Исклучителен посетител во Охрид – по 29 дена патување
Дејан Џуран од Хрватска e поранешен високогорски планинар и алпинист, кој изминатиот викенд, по 29 дена патување, пристигна во Охрид со својот електричен велосипед.
Допатува, носејќи порака за силата, едноставноста, различноста, препуштањето.
Всушност, пред неколку години му била дијагностицирана Паркинсонова болест и морал да заврши со своите активности како планинар. Но, го открива велосипедот, и како што вели, од тој момент ова средство станува негов Универзум.
Маратонот од Хрватска до Македонија го именува како „Форест Гамп“, ликот кој е мошне значаен за него.
Споделува дела негово мото е „Тргни сега и одма“, лекција која ја научил со болеста, од која како што вели направил предност, а не недостаток.
– Радосен сум што сум во Охрид, и од овој пат назад дома ме чека семејството и моите две кучиња, вели Џуран.
Неговите залагања врзани за спортувањето и велосипедизмот имаат за цел поттикнување на болните со Паркинсон за поинакво осмислување на животот. Тој е инспирација за секој што е подготвен со отворено срце да ја чуе неговата приказна.
– Кога би напишал книга, таа би содржела само два збора „Одушевен сум“, ни вели Дејан за Охрид, кој се надева дека ова нема да биде негова последна посета на овој град и на Македонија.
М. И.