Доза вести

Алекса и Марко на „Охрид трчаТ“: Да запре дискриминацијата на лицата со попреченост, заслужуваат да бидат дел од социјалниот живот!

Под мотото „Сите сме исти“ 29 годишниот Алекса Петровиќ од Јагодина, Србија, со својата инвалидска количка учествуваше на охридскиот полумаратон „Охрид ТрчаТ“. Неговиот сотркач Марко Гајиќ, цели 20 километри со трчање ја туркаше количката, рамо до рамо со маратонците, рекреативците и спортистите.

Нивната порака е силна – да запре дискриминацијата на лицата со попреченост, бидејќи и тие заслужуваат да бидат дел од социјалниот живот.

-Како што кажал Нелсон Мендела, спортот ги поврзува луѓето и тука се губи секаков вид дискриминација помеѓу луѓето. Мене ми е многу важно Алекса пред се да почувствува дека тој овде припаѓа и едноставно – да има убави спомени. Кога ќе ги погледнеме медалите или некоја слика од нашите досегашни трки се сеќаваме на секој детал, вели Марко Гајиќ – спортист.

Алекса сам се пријавил да учествува на охридскиот маратон, бидејќи во Охрид има роднини. Не го плашеа  висините и калдрмата на ридот во стариот дел на градот, бидејќи досега истрчале многу маратони, освоиле медали и се први во Европа кои учествувале на планинска трка.

-Нашата најдолга трка е 42 километри цел маратон, го истрчавме во Јагодина. Два пати во Сараево тоа е официјално што сме истрчале. Имаме една треил планинска трка, тука сме единствени во Европа, кои настапиле со лица со инвалидитет. Не застануваме, продолжуваме да учествуваме на маратони и спортски манифестации за да ја испратиме нашата порака до сите, додава Гајиќ.

Алекса веќе пет години учествува во трки, тоа го прави особено среќен, за што потврдува и неговата искрена насмевка. Тој и неговиот со-тркач се мотивација за сите – инвалидитетот не е препрека за создавање мигови и спомени за паметење.

Инаку, на годинешното шесто издание на спортската манифестација „Охрид Трчат” учествуваа над 1.300 атлетичари, спортисти и рекреативци од 18 земји.

Дарио Ивановски во машка и Адријана Поп-Арсова во женска конкуренција триумфираа на 21 километарската трка.

Манифестацијата почна во петокот со ЕКСПО, каде беа доделени стартните пакети а вечерта се одржа ноќната трка со над 500 рекреативци и вљубеници.

Градоначалникот Кирил Пецаков смета дека „Охрид Трчат“ е еден од неколкуте препознатливи настани со кои може да се пофалиме и кои гордо ги претставуваме пред светот.

„Охрид ТрчаТ прерасна во манифестација на листата од врвните спортски настани, не само во нашата држава, туку и во поширокиот регион. Станува збор за вистински спортски спектакл, кој испрати силна порака за поголема афирмација на трчањето и здравите спортски навики. Се надевам дека оваа спортска приказна ќе стане традиционална и дека ќе има уште многу успешни изданија во иднина, рече Пецаков, кој истрча 5 километри.

Новинар: Соња Рилковска
Фото: Охрид трчаТ

Напишете коментар