Истрајност – мотив на „Еквалис“ за роденденската прослава
Под мотото „5 години Еквалис – 5 години истрајност“, оваа сабота, на 11-ти февруари од 12 часот во „Паблик рум“, Здружението за едукативен развој „Еквалис“ ќе го прослави својот роденден.
Од „Еквалис“, споделувајќи ја поканата за овој роденден, споделуваат дека настанот го прославуваат гледајќи наназад кон сите предизвикувачки периоди коишто ги поминуваат и коишто им даваат дополнителна сила за борба.
– Зборот со којшто ќе го одбележиме нашето 5-годишно постоење е истрајност. Затоа што истрајноста за нас е политички концепт. Истрајноста е пркос и желба за растење. Да се истрае и покрај сознанието дека 90% од младите попрво би ја напуштиле државата, да се истрае затоа што во нашите пет години и поминати безброј часови во работа со маргиналзиирани заедници ни даваат повторна верба дека кога е најтешко- истрајноста ќе ни понуди визија дека и покрај сè иднината е наша – велат организаторите.
Тие најавуваат дека на настанот ќе ја лансираат и нивната нова Младинска мрежа за еднаквост. Мрежата ја сочинуваат млади ентузијасти, борци за човекови права, кои сакаат да ги мапираат проблемите на сите маргинализирани заедници.
– Тематските полиња во коишто ќе дејствуваат активистите на Младинската мрежа за еднаквост се родовата еднаквост, ЛГБТИ+ еднаквоста и мултиетничкиот соживот – велат од „Еквалис“.
Повеќе за настанот на овој линк