Доза вести, Лице в лице тема

Системот е продолжена рака на насилството, насилниците се извлекуваат со условни казни

Од година в година се зголемуваат пријавите за случаи на семејно насилство. Жените жртви најчесто се оставени сами во борбата, бидејќи се жалат дека системот не им ја дава потребната заштита.
Дел, немајќи друг избор, се вратиле кај насилникот, дел дочекале судска пресуда, а неколку од нив „ја зеле правдата во свои раце”, па сега тие се во затвор.
Казните за насилните мажи најчесто се условни, што ретко ги спречува повторно да кренат рака.

Автори: Валентина Вурмо и Анета Ристеска

„Кога го пријавив насилниот сопруг, наместо помош, со насмевка добив повратен одговор дека семејното насилство е проблем што треба да се реши дома, со мажот“.

Ваков одговор добила жена откако собрала храброст да го пријави партнерот, чиј ќотек го трпела со години. Таа е една од жртвите на семејно насилство, која за „Лице в лице“ го  споделува своето горко искуство. И останатите испитанички на прашалникот „Системски (не)одговор на семејното насилство“ – немаат пофални зборови за институциите, кои треба да ги заштитат. Велат дека наместо нивен соборник, системот делува како соучесник на насилството.

Речиси половина, насилството најпрво го пријавуваат во полиција. Од 27 жени кои решија да го споделат своето искуство на нашиот прашалник, високи 44 отсто одговориле и дека насоките што ги добиле од институциите по пријавувањето се нејасни и збунувачки, а најголем процент, над 56, се жалат на работата на Центарот за социјална работа. На второ место, по забелешки за професионалност во дејствувањето, е полицијата со 30 отсто.

Потсмев место помош

Молк од другата страна са СОС линијата. Потсмев и бесчувствителност за сензитивноста на проблемот од страна на институциите. Полициски службеници кои го штитат насилникот.
Двојна виктимизација. Задоцнета институционална реакција. Закана дека ако уште еднаш пријави насилство, ќе добие казна.
Ова се само дел од бариерите, со кои се соочуваат жените што ќе одлучат да го пријават семејното насилство.

„Од МВР само го повикаа на разговор, и јас иако бев повредена, со наоди од повеќе специјалисти, сепак, насилникот не го отстранија од домот, ниту, пак, му ставија забрана за приближување, иако жртва беше и нашето дете. Од ЦСР, надележен за случајот рече ‘Ништо страшно, па секој родител понекогаш го тепа детето’“.

Искуство на жените жртви недвосмислено укажува на нефункционалноста на системот да се справи со насилството. Тромоста, и несоодветна реакција на пријавите, ја оставаат жената сама во борбата. Ваквата ситуација, според нив, делува многу демотивирачки.

„Чекајќи премногу долго институциите да го решат проблемот, често случаите завршуваат и со убиство, а некои пак и со самоубиство на жртвата, образложува една од соговорничките.

Анализата покажува дека жртвите јасно повикуваат на поемпатичен однос и комуникација со нив, во моментот кога пријавуваат, но, и потоа, да не ја виктимизираат дополнително со предрасуди и со осуди, охрабрувајќи ја да се врати кај насилникот.

Одлуката да се пријави е тешка, некогаш едвај се собира храброст. Затоа, многу е важно како ЦСР ќе ја сослуша жртвата, и веднаш да иницира помош. Неопходно е да се вклучат сите институции, и постапките кои се водат против насилникот да бидат итни, а не да се влечкаат со месеци, години“, велат жените кои се соочиле со семејно насилство.

Од жртви до убијци

Дел од жртвите, пак, чувствувајќи се беспомошно и во безизлезна ситуација, ги извалкале рацете со крв, во обидот да го спасат својот живот.
Една од нив е и 41– годишната Анита од Тетово, која по долгогодишно физичко и психичко насилство, со сопствени раце му го одзеде животот на невенчаниот сопруг. Ноќта, додека спиел, земала токмак и го убила.

Цели 13 години ме малтретираше. И не само мене, туку и нашата ќеркичка. Ме тепаше без престан,  раскажува Анита.

Таа го убила партнерот на спиење, бидејќи како што вели, немало друг начин за да го совлада. Бил посилен и покрупен од неа.

Како и многуте вечери, и таа вечер си дојде пијан, издрогиран. Ме тепаше и ми рече дека утредента, бидејќи му фалело келнер во кафеаната што ја имаше, јас да сум одела да ги служам гостите, но и сексуално да ги опслужувам. Кој маж ѝ вели такво нешто на својата жена?, раскажува нашата соговорничка.

