Доза вести

Креативци и активисти – со нови идеи за зелени социјални бизниси!

Во рамките на проектот „INN@SE – Младинско учество преку иновативно социјално претприемништво“ на 6  јуни во Младинскиот Центар при општина Центар „Матично“, АРНО организираше иноватон за идеи за социјални претпријатија. Под слоганот „Една е Планета Земја“ настанот го одбележа Светскиот ден на животната средина.

„Иноватонот понуди формат на динамичен, експериментален настан на кој креативци и активисти работеа во тимови со различни чинители и институции со цел изнаоѓање на бизнис решенија за заштита на животната средина. Преку користење на креативни методологии (отворена иновација и design thinking) учесниците генерираа  идеи преку кои се ревитализираат напуштени лозови насади, се употребува оризовата арпа, се промовира локална компостара, се осмисли вегетаријански ранч за прасиња, се презентираше идеја за репарирање на стар мебел кој го користат и локалните институции и се издизајнира општествен простор- зелен хаб за граѓанско учество и зелени стартапи“, информираат од АРНО.

Жирито во состав на Сузана Трајковска Кочанковска (Ептиса проект за поддршка на социјални претпријатија), Едвард Софески (Комора на мали бизниси), Александра Илоска (Паблик), Стефани Пренкова (Индор Гарден) и Владимир Ѓорѓиевски (РИКО) ја избра за победничка идејата на тимот „Ребел“ за социјално претпријатие кое ќе ангажира лица од социјални категории за репарирање и продажба на стар мебел-достапен како прв избор за опремување и ентериер на институциите и граѓаните.

„Нашето главно влијание врз општеството ќе биде реупотреба на кабаст отпад, намалување на истиот во депониите и намалување на дивите депонии. Идејата е замислена како соработка на  сите 80 општини во Република Македонија, вклучително со Град Скопје, заедно со комуналните претпријатија, со стручните училишта кои ги гледаме како партнери за зачувување на занаетите“, изјавија Елиф, Маја, Сара, Зафир, Мила, Љубомир, Маријана од тимот „Ребел“.

Сите учесници беа поздравени за вложената енергија и тимска работа, и беа дополнително охрабрени и од директорот на Националната агенција за европски програми и мобилност – Марко Ѓеорѓиевски и од Јулија Малахова- службеник за млади во Општина Центар да продолжат со меѓу секторска инспирација и делување.

Со овој настан, АРНО симболично го одбележа Светскиот ден на животната средина и ги најави материјалите кои ќе произлезат од проектот за слободно користење: истражувања, едукативна дигитална игра, прирачник со новите методологии и нова македонска граѓанска иницијатива за споделување вести и ресурси за социјално претприемништво.

Од АРНО најавија дека сите стекнати знаења и инспирација од овој проект ќе ги користат во продолжението на проектот RISE кој ќе се спроведува наредните 3 години и ќе нуди поддршка за младите социјални претприемачи.

Проектот „INN@SE – Младинско учество преку иновативно социјално претприемништво“ е координиран од  Педагошки Универзитет Краков  од Полска, имплементиран  во партнерство со Desert Bloom  од Јордан, АРТЕР од Италија, и АРНО од Македонија. Проектот има за цел да промовира  социјално-претприемничко образование за млади преку иновативен пристап, базиран на  резултати од научни истражувања и меѓусекторска соработка. Проектот е финансиран од Европската Комисија, преку Еразмус + Програмата.

Напишете коментар