Магазин, Час по родови прашања

Зошто жените жртви се враќаат кај насилникот?

За жената, конечно, да реши да проговори, да го пријави, да го остави и да не му се врати на насилникот, клучна е  вистинската и навремена информираност за нејзините права, но, секако, и довербата во институциите. Важно е да ја познава законската рамка, но и динамиката на насилство. Што и да реши да преземе треба да биде сигурна дека има поддршка од некого. Дури и да не се реши веднаш на тоа на што ја советуваме, информациите остануваат во неа и, можеби, ќе ги искористи по неколку години, ама, секако, ќе бидат важни за жртвата да помине низ процесот побезболно и побезбедно

Ти си го одбра, никој со сила не ти го донесе, трпи си го сега.
Каде ќе одиш сама со децава? Нема ни две недели да издржиш.

Статистиката покажува дека дури седум пати жртвата му се враќа на насилникот, пред, конечно, да реши да го остави. Патот до одлука за напуштање на насилната средина е многу долг и тежок за секоја жртва.Во кругот на насилство, првата фаза е подигнување тензија, односно насилникот поставува барања што жртвата не може да ги исполни, сѐ со цел да ја наруши атмосферата. Втората фаза е ескалација и тогаш доаѓа до брутално насилство, кога најчесто жртвата го напушта и бара засолниште кај најблискиот круг на семејството или пријателите. Третата фаза, пак, е таа, која најчесто и не се препознава како насилство, таканаречен период на  „меден месец“. Тогаш насилникот ја убедува жртвата дека „таа му е најважна на светот“, дава ветувања дека тоа „никогаш нема да се повтори“, купува подароци и секојдневно се извинува.

Виновна за „растурање“ на семејството?

Ѕвездите ми ги симна додека да му се вратам. Камо секогаш да е толку нежен и полн со почит кон мене и децата. Јас во таков човек се вљубив, не знам што му се случи подоцна, велат дел од жените жртви со кои работиме во рамки на програмата за социјално менторство.

Најчесто сиот овој „труд“ на насилникот да ја убеди дека се променил – му успева, па жртвата сакајќи да верува дека полека се враќа човекот во кој се вљубила, решава да му даде нова шанса. Не наседнуваат жртвите на однесувањето на насилникот за време на фазата „меден месец“, туку на сопствените емоции кон него. Тие ја сакаат врската со него, само не го сакаат насилството во неа.  Потоа, чувството на несигурност, осаменост или страв од новиот живот што ја очекува без него, притисокот на кој е изложена од блиските дека ако не му прости, таа ќе бидат одговорна за „растурање“ на семејството.

Ти мислиш мене секогаш ми беше сјајно со татко ти? Па и тој ме тепаше понекогаш, ама женско си, ќе истрпиш, ќе се насмееш и ќе продолжиш. Ти ли ќе го менуваш светот? Кај нас е така, трпев јас, трепела баба ти, прабаба ти, сега ти не можеш да истрпиш? Немој, ќе ни ја посрамотиш фамилијата. Мисли малку и на децата, без татко ќе ги оставиш, другарчињата ќе им се смеат. Секогаш кога ќе ѝ кажев на мајка ми дека сакам да си одам од него затоа што насилството веќе не се трпеше, таа ми го велеше ова – споделува жртва на семејно насилство

Матичниот дом веќе не е дом

Друга честа причина за враќање кон насилникот е фактот дека жената нема каде да се врати. Во нашето општество најчесто наследството останува на машкото дете од семејството, кое во меѓувреме си оформило семејство и за жртвата матичниот дом веќе не е дом. Често се случува да биде прва опција за прибежиште, но исто толку често се случува таму да биде осудувана и подложна на двојна виктимизација или, пак, да има чувство дека таму повеќе пречи, отколку што припаѓа. Од друга страна, пак, многу често домот во кој живеела со насилникот е дом на неговите родители или, пак, е имот што се води на име на насилникот. Колку и да придонесувала жртвата финансиски или со свој труд во изградба или одржување на тој дом, таа веќе таму нема ништо. Тука доаѓаме и до потенцијалното бездомништво кај овие жени.
Друга опција за привремен дом е стан или соба под кирија, но тоа бара дополнителни финансиски ресурси, кои во тој момент се критични за секоја жртва. Залудно е жената што ги поминала сите нивоа со насилникот, вклучувајќи го и на најважното – емотивно ниво, да биде само психички охрабрена.  Доколку не е доволно и финансиски охрабрена, таа повторно ќе се врати кај насилникот. Исто така, не ретко се случува насилниците да ги знаат или, пак, да бидат подучени од други луѓе за дупките во законите и да ги искористат како добра можност за да ја контролираат жртвата. Тие се толку фокусирани на идејата да ја видат жртвата беспомошна, што некогаш и на штета на сопствените деца, решаваат да ја „казнат“ жената и со тоа да ѝ „докажат“ дека таа не може сама, дека е зависна од нив.

