Доза вести, Лице в лице со ..., Лице в лице со продавачите на уличното списание

Математичари или пејачи – „Лице в лице“ е тука да биде отскочната штица за сите

Гордо на засилениот тим продавач(к)и, како и на солидарната и пријателска атмосфера кај нив, „Лице в лице“ го издава 50. издание со верба во подобро и поинклузивно општество

Летната атмосфера во „Лице в лице“ станува уште позагреана со приклучувањето на неколку нови продавачи во тимот. Ајтен, Аманта, Фатма, Сунај и Сељатин изразија желба да видат како е да се биде во униформата на уличното списание за одржлив развој. Тоа што беше за поздрав е поддршката што пристигна од нивните поискусни колеги – Рахман, Рамајана и Самир, кои им објаснуваа како подобро да продаваат. Ги поддржаа на првите продажби на терен, а и не заборавија да ги потсетат за тоа што треба во изобилство да го делат кон публиката – насмевки и позитивна енергија.

Рамајана и Рахман , им даваат поддршка на Сунај и Сељатин во нивните почетни денови како продавачи на „Лице в лице“



Продавачките од „Порака Неготино“ од Волково, пак, Анабела, Горде, Пепи, Кате и Марица, кои редовно продаваат во тим летово, покрај градинарството во заедницата каде што живеат, ќе се посветат и на продажба на јубилејното, 50. издание.
Гордо на засилениот тим продавач(к)и, како и на солидарната и пријателска атмосфера кај нив, „Лице в лице“ го издава 50. издание со верба во подобро и поинклузивно општество.
Од ИТ компанијата „CodeChem“, нашите продавачи добија и подарок ранчиња, кои ќе бидат дел од нивните летни униформи. Со овој подарок, тие порачуваат:
„Денес имате можност да изградите утрешен ден каков што посакувате“.

Амир го запознавте како детето од улица што освои трето место на натпреварот по математика „Кенгур“, а сега ви го претставуваме и како нов продавач на „Лице в лице“.  Желбата на Амир да биде продавач на „Лице в лице“ се јавила уште пред неколку години, кога ја забележал позитивната промена кај  неговите пријатели откако станале продавачи на списанието. Вели дека ова е можност да излезе од своето маало, да запознае и поразговара со други луѓе, но и да заштеди некој денар за да ги почести пријателите сокче. Сака да здобие животни и работни вештини, кои ќе му помогнат да стане поконкурентен на пазарот на трудот. На ваков математичар не му требаше едукација во однос на финансии и враќање кусур.

Се радуваме кога на гости во канцеларија ни доаѓаат Анабела и Перјана затоа што со себе носат една неуморна и позитивна енергија. Анабела ни сподели дека е најсреќна кога заедно со нас пие „нес“ кафе кај нас во канцеларија и разговараме за нашата работа, но и за нејзините активности во заедницата во Волково. Вели дека најчесто ќе ја најдат во Дебар маало, но многу често знае да пешачи од „Сити мол“ до центар продавајќи го списанието. Парите што ги заработува засега ги штеди, затоа што во моментов има сè што сака и ништо не ѝ недостига.

Перјана ни сподели дека ужива додека продава во друштво и дека најубаво ѝ е со Анабела. Додека продаваат си разговараат и за работата, ама и за нивниот живот. „Лице в лице“ продава најмногу поради разговорите што ги има со купувачите. Кога ќе ја прашаат како е, Перјана е најсреќна затоа што, како што вели, тоа покажува дека луѓето се грижат за неа. Задоволна е и се радува кога купуваат списание од неа, ама и кога нема да купат, таа ги поздравува со поздравот: Да сте живи и здрави, следен пат ќе купите!

Ајтен едвај чекаше да заврши училишната година затоа што Ирена Велкоска, координаторката на Центар за заштита на правата на детето – Дневен центар за деца на улица Шуто Оризари, ѝ вети дека тогаш ќе може да стане дел од тимот на „Лице в лице“. Таа е една од поновите и повредни продавачки на списанието. Вели дека излегува секој ден и секој ден ѝ оди сè подобро. Ја радува комуникацијата со луѓето надвор од нејзината заедница. Ни сподели и дека има нерасположени луѓе, кои само ѝ одмавнуваат со раката, но има и такви што ја охрабруваат, ја поздравуваат идејата што чесно си заработува и ја поддржуваат со тоа што купуваат списание иако веќе имаат примерок од него. Вели дека никогаш нема да ги заборави зборовите и прегратката на една повозрасна госпоѓа, која ја пресретнала пред некој ден и кратко поразговарала со неа. Сето тоа ми е искуство во животот – вели Ајтен. Неа ќе ја препознаете по тоа што продава и си пее, таа е славејчето на „Лице в лице“…

Напишете коментар