Лице в лице, Магазин

Избраздените раце на баба имаат најнежен допир

Време на читање: 2 минути

Бабината рака со бразди кои раскажуваат приказна за секое милиметарче на нивата се прикрепува на столбот на куќата. Но тоа не е основата која го држи домот, баба е столбот! За спомените во оваа куќа покажува секоја брчка на нејзиното лице. Кога ќе те потапка баба по грбот, низ усните ти излегува воздух кој тежината од твоите раменици го носи далеку од тебе. А ако силно те стисне, цела нејзина мудрост и цврстина ќе те следи со денови.

Тоа е силата на баба.

А кога баба готви, мера за зарзават не постои! Фатот на нејзината рака секогаш знае како да го направи највкусното јадење. И кога мирис го исполнува дворот на храна зготвена со љубов, ме прегрнува утешна прегратка на одамна заборавени мириси и вкусови кои потсетуваат на детството кое нема да се врати назад.

Ако ги свртивте до крај фотографиите, ја видовте и куќата на баба. Во тој двор се бере свежо доматче и кромидче. Земјата тука е најскапоцената играчка, а сенката од дрвјата најдобриот покрив под синото небо.

*Фотографиите се на Ирина Крстевска, а текстот е на Натали Китаноска, инспириран од посетата на село Стар Истевник. Ирина ги замрзнува спомените со убава фотографија, а Натали раскажува, за да можеме и преку збор да стигнеме до повеќе луѓе. Оваа соработка тече беспрекорно како љубовта на баба. Таа не е човек, таа е место, чувство и сјај. Нејзиното катче е удобност, храброст и стабилност. Точка на собир. Место за закрепнување. Тоа е баба!

Напишете коментар