[Интервју] Верица Бакулевска, психолог: Влијанието на инфлуенсерите може да има и позитивни и негативни ефекти врз менталното здравје на младите
Во време кога дигиталните медиуми и социјалните мрежи се во подем, а тоа директно се одразува врз начинот на живот, секојдневието, па дури и насочувањето кон одредена професија, впечатокот е дека младите од генерацијата зет па натака живеат во поинаков свет со различни вредности. Инфлуенсерите заземаат голем простор на социјалните мрежи, а нивното влијание врз онлајн публиката се мери во лајкови, следбеници и споделувања. Но, и во повторување на нивните примери или слушање на нивните совети и предлози за кои публиката знае да им даде повратни информации.
Инфлуенсерите се личности кои на следбениците им се достпани само преку еден клик и тие ги доживуваат како блиски пријатели. Паралелно, испробувањето во оваа професија на многу млади локално и глобално им делува сѐ попрималиво со тоа што им пружа нови можности за работа и начини на размислување како и остварување финансиска самостојност. Но, влијанието и стандардите кои ги поставуаат омилените инфлуенсери се одразува и на ментално здравје. Истовремено, посегнувањето кон кариера на инфлуенсерство носи свои предизвици кои се чувствуваат на различни начини. Повеќе за тоа какво позитивно, односно негативно влијание имаат инфлуенсерите врз своите следбеници, како и за тоа како оваа професија се одразува на менталното здравје на инфлуенсерите, во продолжение разговараме со психологот Верица Бакулевска.
ЛвЛ: Младите се постојано изложени на социјалните мрежи, каде одреден дел од содржината што ја следат е креиерана и презентирана од инфлуенсери. Понекогаш тоа се работи кои ги инетересираат, понекогаш се трендови кои преку тоа им се наметнуваат, а понекогаш идеал кон кој тие посегнуваат – да бидат инфлуенсери самите или да креираат содржини налик нивните омилени инфлуенсери. Како сето ова (може да) влијае врз менталното здравје на младите?
В.Б: Инфлуенсерите не влијаат само врз младите. И возрасните, (вклучувајќи ме и мене), често следат одредени личности кои имаат влијание врз нашите интереси. Сепак, како возрасни, обично имаме подобра способност да ја филтрираме содржината и критички да ја процениме нејзината релевантност. Порано, славните личности како актери, музичари или спортисти имаа слично влијание врз младите. Тие беа идеали кон кои се стремевме, но нивното присуство најчесто беше ограничено на филмови, телевизиски емисии или интервјуа – медиуми што не беа постојано достапни.
Денешните инфлуенсери, за разлика од тоа, се присутни на социјалните мрежи секојдневно, а нивната содржина е на дофат на младите со само еден клик. Ова постојано присуство создава чувство на близина и лична врска, поради што младите често ги доживуваат инфлуенсерите како познати пријатели, а не како недостижни славни личности. Овој вид непосредност значи дека инфлуенсерите не само што влијаат врз стилот, хобијата или ставовите на младите, туку имаат и поголема моќ да ги обликуваат нивните секојдневни однесувања и навики. Влијанието на инфлуенсерите може да има и позитивни и негативни ефекти врз менталното здравје на младите.
Сметам дека е важно да напоменам дека инфлуенсерите не се по дефиниција лоши или штетни. Многу од нив ги користат своите платформи за да промовираат позитивни пораки, како што се: прифаќање на телото, свесност за менталното здравје и социјална правда. Следењето на инспиративни и креативни содржини може да ги поттикне младите да ги развијат своите интереси, вештини или да најдат мотивација за личен развој. Но, додека некои од овие личности се свесни за својата млада публика и создаваат содржина која е безбедна и пријатна за сите, други се помалку совесни. Многу инфлуенсери промовираат нереални стандарди за физичкиот изглед, што може да придонесе за незадоволство од сопствениот изглед и развој на пореметувања во исхраната кај нивните следбеници. Тие исто така промовираат материјализам и консумеризам, охрабрувајќи ги своите следбеници да купуваат производи кои не им се потребни или кои не можат да си ги дозволат.
