Јога како алатка за намалување на стресот: Интервју со јога инструкторката Надица Димовска
Пронаоѓањето на мирот во себе најчесто доаѓа преку активност, правилно активирање на телото, следење на мислите и многу свесно дишење. Ако мислевте дека јогата не е за секого, јога инструкторката Надица Димовска ќе ви докаже дека тоа не е така. Како инструкторка по јога, таа работи од 2018 година и држи часови за аштанга и за винјаса јога. За сите кои немале многу контакт со јога, веројатно ова звучи непознато. Секоја јога ги има истите корења – фокус на дишењето и движењето, свесност при праксата, присутност овде и сега. Ако има некаква цел, а тоа да не е конечниот изглед на асаните, тогаш тоа би било да го придвижиме телото за да го смириме умот. Бидејќи, смирениот ум дава секогаш поинаква перспектива од разбрануваната вода. Барем така ни пренесе Надица, или, Наде, како што ја знаат многумина.
Во нашето интервју читајте повеќе за тоа што значи јогата, како да ја започнете годината, откако завршија сите јануарски прослави и честитки.
Ја почнавме новата година. Би сакала да ни претстои година без стрес… Јас лично јогата ја чувствувам како алатка што води кон тоа. Како според вас редовната пракса влијае на нашата способност за саморегулација во стресни ситуации?
– Без стрес не може да помине ниту една година. Идејата не е да живееме во стерилни услови, туку да научиме да го детектираме стресот кога ќе се појави. Стресот најпрво го препознаваме преку телото – се скратува здивот, се напнуваат рамената, се стега вилицата и доаѓаме до ситуација на „исцедени од умор“. Саморегулацијата доаѓа во моментот кога ќе забележиме како се изместуваме од нашата централна оска и често, самото тоа освестување е доволно: да се вратиме на дишењето, во телото и во сегашниот момент.
На матот, додека ги вежбаме асаните, се ослободуваме од напнатоста и задржаниот стрес во телото и се „учиме“ на таа порелаксирана состојба на долг рок. Преку дишењето директно влијаеме на нервниот систем, а преку вежбите за фокус учиме да забележиме кога „излегуваме од центар“.



Со редовната јога пракса, освен за телесните, стануваме свесни и за психичките промени при стресни ситуации и забележуваме како се менува приказната во нас, а всушност тоа сме ние самите. Секогаш ќе има надворешни стресори. Наше е дали и каков контекст и значење ќе им дадеме во моментот или во поширок контекст во однос на животот. Од искуство, јогата со сите бенефити што ги носи, ни помага побрзо да станеме во моментите кога паѓаме, стануваме почувствителни и поискрени во начинот на кој одговараме на животот и побрзо си доаѓаме „на себе“.
Што значи свесна пауза и зошто е толку важна денес?
Иако мислиме дека новата година и празниците ни носат само уживање и убавини, носат и престимулираност, а тоа е и одговор на модерниот живот. Што значи свесна пауза и зошто е важна во ова модерно време?
– Свесна пауза е секое длабоко вдишување и издолжено издишување. Дури и ако ја прочитаме уште еднаш оваа реченица и застанеме да го повториме истото, веќе сме направиле една свесна пауза.
Од физиолошки аспект, се подобрува квалитетот на дишењето и оксигенацијата. Од невролошки, се активира парасимпатичкиот нервен систем. Од енергетски – се подобрува протокот на прана (животна сила, енергија што го одржува телото и умот живи и балансирани н.з). Од ментален аспект – мислите за миг се повлекуваат. И токму во таа мала „пукнатина“ помеѓу мислите, во таа тишина помеѓу вдишувањето и издишувањето, сме присутни тука и сега.
Свесната пауза не е алатка за управување со стресот, туку простор во кој не мораме ништо да правиме. Таа кратка тишина е мал прекин во автоматизмот на „модерниот живот“ и постојаната активност на мислите, каде не правиме ништо – туку само СМЕ. За време на часовите се обидувам да им помогнам на практикантите да останат во тој „тонус на присутност“ и да ја издолжат таа пауза. Со тек на време, нервниот систем „учи“ дека може да ја земе и надвор од јога матот – во хаосот, во брзањето, во секојдневието.
Свесната пауза е мал гест со голема трансформативна моќ, не за да бидеме поефикасни, туку за да бидеме живи и ведри.
Зошто функционалноста е побитна од добриот изглед?
– Сите сакаме добар изглед. Прашањето е, кој дефинира што е „добар изглед“, и како изгледа добриот изглед? За мене, добар изглед е убава насмевка, искрен поглед, наспано лице, отворено срце, едноставна човечка автентичност. Секако е убаво да имаме цврсто тело и мускули, а тоа може и со аштангата. Се работи истовремено и на сила и на флексибилност. Праксата бара дисциплина и посветеност, истовремено е динамична и медитативна и дава резултати кои често се зачудувачки и на видливо и на невидливо ниво.
Функционалноста на јога вежбите е во тоа што се работи на целото тело одеднаш и се активираат сите системи. Начинот на кој се изведуваат асаните особено го стимулира нервниот систем и со тоа се создава целосна хомеостаза во организмот. Всушност, целата јога која опфаќа многу повеќе од физички вежби е „водилка“, начин како да се центрира и смири умот и како да се живее будно, со целиот капацитет што го имаме.
Од она што го сведочам низ годините, луѓето најчесто почнуваат поради болки во грбот, а продолжуваат затоа што се чувствуваат добро со себе и своето тело. Јогата е убава и корисна на долг рок, можеби и пракса за цел живот.
Што значи „нежен почеток“ на годината во контекст на јога и добросостојба?
– „Нежен почеток“ би требало да има секој ден. Тоа би значело грижа за сопствениот „храм“ во кој се будиме секое утро. Бидејќи утринската јога е предизвик, макар и неколку поздрави на сонцето или свесни дишења и бавни движења може да ни помогнат да дојдеме во контакт со себе.
Деновите носат предизвици за кои ставаме на себе „оклоп“. Телото се стега, се позиционираме во некој наш оперативен модус и забораваме да дишеме. Со вежбањето јога и психички и физички си создаваме простор во нас, безбедно место, каде може да здивнеме кога ќе притиснат тежините. Таа нежност и грижа за себе ни е повеќе од потребна во ова брзо време и во тој контекст, во однос на почеток на годината би можело да си ветиме редовна јога пракса. Бенефитите набрзо ќе се почуствуваат како на суптилен начин го менуваат целиот квалитет на животот, и од обврска, јогата ќе стане уживање. Вежбањето во група, помага да се одржи дисциплината и тогаш кога нема да има мотивација.
Постепена и редовна јога пракса може да направи големи трансформации. Стануваме пофини и помеки, се движиме низ годината со повеќе внимание, застануваме за оддишка да ги видиме небото и птиците, имаме повеќе слух и сензитивност за луѓето, за природата, за животот околу и во нас.
Фотографии: Ивана Петрова (@i.petrova) .
Најдете го тука инстаграм профилот, а тука нејзината веб страна!
- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот