Дијагнозите со кои живееме низ фотографии на Неделчевски
Фотографии кои ги откриваат човечките и општествените дијагнози во кои живееме, ќе бидат прикажани на изложба на Драги Неделчевски, искусен фотограф кој е дел од основачите на фото групата „Чкрап!“ од Тетово. Изложбата, насловена „Дијагноза“, ќе биде отворена во вторник, 8-ми ноември 2022 во големиот салон на галеријата „Ко-Ра“ во Скопје, која е во склоп на ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“.
Неделчевски споделува дека фотографиите ги работел неколку години, а наоѓањето модели и луѓе подготвени да ја покажат својата интима (болка) не било.
Отприлика ако сум разговарал со 7 луѓе, а од нив еден прифаќал. Мојот интерес во фотографијата отсекогаш бил човекот со сите негови премрежија, суптилни и груби борби пред кои го исправа животот. Овојпат, се решив за еден проект кој беше тежок да се истера до крај. Тежок од повеќе аспекти. Емотивно, етички, технички, артистички, фотографски… Секој од нас има понекоја дијагноза. Општеството во кое живееме има дијагноза. Светот, исто така. Со овие фотографии сакав да поставам некои прашања, без очекување дека ќе ги најдам сите одговори. 26 фотографии и илјадници прашања, изјавува Неделчевски за „Лице в лице“.
Поетесата Ана Голејшка Џикова, во каталогот за изложбата на Неделчевски посочува дека во неговите фотографии одекнува уметноста на живеењето со дијагнозите.
„Сите кадри се силни шлаканици на реалноста, упатени кон гледачот што не може да види лице. Не може да препознае човек. Но може да види тело и некаква пропорција што немо го пренесува телесниот немир, закован за рамката. Не ги познавам дијагнозите од прва кога ги читам низ написите на секоја фотографија. Но гледам форма што се изместила. Ме изместува и мене затоа што односот со сопствено тело е некогаш борба што уморува. Како што и самиот Драги ќе рече за процесот – тежок, мачен, интимен, од многу аспекти предизвикувачки, така и овој сет од 26 различни човечки судбини се овековечени во целата своја вистина. Овие фотографии се солидаризација на ниво на личното страдање што може, а и најчесто не е секогаш добредојдено кога е „јавно“. А токму тоа е ослободувањето, кога човек ќе ја сподели маката, ќе ја раскаже својата болест, исто како што уметникот го раскажува животот“, пишува Голејшка Џикова.
Фотографот Неделчевски, се занимава со фотографија повеќе од 40 години, а многу вљубеници во фотографијата во него гледаат како на учител, мотиватор, поттикнувач.
Има реализирано повеќе самостојни изложби, а бил дел и од групни во земјава и во странство. Во негово авторство е и првата книга за македонски фотографи насловена „12 македонски фотограф(к)и“.