Нивниот добро обработен содржински материјал може да создаде искривена слика за реалноста, што ги наведува младите да се чувствуваат дека не се на нивото на своите врсници или на идеализираната верзија од себе што ја создаваат онлајн. Сето ова може да предизвика чувство на несигурност, ниска самодоверба или анксиозност.
ЛвЛ: Според вас кога младите ја избираат оваа професија во денешно време дали мотивот е поради брзи пари, со оглед на тоа дека понекогаш појавата на социјалните мрежи и креирањето содржини може да изгледа попримамлива од влегувањето во редовен образовен процес и насочување кон одредена професија или пак мотивот навистина лежи во поривот да менуваат работи/начини на размислување преку инфлуенсерство?
В.Б: Сметам дека причините за избор на оваа професија варираат од личност до личност. Некои се привлечени од идејата за брза заработка и луксузни од начин на живот што го презентираат успешните инфлуенсери. Фактот дека оваа професија може да изгледа поедноставно и пофлексибилно од традиционалните професии ја прави уште по примамлива.
Од друга страна, постојат и млади луѓе чиј мотив лежи во желбата да направат промени или да инспирираат други преку својата платформа. Овие инфлуенсери гледаат на социјалните мрежи како можност за изразување на сопствените идеи, вредности или таленти и сакаат да бидат катализатор за позитивни промени.
Тука е и можноста за рано започнување на кариера. Повеќето луѓе ги започнуваат своите кариери по завршувањето на факултет. За тоа време, многу инфлуенсери веќе стекнуваат име за себе и голема публика.
Сепак, важно е да се напомене дека реалноста на оваа професија често е многу поразлична од она што изгледа на површината. Да се биде успешен инфлуенсер бара постојана работа, иновација, ангажман и често голем психолошки товар поради притисокот од конкуренцијата и очекувањата на публиката. Затоа, иако мотивите можат да бидат различни, многу млади можеби не се целосно свесни за предизвиците што ги носи оваа кариера, особено ако ја изберат поради илузијата за лесен успех.
ЛвЛ: Колку стресна може да биде работата на еден инфлуенсер и како тоа може да влијае на менталното здравје?
В.Б: Верувам дека секоја професија си носи свој стрес, па така и инфлуенсерството. Иако ваквата професија често изгледа гламурозно, со себе носи значителен стрес кој може да влијае на менталното здравје. Постојаната побарувачка на нови содржини создава притисок и може негативно да влијае врз нивната креативност.
Некои од нив може да се чувствуваат обврзани да бидат активни 24/7, што ги прави склони на „согорување“ – burnout. Дополнително, инфлуенсерите редовно се изложени на негативни коментари, критики и сајбер булинг, што може да ја намали нивната самодоверба и да предизвика анксиозност или депресија. Понатаму, соработките со различни брендови, очекувањата од публиката и стравот од губење на истата, може дополнително да ја влошат состојбата. Ова докажува дека, иако работата на инфлуенсерот може да биде возбудлива бара голема психичка подготвеност. Поддршката од семејството и пријателите е од суштинско значење за справување со овие предизвици.
ЛвЛ: Кога започнуваат со инфлуенсерство, покрај од локалните често може да се водат по идеалите кои ги претставуваат светските инфлуенсери, соодветно светските трендови. Колку и на кој начин тоа може да се одрази врз нивната ментална состојба?
В.Б: Притисокот да се биде популарен и успешен според глобалните критериуми може да предизвика голем стрес, што дополнително ги зголемува ризиците за ментални здравствени проблеми. Младите можат да се чувствуваат изолирано ако нивните интереси не се совпаѓаат со оние на нивните идоли, а тоа може да резултира со чувство на неуспех или депресија. Постојаната споредба со луѓе кои живеат во сосема различни услови може да има сериозни последици по нивната самопочит и социјални вештини. Затоа, важно е да се поттикне развој на критичко размислување кај младите инфлуенсери за да можат посвесно да прават разлика помеѓу виртуелниот свет и реалноста и да се фокусираат на нивната сопствена уникатност, наместо да се обидуваат да ги следат туѓите идеали.
Ангела Бошкоска