Доза вести

Како да се зголеми ангажманот на младите во земјоделството, клучен дел од агендата за развој на ЕУ

Како да се мотивираат младите да се занимаваат со земјоделство како клучен дел од агендата за развој и што им е неопходно, беа дел од прашањата на кои дебатираа триесетина претставници на институции, здруженија и поединци што се занимаваат со земјоделство, полјоделство, лозарство, овоштарство и пчеларство.

Дебатата на тема „Здрава, безбедна и достапна храна“ поттикната од Европскиот зелен договор, се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Домаќини на истата беа евроамбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот, Маргарита Далева и Константинос Супилас од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Оваа дебата беше инспирирана од изложбата „Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“ која ги претставува проблемите со биодиверзитетот и климатските промени.

Бускот истакна дека е особено среќен што толку многу млади луѓе присуствувале и активно биле вклучени во дебатата и додаде дека и самиот одгледува кошница со пчели во дворот на резиденцијата, а израснал на фарма во Белгија каде што неговите родители се занимаваат со органско производство на храна.

„Затоа оваа тема ми е многу блиска и важна. Свесен сум дека земјоделците не се луѓе на кои зборувањето им оди од рака, но ги охрабрувам учесниците да се вклучат активно во дискусијата. Кажете што ве мачи, со какви предизвици се соочувате. Сакам да ги чујам вашите предлози и идеи, сосема е неважно како ќе ги соопштите“, рече Бускот.

Супилас, програмски менаџер за земјоделство и рурален развој при Делегацијата на ЕУ ги повика присутните да аплицираат на актуелниот повик објавен на веб-страницата на Делегацијата на ЕУ кој трае до 18 јули.

Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“, модератор на дебатата, ги пренесе предвидувањата на Светската здравствена организација дека до 2050 година, 7 од 10 луѓе ќе живеат во градовите, што значи дека уште повеќе млади ќе ги напуштат руралните средини, а тоа дополнително ќе го зголеми недостигот на храна со кој светот допрва ќе се соочи.

На дебатата зборуваше и Ванчо Андонов од Струмица, дипломиран програмер кој пред една и пол година го напуштил ИТ секторот и целосно се посветил на дотогашното хоби  – пчеларството.

„Произведувам мед, матичен млеч и други производи. Пчеларството е многу подоходовна гранка од земјоделските производи зашто медот не се расипува. Тоа е огромна предност и за одржување на цената на производите“, појасни Андонов.

Зоран Богоев од Кочани, кој од дете чувал животни и се занимава со одгледување пчели, вели дека многу млади почнуваат да се занимаваат со пчеларството, а дури половина од нив се жени, што порано било невообичаено.

Магдалена Јанчова од виничкото село Грљани, чие семејство прозиведува мед, продукти од козјо млеко и се занимаваат со хортикултура, истакна дека се наоѓа на крстопат дали да продолжи со нејзината професија – магистер по фармација, или целосно да му се посвети на семејниот бизнис.

„Ми се останува на село, да продолжам со она во што моето семејство го вложи сиот свој живот. Но, треба да сме свесни дека условите се различни во секое место. Некаде има, некаде нема инфраструктура. Има села со многу лоши услови за живот, без вода, со нестабилна струја. Овие нешта државата мора да ги среди, не зависат ниту од младите, ниту од земјоделците“, истакна Јанчова.

Ванчо Кировски од Националната федерација на фармери нагласи дека едукацијата за пчеларството дала исклучителни ефекти кај пчелите и такви обуки треба да се спроведуваат и кај останатите земјоделци. За Даниела Станкова, производителка на ориз од селото Крупиште, пак, главен проблем е ниската цена на откупот, поради што веќе втора година оризот не ѝ бил откупен.

Според Сузана Димитриевска од Националната асоцијација на земјоделски задруги, секој производ произведен на село не значи дека е од органско производство и затоа треба да се работи повеќе на истакнување на органските производи на пазарите и во маркетите.

„Здружувањето на фармерите во задруги е многу важно бидејќи така може да користат фондови од ЕУ и од државата. Неопходен ни е и високообразовен кадар. Најважни, сепак, се младите. Не да работат на нивите, туку да се вклучат во развој на земјоделството“, рече Димитриевска.

Интересни податоци беа изнесени од страна на Виктор Ѓамовски од Земјоделскиот институт. Просечната старосна структура на земјоделците во државата е 58 години. Ако порано на Земјоделскиот факултет се запишувале по 400 студенти годишно, денес има одвај 80, од кои 30 студираат агромаркетинг, 20 здравје и безбедност на храна и по два-тројца сточарство и овоштарство и лозарство.

„Пак немаме производители. Треба да се работи на свеста на младите уште во градинка. Зошто да не поминат еден ден на селска фарма, да го видат производството? Ние мора да им понудиме инфраструктура на младите во руралните подрачја, не можеме да очеквуаме да им дадеме нива и субвенции, а да не им овозможиме задоволување на основните потреби на еден млад човек“, рече Ѓамовски.

Младиот уметник и средношколец од Куманово, Павел Милановски, кој лани добил награда на изложбата „Иднината на Европа“ истакна дека инспирација за наградениот постер бил негов роднина кој често го посетувал на село додека бил мал.

„Тој макотрпно работи, а производите најчесто ги продава за многу ниски цени.  Тие (земјоделците) се потценети во општеството. Затоа сакаа да ги претставам како херои“, вели Павел.

Напишете коментар