталните медиуми бараат ист пристап – родителите треба да ги истражат платформите како „Тикток“ за да можат да комуницираат на разбирлив начин со своите деца.

Дополнително, медиумите и образовниот систем имаат клучна улога во оваа трансформација. Во образованието е неопходно да се вметне поголем фокус на дигиталната писменост бидејќи ако ја игнорираме оваа реалност, ќе се соочиме со сериозни последици во иднина. Имено, денешните млади, кои учествуваат во ризични предизвици, утре ќе донесуваат одлуки што ќе влијаат на целото општество.

Малку и за новинарството. Печатот одамна умира. Велат, никој не чита. Или, читаат само наслов. А ова, пак, душа дало за наслови-јадици. Информациите ги добиваме само преку кратки видеа. Тоа си носи, ете, предизвици како оние погоре. Треба ли да го враќаме луѓето на долги форми за читање? Или не треба? 

Верувале или не, исклучително ми беше интересно да забележам одредени појави кај помладите претставници на генерацијата Зет дека се интересираат за весници, магазини, па дури и за крстозбори. Кога сте родени со нешто што на претходните генерации им било интересно и го живеат со полна пареа, сакате вашата генерација да биде поинаква од нив, а според тоа и вие како индивидуа. Издвојувајќи се, често несвесно се навраќате кон тоа што било модерно и секојдневно во генерацијата на таа пред вашите родители. Нам таа не ни е далеку, но ним им е во антиката. А со тоа е и привлечна.
Во едно кафуле забележав како млади келнер(к)и се довикуваат додека се на смена за тоа како се решава крстозборот прашувајќи ме каде да набават затоа што тешко се наоѓале. Кај други, помлади генерации, наидувам на интереси за издавање училишни весници и возобновување на радиото, преку системите за разглас на училиштата. Фасциниран сум од тоа. Но, го согледувам како сосема природен процес. Процес, кој во догледно време ќе доведе до генерациска замена на тоа што е интересно за постарите, а што за помладите. Но, да бидам искрен, читањето долги форми мора да биде проследено со исклучително добар маркетинг на социјалните мрежи. Треба да се направи да биде привлечно, да биде предизвик, да биде прифатливо од околината, а околината ќе прифати ако тоа го направат поистакнатите меѓу нив, или денес наречени инфлуенсери. Младите генерации не се толку глупави колку нас, па да скокаат на секој кликомамец (македонски за clickbait). Истражувањата покажуваат дека генерација Зет има растечки интерес за печатени изданија како начин за дигитален противотров и заедничко искуство во групи.

Како да преживее (печатеното) новинарството во ова време на масовно невнимание (внимание од три до пет секунди)? 

Има еден интересен феномен, а тоа е дека, од една страна, вниманието денес е прилично краткотрајно, а, од друга страна, поткастите, во просек, траат по два часа. И тоа посочува на потреба од сосема други истражувања за вниманието, наспроти тие што ги имавме порано. Тоа посочува на тоа дека медиумите треба да најдат нови начини, или, можеби, веќе добро истражени и т.н. застарени начини за привлекување на вниманието на публиката и на читателите. И, можеби, ако ги земеме предвид интересите на младите за минатото, начинот на известување и забава во минатото, а тоа да биде придружено со изградена доверба кај публиката и своевиден авторитет, тогаш ќе ги задржиме подолго од пет секунди. Затоа што речиси никој од нашите генерации не би седел да гледа поткаст од два часа, а не, пак, некогаш три и повеќе. Ние го немаме тоа време. Младите го имаат и тоа треба да го земеме предвид. 

Како човек што работи многу и со млади, како повозрасните генерации да се разберат со младите? Како да им се доближиме, да соработуваме, да твориме заедно? 

– Кога бев во едно основно училиште во Скопје да одржам предавање за медиумска писменост и дезинформации, на мое изненадување, место редовната возраст од шесто до деветто одделение, имав публика од трето до петто одделение. И се најдов пред сериозен предизвик во врска со тоа како, пред сѐ, ваквите термини да им ги доближам на децата. 

По 20 минути разговор со нив, ги прашав што е тоа за што се расправаат меѓу себе дали е вистина или лага. Што е тоа што ги двои на различни страни, поради информација што доаѓа од „Тикток“? И тие ми посочија дека главната расправија им била за тоа дали птицата додо е сѐ уште жива, или е изумрен вид. Зошто? 

Затоа што на „Тикток“ имало видеа во боја од птицата. Среќа, имам широки интереси во животот, па птицата додо се нашла меѓу нив некогаш. И ова не е нова расправија. Односно, била во 18 век меѓу научната фела, кога се заклучило дека е изумрена кон крајот на 17 век, врз основа на четири препарирани примероци што биле донесени во Европа, од нивното природно живеалиште на островот Маврициус. Но, кој е клучниот проблем кај децата? Фотографијата во боја. 

Нивната логика вели дека не може да биде во боја затоа што тогаш немало таква технологија. Но, тие на „Тикток“ виделе таква. Тоа што некој требало да им го објасни на децата е дека таа фотографија била од препариран примерок од Универзитетскиот природонаучен музеј во Оксфорд, Англија. И притоа да ги научи децата што е препарирање, како човекот довел до изумирање на животински видови, што е музеј и зошто чува примероци и, притоа, како дел од медиумската писменост да им посочи за развојот на фотографијата низ историјата, на пример, и препознавање фотографии која од кое време би можела да биде. 

Кога ќе забележите интерес кај најмладите за одредена тема, негувајте ја, затоа што преку неа ќе извлечете можности за пренесување знаење за многу теми, кои во спротивно не би биле интересни. 

Oваа содржина на „Лице в лице“ се реализира во рамки на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“- Скопје и не мораат да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Напишете коментар