„Јавна соба“ и понатаму е лекција: Зошто дигиталното насилство не смее да се нормализира

Кога се работи за родово базирано насилство, без разлика дали се работи за дигитално или не, организациите се сè уште тие што ја имаат водечката улога. Во рамки на нашата соработка со Мрежата „Стела“, на тема прекршување на дигиталните права, дигитално родово-базирано насилство, разговаравме со Љупка Трајановска истражувачка и проектна координаторка во „Стела“.
Таа зборува за „Јавна Соба“, случај кој беше дел од дигиталниот свет, но кој во реалниот, повреди 14.000 млади девојки и жени.
Читајте како може да се заштитите во дигиталниот простор, и што не треба никогаш да заборавите.
Како културните и општествените норми влијаат на видливоста и пријавувањето на дигиталното насилство?
– Како што постои родово-базираното насилство во реалниот свет, така тоа се пренесува и во дигиталниот. Патријархалното уредување и нормите во општеството влијаат на тоа како насилството се препознава и пријавува. Од најмала возраст се учиме да го игнорираме насилството за да „помине“, или уште полошо, често тоа се романтизира. Последица е дека младите, но и возрасните, не секогаш го препознаваат дигиталното родово-базирано насилство како такво. Тоа доведува до замолчување на жртвата и индиректно охрабрување на насилникот.
Позитивно е што младите генерации, за кои дигиталниот свет е реален и секојдневен, сè повеќе ги препознаваат ваквите форми на насилство. За жал, кај постарите генерации родово-базираните модели од реалниот свет, едноставно продолжуваат и на социјалните мрежи, особено преку говор на омраза.
Каква е состојбата со законската регулатива кај нас?
– Законите се жива материја и мора да се менуваат за да ги следат новите општествени феномени и технолошки трендови. Родово-базираното дигитално насилство мора да има своја јасна регулација во законодавството. Засега, тоа е делумно регулирано со измените на Кривичниот законик од 2020 година, преку членот „Полово вознемирување“, кој до некаде ги опфаќа и случаите на онлајн вознемирување.
Но, проблемот е имплементацијата и толкувањето од страна на јавните обвинители, судиите, па дури и институциите што први треба да реагираат. Често овие случаи се третираат како „злоупотреба на лични податоци“, што воопшто не ги опфаќа експлицитно сексуалните содржини. А токму тие, фотографии и видеа споделени без дозвола, се најчестиот облик на дигитално родово-базирано насилство. За жал, сè уште недостасува јасно законско решение и, уште поважно, негова доследна примена.
Како социјалните мрежи реагираат на пријави за онлајн вознемирување и насилство?
– По промената на власта во САД, за жал социјалните мрежи, кои се многу користени кај нас, ја намалија регулацијата за родово базирано насилство. До некаде и го охрабруваат истото. Вештачката интелигенција не ни помага! Се најде начин истата да се злоупотреби, особено во генерирање вештачки слики и видеа и со земање идентитет на жени и на девојки. Случајот „Јавна соба“ кај нас беше најгласниот крик и мора да ја спомнуваме и да не ја заборавиме. Пет илјади момчиња и мажи извршија кривични дела од областа на дигитало родово-базирано насилство, врз повеќе од 14.000 жени и девојки. Толку видеа и фотографии беа споделени. За жал, социјалните мржи како „Телеграм“ сè уште не соработуваат со полицијата и не дозволуваат решавање на ваквите случаи до крај. „Фејсбук“, кај нас е мрежата каде се одвива најмногу говорот на омраза и таму е присутно повозрасното население. И после пријави немаме соодветен одговор. Затоа одговорноста останува на јавноста и на медиумите да ги бришат овие коментари.
Како може да се подобри соработката меѓу државните институции, невладините организации и приватниот сектор за превенција на дигитално насилство?
– Во последно време видовме како големи компании се вклучија во борбата против булингот или говорот на омраза, различни форми на дигитално насилство. И тоа е за поздрав. Институциите поретко се вклучуваат, меѓутоа треба да се вклучуваат – Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика демографија и млади и Министерството за образование. Особено се важни локалните самоуправи. Институциите треба да се вклучуваат во работата на организациите по ова прашање и затоа што тие ја имаат моментално водечката улога во борбата против родово базираното дигитално насилство.
Кои конкретни ресурси ги нуди „Стела“ за жртвите на дигитално родово базирано насилство?
– Заедно со Мрежата „Стела“, во изминатите неколку години работевме на подигнување на свеста кај помладата популација. Средношколки и средношколци, студенти и студентки. Организиравме голем број работилници каде опфаќаме нови форми на дигитално родово-базирано насилство. Информиравме, за да знаат каде да се обратат кога се соочуваат со ваков тип на насилство и како да го препознаваат. Работиме и на континуирана кампања на социјалните мрежи, нешто што оди придружно со работилниците. Она што е најново, а во авторство на професорката Ангелина Стaнојоска е „Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор“, кој што е достапен на македонски и албански јазик на нашата веб страна. Секој кој што се соочува со ваков тип на насилство може да ни се обрати на социјалните мрежи.
Прочитајте повеќе на оваа тема
- „Јавна соба“ и понатаму е лекција: Зошто дигиталното насилство не смее да се нормализира
- „МакеДокс“ го отвора своето 16. издание – вечер сите во Куршумли-ан
- „Сиљан“ на Котевска преку Венеција „летнува“ кон светот
- Континуитет на родово-базираното насилство. Од реалноста до дигиталниот свет
- Од стереотип до насилство: Темната страна на дигиталниот простор за жените
Фотографии: #Лицевлице

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.