Актив арт, Граѓаните можат, Магазин

„Како ја дефинираш ароганцијата?!“ ќе се дистрибуира како НФТ

Време на читање: 4 минути
- банер -

Ако филмот донесе јасност и изрезонира со гледачот, тој ќе има можност да си купи НФТ (дигитална копија на филмот зачувана на блокчејн) или бандл НФТ-ја во кои освен филмот би ги добил музиката, сцените што не влегле во филмот, уметничките колажи користени во нив, фотографиите итн, вели авторот Небојша Илијевски  

Ароганцијата на која сме изложени во секојдневните животни борби често придонесува да се загубиме себеси оневозможувајќи си го потребното внимание и свесност за суштината на животот. Ова е темата на долгометражниот документарен филм „Како ја дефинираш ароганцијата?!“ според сценарио и во режија на Небојша Илијевски, чија дистрибуција е планирана како НФТ проект. 


Од продукцијата велат дека, по „Zero Contact“, со Ентони Хопкинс во главната улога,  кој целосно се дристрибуира како ексклузивен НФТ проект, ова документарно издание има амбиција да ги искористи бенефитите на блокчеин платформата за да испрати неколку пораки:

– НФТ засега го знаеме како (сега веќе не толку) нов тренд за промоција и купопродажба на уметнички дела. Но, блокчејн врз кој се темелат и платформите за тргување со НФТ зад себе всушност има многу хумана приказна.  Блокчејн во својата суштина овозможува да се намали неизвесноста во интеракција помеѓу две лица при купопродажниот процес. Тој гарантира потполна транспарентност на сите трансакции направени на овој начин – вели авторот Илијевски.

- банер -

Тој додава дека, по првите проекции на филмот, се кристализираат две работи:
– Луѓето се препознаваат во приказните на петте ликови, и второ, како да се подготвени да се придружат кон храброста и жртвата на ликовите во филмот за да испратат порака до институциите, деловните, политичките, црковните моќници, па дури и до бирократијата на ЕУ. Ова доведе до идеја ова да им се овозможи на гледачите – појаснува тој.
Додава дека идејата е секој да може да го види филмот без надомест.
– Ако филмот донесе јасност и изрезонира со гледачот, тој ќе има можност да си купи НФТ (дигитална копија на филмот зачувана на блокчејн) или бандл НФТ-ја во кои освен филмот би ги добил музиката, сцените што не влегле во филмот, уметничките колажи користени во нив, фотографиите  итн – вели Илијевски.

Авторот посочува и дека фондот кој на овој начин се формира, има можност да испрати јасна порака:
– Решенијата постојат, крајно се едноставни и можат да влијаат на целите животи на ликовите кон кои се врши некако вид на неправда…Тоа сме сите ние, кои сигурно во текот на нашата социјално економска интеракција со системот сме биле искористени на некој начин. Така, пензијата што државата му ја должи на Ристо Донев, македонскиот Стивен Хокинг, за своите спортски постигнувања, народот ќе му ја исплати. Сите останати актери исто така имаат своја мисија за која поддршката од гледачите е пресудна – вели тој.

Документарниот филм премиерно беше прикажан во април во Скопје.
Музиката е на Бобан Лазовски, кој за љубителите на транс музиката е познат како светски автор – Егоритмија. Камерата е на Бошко Столиќ и на Томислав Георгиев, анимациите на Ратомир Цениќ, колаж артот на Маргарита Василевска, уметнички директор и сценограф е Дејан Спасовиќ, а монтажата е на Небојша Илијевски.

Ова е филм за последиците од дејствувањето на властите, профитерите, бирократијата врз животот на малите луѓе, но и за спознанието за моќта на тој мал човек, кој е потиснуван од ароганцијата и заробен во своите стравови, мисли, шаблони. Филмот го нагласува потенцијалот да живееш место да живуркаш, фокусирајќи се на суштината место на формата. 

Есецијалната цел на филмот е гледачите да се охрабрат и да се мотивираат да се загледаат во своите лични контексти и да си понудат и пронајдат решенија што ќе ги вратат кон себеси, кон нештата што навистина се важни во / за животот, кон вистинското „јас“. 

„Човекот, постојано си ја бара слободата! Но, за жал, само надворешната слобода. Таа што е во релација со општествениот систем. Така, тој е определен на борба со општеството, но не и на борба со внатрешната психолошка структура, која тој систем, практично, го создала. Значи, вистинскиот радикал се наоѓа внатре! Внатре во нас, а не таму надвор, во рамките на општествениот поредок“, се вели во една реплика од филмот.

Преку платформата http://arrogance.mk гледачите имаат можност за интерактивен придонес кон целиот контекст на освестување за личната ароганција во однос на сопствениот живот.
Продукцијата е на „Холистик филм“, а е поддржан од Агенцијата за филм.  

Колаж артот кој е работен за филмот е на авторката Маргарита Василевска

Напишете коментар