Како да бидеме најдобрата верзија од себе?
Силата и истрајноста на човечкиот дух во акција, извонредноста на филмаџиите што освоија награда на познатиот филмски фестивал „Санденс“ или на македонските претприемачи помлади од 30 години, кои се номинирани за листата на „Форбс“, е одличен потсетник не само за тоа кои сме, туку и што можеме да бидеме
Додека одам на работа во Скопје, секојдневно гледам нешто неверојатно. Средовечен човек што станал уште во темнина за да оди на работа за основна плата и да обезбеди нешто за своето семејство, ученичка што се снаоѓа низ снегот, мразот и паркираните автомобили за да стигне навреме на училиште, мајки и татковци, кои на маските против загадување на своите деца им ставиле слики од супер-херои за да ја разведрат лошата ситуација.
Тоа што ваквите навидум обични слики ги чини неверојатни за мене е човечкиот дух во акција, одблиску и реално. Истиот дух се гледа и во извонредноста на филмаџиите што освоија награда на познатиот филмски фестивал „Санденс“, или на македонските претприемачи помлади од 30 години, кои се номинирани за листата на „Форбс“.
Силата и истрајноста на нивниот дух е одличен потсетник не само за тоа кои сме, туку и што можеме да бидеме. Дека дури и среде транзиција, миграција и постконфликтна состојба – можеме да живееме според највисоките човечки стандарди.
Често, со сите предизвици и стресови со кои се соочуваме денес, лесно е да се заборави дека кога беа основани Обединетите нации, повеќето општества во светот се бореа со глад, болести и конфликти. Напредокот во пристапот до образование, наука, чиста вода и економскиот пораст создадоа свет во кој мнозинството луѓе на планетава веќе не се соочуваат со основната борба за опстанок на нашите предци.
Во 2015 година ОН ги усвоија целите за одржлив развој, кои се дел од пошироката агенда, чијшто фокус е постигнување трансформација на нашиот свет. Сите земји-членки на ОН во светот се согласија да следат заеднички цели за борба против сиромаштијата, ставање крај на климатските промени, спречување на семејното насилство и многу други аспирации што истовремено се глобални и локални, колективни и индивидуални. Во нив се сумирани трите основни столба на глобалната соработка што ја одбележаа 73-годишната историја на ОН: мир, човекови права и човечки развој.
И иако претходните развојни цели што првенствено беа фокусирани на опстанокот, како, на пример, намалување на смртноста кај новороденчињата и кај мајките, и натаму се важни во земјите опустошени од сиромаштија, војна или само од лошо владеење, со овие цели се артикулира покомплексна, повеќеслојна визија за иднината. Нивната природа не е насочена само кон опстанокот на луѓето, туку и кон тоа како да напредуваат и да се развиваат. Како да бидеме најдобрата верзија на себе? И подалеку од тоа, усвојувањето на целите значеше заложба „никој да не биде изоставен“ и „напори прво да се стигне до последните“. Во практика, ова значи преземање експлицитна акција за ставање крај на екстремната сиромаштија, намалување на нееднаквостите, соочување со дискриминацијата и забрзан напредок за последните. На овој начин, принципот „никој да не биде изоставен“ го доловува духот на ЦОР.
Во мојата работа сум имал можност да се сретнам со различни политички, економски и културни контексти. По моето доаѓање во земјата, особено беа впечатливи потребата од реформи и општиот импулс за промени. Преземени се чекори за значајни промени во низа сектори. И иако доминантните дискусии за реформскиот процес се вртеа околу општата цел на земјата формално да стане дел од европското семејство, третираните теми се еднакво суштински за унапредување и на агендата на целите за одржлив развој (ЦОР). Всушност, преку давање приоритет на борбата против сиромаштијата, невработеноста, климатските промени и унапредување на образованието, управувањето и правосудството, земјата се приближува и до двете платформи. Пресвртот на состојбата со високата стапка на сиромаштија и невработеност, алармантните нивоа на загадување и слабото образование се вклопува како во следењето на ЦОР, така и во напорите за пристап во ЕУ. Ваквата усогласеност на процесот се одразува и во задачите за обезбедување правда и обновување на довербата во институциите, кои, пак, од своја страна, имаат капацитет за извонредност. На некој начин, ова ни ја покажува универзалноста на целите за одржлив развој, како и дека на крајот, тие, едноставно, артикулираат визија за свет во кој секој човек има можност за достоинствен живот.
Семејството на ОН, заедно со ЕУ и со другите партнери, ги поддржува владата и општеството за постигнување резултати и движење во насока на остварување на ЦОР. Но, треба да запомниме дека целите се само рамка за аспирациите што ги има секој македонски граѓанин.
Во суштина, се работи за тоа да замислиме свет во кој нашите деца ќе добијат првокласно образование што ќе ги подготви за пристојна работа, свет во кој семејствата ќе цветаат, сите ќе дишеме чист воздух и ќе веруваме дека ќе нѐ третираат праведно и достоинствено низ целиот живот. Се работи за тоа да живееме како најдобра верзија од себе. Не се работи само за луѓето во Скопје, туку и во Тетово и во Тимјаник, ниту, пак, станува збор само за една одредена група… Оваа визија е за сите наши граѓани секогаш и насекаде. И можеме да ја оствариме заедно.
(Авторот е претставник на УНИЦЕФ)