ЗЕНици, Лице в лице

Исповед на млада наставничка – Зошто сум демотивирана да работам во Македонија?

Време на читање: 4 минути

Зошто сум демотивирана да работам во Македонија?

Дали ние, како држава, како народ, како работодавачи, знаеме да си ги цениме младите луѓе кои само што започнале да работат, полни со мотивација и ќеф за промена? Или, ни е поудобно (читај: од полза) да им дадеме еден остар поглед и да ги ограничиме, да ги ставиме во една кутија, да им ја затвориме устата, бидејќи само така ќе продолже да се реализира еден корумпиран систем? На какви вредности тогаш ги учиме нашите деца? Каква иднина создаваме, кога местата кајшто една индивидуа, ученик или наставник, наместо да се чувствува безбедно, се чувствува осудувано?



Дамјана Видическа

Имам мака да го започнам текстов, чисто поради сериозноста на проблемот, но и од тоа што ми е смачено да го зборувам истово, повторно и повторно…

Кога си размислувам за реалната слика на начинот на организација и функција на македонските институции, дали тоа било здравството, образованието, администрација, јавен превоз… ми доаѓа да заплачам. Особено кога станува збор за млади талентирани, едуцирани, но најважно, мотивирани индивидуи кои со нивното вработување во македонските институции се соочуваат со неправилности, препреки и отежнувања од колегите. Младите мотивирани нови вработени најчесто ја слушаат реченицата „така функционираат работите овде“.

Систем кој не е спремен да ги прифати сите различности

Во моето неколку годишно искуство во приватно и државно образование, наидов на најразлични случки. Пред да почнам да се жалам како вистински феминистички смор[1], важно е да спомнам дека една од најголемите придобивки на еден наставник / професор е дефинитивно љубовта, почитувањето и посветеноста што ја добива од своите ученици. Јас ја имав таа среќа да запознам и учам прекрасни деца, без разлика на нивната позадина, кои придонеле за мојот развој, не само како професорка, туку и како целосна личност (но, тоа е приказна за друг пат). 

Но, сепак, работата (каква и да е и кај и да е) изморува и станува демотивирачка, ако една личност е опкружена со навреди од колеги кои уживаат да работат во систем кој сѐ уште не е подготвен да ги прифати сите индивидуи без разлика на нивната позадина, идентитет, раса, итн. Во нивните очи, твојата професионалност подлежи на начинот на којшто се облекуваш, изгледаш и она што го правиш во приватниот живот.

Колку ќе научат од мене не зависи од бројот на моите тетоважи

Додека работев како наставничка во државно училиште во Охрид, иако во училниците и канцелариите секој ден се појавував „пристојно“ облечена (што и да значи тоа), добивав индиректни коментари од моите колеги за мојот начин на живот и стил. Сфатив дека тие, во слободно време „го проучиле“ цел мој живот, преку социјалните мрежи. Менторката ми се јави и ми рече дека треба да внимавам како се облекувам, бидејќи постојат санкции. Сосема нормално и валидно. Но, фактот што колегите го донеле заклучокот дека на училиште се појавувам со тетоважи, пирсеви и корсети, беше сосема неточен и базиран врз нешто што виделе на „Фејсбук“. Тогаш ја замолив мојата менторка не се измислуваат лажни приказни за мене и мојот изглед, и дека мојата професионалност и приватен живот не одат „рака в рака“ –  Колку ќе научи некој од мене, не зависи од тоа дали имам нула тетоважи или триесет!
Зошто не ја земеме таа енергија и ја пренасочиме кон тоа дека голем број од наставниците ги прекоруваат ученичките бидејќи облекле „погрешна“ маичка, преку која им се гледале рамењата, та ги провоцирале сооучениците? Или, зошто им се дозволува на служителите да лепат „Плејбој“ постери по ѕидовите на нивната просторија, во која најчесто влегуваат ученици да земат креди?


Голем број од просветните работници, не сакаат да прифатат промена. Односно, прифаќаат промени само кога истите се поврзани со промената на оценките – најчесто пишуваат 5-ки на деца што претходно имале 2-ки. Зошто? Затоа што им биле синови, ќерки, внучиња на некои си функционери во градот (или државата), та не сакале да им прават пречки на децата. На младите, „непрофесионални“ наставници (како што ги нарекуваат), кои не сакаат да учествуваат во овој корумпиран „на ти – дај ми“ оценувачки систем ги исмејуваат, покоруваат и уценуваат, најчесто со изговорот дека „наместо да им бидете ветер в грб, вие им правите пречки на нашите ученици!“. Кога се побунив поради ова, и најљубезно се изјаснив дека не би сакала да пишувам повисоки оценки туку-така, јас бев отфрлена од колегите, навредувана и главен таргет на зборување зад грб. На Годишниот совет бев изигнорирана, а беа и дофрлани и коментари како „овие младиве ништо не знаат“ и „непрофесионална“. Вистинска професионалност од нивна страна!

Изолација, отфрлање, булинг
Изолирањето и отфрлањето се најчеста појава во македонските институции. Секако, покрај заканите дека „ќе си ја загубиш работата ако не ги следиш хиерархиските правила“ (поставени пред многу години). За жал, најчесто постои и отфрлање на ученици,  кои исто така не спаѓаат во рамките на што значи „нормално“ за вработените. Покрај тоа што јас бев оговарана и навредувана поради мојот изглед, идентитет и заложби како млад наставник, голем број од учениците поминуваат низ истото и од наставници и од соученици.
Врсничкото насилство се појавува како одраз на она што нѐ плаши, она што ни е непознато. Наместо да се едуцираме на таа тема, најчесто користиме сила и насилство како уште една алатка за двоење и отфрлање! Дополнително поконфузно е кога ваквото однесување е охрабрувано од наставниците. Децата во тие години поминуваат низ најразлични емоции, настани и размислувања. Како наставници, должни сме да им помогнеме и да ги посочиме во правата насока, а не да ги осудуваме.
Часовите во кои се дискутира емпатија, феминизам, „булинг,“ ментално здравје, сеопфатно сексуално образование, кои, најчесто се воведени од помладите наставници, се веднаш отфрлени! Веќе се етикетирани и носат тежина која ни е наметната да ја гледаме како некаква агенда или уништување на вредностите.

Затоа би ве прашала: Дали ние, како држава, како народ, како работодавачи, знаеме да си ги цениме младите луѓе кои само што започнале да работат, полни со мотивација и ќеф за промена? Или, ни е поудобно (читај: од полза) да им дадеме еден остар поглед и да ги ограничиме, да ги ставиме во една кутија, да им ја затвориме устата, бидејќи само така ќе продолже да се реализира еден корумпиран систем? На какви вредности тогаш ги учиме нашите деца? Каква иднина создаваме, кога местата кајшто една индивидуа, ученик или наставник, наместо да се чувствува безбедно, се чувствува осудувано?

(Авторката е наставничка и поетеса)


[1] Феминистички смор или на англиски „feminist killjoy“ е термин на Сара Ахмед, кој е пр

Напишете коментар