Како безбедно да користиме интернет – препораки за родители, наставници и деца
Недостигот на знаење во управување со дигиталните алатки го зголемува и ризикот децата да бидат злоупотребени преку онлајн медиумите, да бидат регрутирани за трговија со деца, да бидат жртви на онлајн насилство или изложени на непристојни содржини.
Влијанието кое информациските и комуникациските технологии го имаат во секојдневниот живот на луѓето, на работа, во образованието, дома или во движење, посебно кај децата и младите луѓе, расте од ден на ден, а со тоа и опасностите кои демнат во овој виртуелен свет. Прекумерната употреба, ризиците, мерките кои може да се преземат за престојот на интернет да биде што е можно побезбеден се дел од Прирачникот за безбедност на интернет – Препораки за родители, наставници и деца, од неодамна достапен во дигитална верзија за сите заинтересирани за оваа област.
Во Прирачникот се опфаќа правната рамка за заштита на децата при непосредна онлајн присутност, социјалните мрежи, безбедноста на интернет каде се опфатени и ризиците, како и совети за наставници, но се даваат и кокретни насоки за деца и ученици како тие да останат безбедни на интернет. Во делот за родителска контрола се поместени совети како родителите да ги препознаат, превенираат и како да реагираат на опасностите со кои се соочени нивните деца на интернет. Последното поглавје ги опфаќа и специфичните услови на прекумерно престојување на интернет, на пример во период на пандемија, кога поголемиот дел од социјалната комуникација, но и образовниот процес се одвиваше на интернет.
Развиената алатка е дел од активностите предвидени во рамки на Пилот-проектот – Систем за рано предупредување за исчезнати деца, кој има за цел да ги подобри постојните пристапи и да најде нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и зајакнување на правата на засегнатите лица преку размена на искуства од државите од регионот и Европа, посочува Александра Радевска, проектен координатор.
-Делумно поради недостиг на знаење во управување со дигитални алатки се зголемува и ризикот децата да бидат злоупотребени преку онлајн медиумите, да бидат регрутирани за трговија со деца, да бидат жртви на онлајн насилство или изложени на непристојни содржини а значително е поголем ризикот за деца од ранливи категории. Ние како партнери на проектот инициравме да работиме заедно со ЕКПАТ-Австрија, но и со сите засегнати чинители да ги заштитиме децата од исчезнување и да спречиме да им се наштети на погодените – вели Радевска.
Пилот проектот – Систем со рано предупредување за исчезнати деца, спроведуван од здружението „Новинари за човекови права“ со партнерската организација „ECPAT Австрија“ и финансиран од Федералното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи на Австрија, вклучува повеќе активности во нашата држава, меѓу кои се ангажирање на засегнати страни преку обуки и размена на добри практики од искуства од Европа и регионот, подготовка на прописи, подобрување на мрежи и безбедност на интернет преку иновативни техники, развој на алатки за онлајн безбедност и пилотирање на систем за рано предупредување за исчезнати деца. За проектот успешно да се спроведува, ќе се искористи и австриското искуство, бидејќи таков систем во Австрија веќе постои, како што постои и во многу други држави во светот.
Прирачникот за безбедност на интернет е достапен на интернет-страната на НЧП, или тука.