Интерактивна изложба на Ѓорѓе Јовановиќ во Скопје: литературата како мост меѓу оние што зборуваат и оние што не се слушаат
Што и кој се крие на рабовите на нашето општество? Кои гласови остануваат невидливи и неслушнати? На овие прашања, одговара новата изложба на Ѓорѓе Јовановиќ, „Приказни од маргините“, вечерва во 20 часот ќе го отвори својот свет на интерактивни приказни во Музејот на град Скопје.
-Краткиот расказ е инструмент за пренесување на гласовите од и кон маргината. Преку литературата како медиум, авторот создадава мрежа на присуства меѓу оние што зборуваат и оние што ретко се слушаат – се вели во најавата за изложбата.
Интерактивни приказни и визуелни нарации
Изложбата претставува евокативни анимации и подвижни слики кои ја доловуваат специфичноста на различни локации и нивните жители. Секое дело овозможува уникатен поглед кон маргините – географски, културни, политички или економски. Посетителите можат да се вклучат интерактивно преку цртежи, илустрирани свитоци и други инсталации кои ги активираат различните приказни.

Делата се базирани на седум кратки раскази од авторки и автори од регионов: Oдбивање и Одрон од Стефан Алијевиќ, 9:15 од Николина Андонова Шопова, Покана за дејт од Петар Андоновски, Пловење по Дунав од Румена Бужаровска, Задоцнетиот подарок од Георги Господинов и Вила Тибериа од Теа Тулиќ. Тие ја пренесуваат реалноста на оние што живеат во меѓупросторите на општеството, политиката и економијата.

Ѓорѓе Јовановиќ – меѓународен уметник со иновативен пристап
Уметничката практика на Јовановиќ (1980) е експериментална и интердисциплинарна, со акцент на односот меѓу поединецот и општествените процеси. Неговите самостојни изложби и учества на меѓународни манифестации, меѓу кои Mirror (MC Gallery, Њујорк), Горчлив шеќер (МСУ– Скопје), Chocolate Drops (Виена) и MAXXI во Рим, ја потврдуваат неговата репутација на современ уметник со глобален допир.
Освен тоа, Јовановиќ ја развивал својата практика преку престижни резиденцијални програми, како IAAB (Базел), TICA (Тирана), La Cité internationale des Arts (Париз) и ISCP (Њујорк), а е добитник на награди како Денес за млад уметник (2009) и наградата за Најдобар млад уметник на 10. Биенале на млади уметници во МСУ Скопје (2013).