Kампања за борба против онлајн насилството и говорот на омраза на интернет
Нов повик до децата и младите, да се вклучат во комуникациски иницијативи за справување со онлајн насилството и говорот на омраза на интернет, отворија УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, насловен „Заедно за интернет без омраза“.
Целта е да ги вклучи децата и младите во справувањето со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација.
– Растењето во време на интернет нуди неограничени можности. Кога се користи на правилен начин, интернетот има потенцијал да ги прошири хоризонтите, отворајќи можности за учење, пристап до информации, играње и изразување. Но, со овие можности доаѓаат сериозни ризици, вели Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Сега, повеќе од било кога, додава таа, на децата и на младите им требаат вештини и способност да покажат почит и да бидат љубезни кон другите онлајн, но и слободно да проговорат против онлајн насилството.
– Ние ја градиме дигиталната иднина, но тоа не е доволно, си поставуваме амбициозна задача да работиме на етиката на таа дигитална иднина. Говорот на омраза на интернет го заслужува нашето внимание и имаме обврска да направиме разлика. Иако ова е предизвик на сите генерации, најмногу ги допира младите. Затоа им даваме глас, знаење, алатки да се борат за интернет без омраза и токму тие да бидат носители на промената, вели Никола Љушев, претседател на Фондацијата Телеком за Македонија.
Децата и младите поминуваат онлајн повеќе време од било кога – 88.3% од младите се на социјалните мрежи, а таму најмногу се случува онлајн насилство и говор на омраза. Според неодамнешното истражување на UReport дури 24% од младите барем еднаш се почувствувале небезбедно на интернет во последната година. Овие податоци покажуваат колку е важно отворено и постојано да зборуваме на оваа тема и да се обидеме да ги заштитиме младите луѓе, но и да им покажеме како да се изборат со заканата.
Главна цел на иницијативата е да ги вклучи младите и да им даде знаење како да започнат со промената. Преку работилници за заедничко креирање со поддршка од професионалци од областа на комуникации, медиумска писменост, заштита на децата, како и стручњаци за нови технологии и креатори на мултимедијални содржини, децата и младите што ќе бидат одбрани преку овој отворен повик ќе се осврнат на проблемите, ќе научат како да се справат со нив и ќе создадат кампања за подигање на свеста на нивните врсници и на целата јавност.
Работилниците ќе се организираат во април и мај и на нив можат да се пријават сите млади на возраст од 14 до 19 години, со пополнување на следниот формулар: https://t.ly/p08z