ИНТЕРВЈУ, Тања Балаќ: Во време на глобални промени – видеоуметноста може да биде моќен инструмент за критичко размислување и освестување
Балаќ, која со години е препознатлива по своите слики, пастели и колажи, во последната декада се навраќа кон видеоуметноста како клучен медиум за нејзиниот ангажман. Овие видео дела отвораат прашања за моќта на технологијата, границите на приватноста и културниот идентитет, притоа создавајќи визии кои го предизвикуваат гледачот на саморефлексија. Од почетните „Граѓани“ и „Без приватност“ до поновите дела како „Следната генерација“ и „Луцидни соништа“, нејзината работа е сведоштво за постојаното преиспитување на личните и колективните приказни.
Анета Ристеска
Јубилејот од еднодецениското творештво на полето на видеоуметноста, македонската уметница Тања Балаќ неодамна го одбележа со проекција на десет видео-уметнички дела во Кинотеката на Македонија. Оваа проекција, претставуваше ретроспектива на нејзините дела од 2014 до 2024 година, низ кои се истражуваат теми што ја преиспитуваат сложената природа на човековата интеракција со општествените и политичките структури.
Делата се длабоко вкоренети во контекстот на глобалните и локалните политички текови, како и етиката на нееднаквост и припадност, но, во центарот на нејзиниот фокус е секогаш човекот – индивидуата како бескрајна инспирација.
Балаќ, која со години е препознатлива по своите слики, пастели и колажи, во последната декада се навраќа кон видеоуметноста како клучен медиум за нејзиниот ангажман. Овие видео дела отвораат прашања за моќта на технологијата, границите на приватноста и културниот идентитет, притоа создавајќи визии кои го предизвикуваат гледачот на саморефлексија. Од почетните „Граѓани“ и „Без приватност“ до поновите дела како „Следната генерација“ и „Луцидни соништа“, нејзината работа е сведоштво за постојаното преиспитување на личните и колективните приказни.
Како се чувствувате одбележувајќи го ова значајно достигнување – десетгодишно творештво во видеоуметноста? Што значи тоа за Вас?
Пред секое претставување и изложување на своите дела пред публиката, адреналинот и возбудата се составен дел на сценариото. Тоа истовремено претставува и рекапитулација на творештвото, но и можност за размислување за патот што го поминав. Секое дело е дел од мојата лична и уметничка историја, и чувствувам гордост што можам да ги споделам со публиката. Тоа е и чувство на исполнетост на мојот внатрешен свет и секако потврда за напорите и ангажманот во истражувањето на теми за кои сметам дека се важни.
Што ве мотивираше да ја користите видеоуметноста како медиум за истражување на теми како нееднаквост, приватност и глобални политички императиви?
Видеоуметноста ми дава уникатна можност да создадам динамични наративи и визуелни искуства. Многу често содржината ми го одредува самиот медиум на изразување. Таа ми овозможува да истражувам комплексни теми и да ги пренесам до гледачот на начин што е непосреден и интерактивен. Живееме во едно време на огромни промени и авторот само не треба да ги затвори очите пред секојдневните проблеми со кои се соочуваме. Ние изобилуваме со теми кои едноставно повикуваат на уметничка акција, независно дали се од областа на екологијата, сиромаштијата, бегалската криза, родовата нееднаквост, проблемите со кои се соочуваат младите, како што е оттуѓеноста, депресијата… Чувствувам дека токму во времиња на глобални промени и конфликти, видеоуметноста може да биде моќен инструмент за критичко размислување и освестување, но и да оди чекор понапред, да отвора нови прашања и можеби да повика на можни решенија.
Како го одржувате уметничкиот интегритет во ерата на дигитална технологија и колку таа го обликува вашето творештво?
Технологијата е меч со две острици, таа дава нови можности, но и предизвици, но јас секогаш повторувам дека мора да внимаваме да не бидеме „заведени“ од неа во однос на естетиката. Се обидувам да останам верна на моите принципи и визија, без разлика на тоа колку е лесно или популарно да се следат трендовите. Мојот фокус е на содржината и пораката на делата, а не само на формата. Дигиталната технологија ми помага повеќе да експериментирам, честопати одредена порака многу полесно ја артикулирам токму преку експерименталното видео.
Како вашите дела ги поврзуваат локалните и глобалните теми, и дали видеоуметноста има уникатна моќ да го направи тоа?
Моите дела често почнуваат од специфични локални контексти, но секогаш се обидувам да ги поставам во поширока глобална рамка. Видеоуметноста има способност да ги пренесе овие наративи во визуелен формат, што им овозможува на гледачите да се идентификуваат со ситуациите и темите. Таа може да создаде емотивна врска и да поттикне размислување за комплексните односи помеѓу локалното и глобалното.
Која е вашата порака до идните генерации видео уметници и што би им советувале на оние кои се на почетокот на својот пат?
Мојата порака е да останат искрени и да веруваат во својата визија. Не се плашете да експериментирате и да се ослободите од стереотипите. Уметноста е моќно средство за промена и изразување секогаш. И, најважното според мене, никогаш да не заборават да го слушаат својот внатрешен глас.
Прочитајте и за други теми
- Една трансплантација чини колку една годишна дијализа
- Менторството како мост за промена: Од несигурност и страв кон самодоверба и самостојност
- Со „Лице в лице“ честитките множиме добрина, делиме радост
- Донаторска акција „Стопли детско срце“ – во Startup Club Skopje
- Хуманитарен настан во организација на ХЕРА: Промоција на креативноста на младите девојки и поттикнување на општествена солидарност