Доза вести

„Придружи се, испланирај, донирај!“ – одржан донаторски кружок за поддршка на граѓански организации

Време на читање: < 1 минута

Донаторското здружение „Конект“ под мотото „Придружи се, испланирај, донирај!“, во четвртокот организираше донаторски кружок на кој над 70 граѓани и компании донираа за три граѓански организации, што треба да ја унапредуваат благосостојбата на граѓаните и заедниците.

Донациите се наменети за организациите „Колектив Ветерница“, „Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство“ и „Центар за младински активизам Крик“.

„’Колектив Ветерница’ ќе го претстави филмот ‘Алиса’ што ќе го прави група деца со и без попреченост. Низ процесот децата со попреченост стануваат главни ѕвезди, а нивната публика не вперува прст, туку силно аплаудира. Националната мрежа против насилство работи на проектот ‘Глас против насилство’ за фонд што им помага и ги засолнува жените што се справуваат со насилство во итни ситуации и ќе подмирува медицински и правни услуги, храна, домување и едукација за нивните деца. ‘Центар за младински активизам Крик’ ќе организира летен камп кадешто ќе се здружат врсници со и без попреченост. Едни од други најдобро ќе научат и искусат дека разноликоста е предност“, се вели во соопштението на „Конект“.

Според „Конект“, настанот покажал дека кога помалите донации ќе се здружат, филантропијата станува моќна алатка за вистинско решавање на проблемите во општеството.

- банер -

„Во овие две години живеевме во пандемија, сведочиме на конфликти низ светот и се соочуваме со економска криза. Проблемите нè учат за силата на нашата поврзаност. Ова е време на негување филантропија, солидарност, обнова, нова енергија и инвестирање во решенија. Донирањето во граѓански организации што градат долгорочни промени е вистинска инвестиција во развојот“, вели Никица Кусиникова, извршна директорка на „Конект“.

Од здружението ги покануваат сите заинтересирани граѓани и компании да пристапат на донаторскиот кружок и да побараат совет директно во „Конект“ на телефонскиот број 02/3224 198 или на е-адресата [email protected] за тоа каде можат да ја вложат својата донација.

Напишете коментар