„Немам никој, освен него“

Во случај на развод, децата, обично, секогаш се доделуваат на мајката од страна на судот, освен во одредени исклучоци и тоа е многу важно за мајката, но тука се поставува прашањето на делење на одговорност при одредени ситуации. Колку одговорностите и обврските се заеднички?  Кога, на пример, ќе се разболи детето, или е на училиштен распуст, тоа е одговорност на мајката, а отсуството од работа се сфаќа или како посебна привилегија или, пак, самото работно место не трпи да има толку чести отсуства, па ова понатаму влијае на задржување на работното место. Насилникот многу често не сака да соработува со жртвата, па  сите овие работи ја отежнуваат работната интеграција или, пак, напредокот на работното место.

Ќе те видам кој ќе ти ги чува децата кога ќе ме оставиш, а ќе мораш на работа. Ни мене ни мајка ми немој да нѐ планираш во однос на децата. Ќе се договорам со газдата на работа да ме одјави, па ќе земам и поголема плата и нема да има основа за алиментација. Ќе те видам што ќе правиш без работа и без алиментација. Има да ме молиш како куче пред врата, па после надвор во куќата за кучето ќе спиеш, споделува жртва на семејно насилство.

Жена што додека живеела со насилникот била подложна на психолошко насилство, обезвреднувана, обесхрабрувана, со значително намалена или целосно уништена самодоверба, секако дека не верува дека може да продолжи сама. Со текот на времето, насилникот ја оттргнал жртвата од средината што ја поддржувала, па сега единствените информации што ги добива се, всушност, заканите што тој ѝ ги упатува.

Ми велеше дека сите се љубоморни на нашата голема љубов и на посебната врска што ја имаме и дека сум премногу наивна за да го видам тоа. Ми зборуваше и колку не ме почитува моето сопствено семејство и дека секогаш се на страната на сестра ми. Од сите се оддалечив и со многу луѓе изгубив комуникација. Кога сакав да побарам помош или совет од некој близок за насилството, кое стана неподносливо, тогаш, всушност, се освестив дека немам никој, освен него, вели жртва на семејно насилство.

За жената, конечно, да реши да проговори, да го пријави, да го остави и да не му се врати на насилникот, клучна е  вистинската и навремена информираност за нејзините права, но, секако, и довербата во институциите, функционирањето на соодветни услуги за жртвата, но и засилувањето на свеста кај околината, и работата со насилниците. Важно е да се познава законската рамка, но и динамиката на насилство. Што и да реши да преземе, жената жртва треба да биде сигурна дека има поддршка од некого. Дури и да не се реши веднаш на тоа на што ја советуваме, информациите остануваат во неа и, можеби, ќе ги искористи по неколку години, ама, секако, ќе бидат важни за жртвата да помине низ процесот побезболно и побезбедно.

Како да препознаете насилник?

Тоа се луѓе што лесно се фрустрираат. Тие се подложни на чести негативни промени во расположението, кои се манифестираат со обвинувања, критики, игнорирање или, во крајна линија, физички закани кон другите. Лесно избувнуваат и за тие нивни реакции ги обвинуваат другите луѓе. Најчесто такви лица се поединци што пораснале во дисфункционално семејство, како и тие кои пораснале со некаков облик на семејно насилство. Особено зголемена склоност кон насилство можат да имаат мажите, чиишто мајки биле покорни во таков систем, т.е. што не се спротивставувале. Во таков случај се добиваат „скриени“ пораки од двајцата родители дека таквото однесување е правилно. Затоа треба да постојат програми што ќе работат со насилникот, затоа што жртвата и да излезе од таква насилна средина, тоа не значи дека насилникот нема да биде насилен во следните врски. Исто така, треба да се работи на подигање на свесност и на јасност на границите во машко-женските односи бидејќи децата што растат во вакви и слични врски стануваат нови генерации насилници или луѓе со нарушувања во однесувањето во зрелата возраст.

Доколку сте жена жртва на семејно насилство…

Постојат повеќе програми што работат со жени жртви на семејно насилство, кои, најчесто, се однесуваат на психосоцијална или правна поддршка. Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој, „Паблик“ од неодамна работи според верификувана програма „Социјално менторство за работна интеграција“, која е приспособена да одговори на економско засилување на жени жртви на семејно насилство (се спроведува во партнерство со Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ и UN Women). Програмата (која е дел од регионалната програма „Ending violence against Women: Implementing norms, changing minds”) има цел преку еден холистички пристап да ги поттикне и охрабри жените да се свртат кон себе, да работат на препознавање и на поттикнување на своите квалитети и да ги стават во функција за посоодветно вработување. Освен овозможување на услугата  социјално менторство за работна интеграција, поддршката предвидува и обуки соодветни на интересите на жените што се вклучени, а сѐ со цел да станат поконкурентни на пазарот на трудот. Покрај другите услуги (психосоцијална, правна поддршка, згрижување во шелтер-центар), оваа е една од клучните за засилување на жените што преживеале насилство. Со ова, веруваме дека жените, конечно, ќе можат да се решат да излезат од насилната средина или, пак, тие што веќе излегле – да не се вратат во неа.
Доколку сте жена жртва на семејно насилство и сметате дека ви е потребна ваква поддршка, обратете се на следнава е-адреса [email protected].
Доверливоста ни е приоритет и никакви информации нема да бидат споделувани.

Илустрации: „Контура“

(Авторката е социјална менторка во „Паблик“)

Напишете коментар