По ќотекот и заканите, не можела око да склопи. Цела вечер стравувала од тоа што ќе се случи кога ќе се раздени. Тогаш, пред да се разбуди партнерот, како што вели, го зела токмакот в раце и го убила во постела.

Уште не можам да сфатам како го направив тоа, вели Анита.

По убиството заминала самата да се пријави во полициска станица.
Појаснува дека помош, поради насилството што го трпела, неколку пати барала и од полицијата, но нејзиниот насилен партнер добивал само телефонски опомени.

-Еднаш се јавив да пријавам дека ме тепа, а од таму ме препратија во Центарот за социјални работи. Кога отидов, мажот ми веќе ме чекаше таму. Наместо да добијам заштита, некој му кажал дека сум го пријавила, вели Анита

Се чувствувала немоќна, била без пари и без кров над главата и не знаела каде да се засолни и да избега. Безизлезноста, како што вели, на крајот ѝ ги замачкала рацете со крв.
Таа сега мора да помине 8 години зад решетки, иако првостепениот суд бил поблаг и ја осудил на 5 години затвор. Сепак на Апелација казната и била зголемена за уште три години.
Уште четири жени во женското одделение во затворот ,,Идризово” ја делат истата судбина со Анита.
Обвинуваат дека не добиле институционална помош за да се спасат од семејното насилство, па биле принудени самите да изберат, тие или нивните насилни партнери.
Велешанката Павлинка Илиска е една од ретките која, иако го уби својот насилен партнер, се спаси од затворска казна. Судот утврди дека реагирала во самоодбрана, односно – или таа или тој.

Расте бројот на случаи на семејно насилство

Статистиката покажува дека низ годините расте бројот на случаи на семејно насилство, но и дека жртвите се повеќе се охрабруваат да пријават. Па така, лани пристигнале над 315 кривични пријави кои се однесуваат на кривични дела против животот и телото, а во 2021 година бројот на пријавите бил 302.

И статистиката од Министерството за внатрешни работи за 2020, 2021 и 2022 година, говори дека има пораст на пријавени случаи на семејно насилство од година в година. Во 2020 година биле пријавени 992 кривични дела во врска со семејно насилство, наредната година 1.056 и лани 1.117.

Минатата година е забележан и значителен пораст и на поплаките. Ако во 2020 година имало 3.759, а во 2021 година пристигнале две повеќе, минатата година има зголемување за дури 260 поплаки, или вкупно 4.421. Единствено е забележано намалување на бројот на прекршоци и тоа од 486 на 366.

Штом пријавите го поминат првиот филтер и стигнат до Обвинителстото, тогаш најголемиот дел од процедурата во докажување на насилството е речиси завршена.

Обвинителот Ермон Незири појаснува дека од аспект на Јавното обвинителство не постојат особени пречки за докажување дека кривичното дело е сторено при вршење семејно насилство.Како што појаснува, тоа претставува објективна околност која најчесто се документира веднаш и која согласно Кривичниот законик претставува основ за квалифициран облик на кривичните дела – убиство, телесна повреда, тешка телесна повреда, присилба, противправно лишување од слобода или загрозување на сигурноста.

– Меѓутоа, онаму каде што законодавецот предвидел дека гонењето се презема по предлог, секогаш постои можност жртвата да се откаже од кривичен прогон заради блиските релации со насилникот, но и од други побуди. Сепак, во фаза кога веќе предметот е инициран со кривична пријава пред јавното обвинителство, станува збор за помал број изолирани случаи. Дури и во тие случаи, не станува збор за проблем при докажувањето, туку за отсуство на волја кај жртвата да продолжи со кривичниот прогон, што пак е предуслов за гонењето да продолжи по предлог, ни изјави обвинителот Незири.

За тешките кривични дела извршени при семејно насилство, кои се гонат по службена должност, пак, не е неопходно сведочење на жртвата.

ури и во одредени случаи постои објективна спреченост за жртвата да сведочи, во случај на смрт, на пример. Обвинителството постапува и ги обезбедува сите докази за кривичното дело. Доколку жртвата сведочи со свој исказ, тоа секако придонесува за наводите во обвинението, појаснува Незири.

Насилните мажи се извлекуваат со условни казни

Не сите случаи на семејно насилство завршуваат на суд. Многу од жртвите се откажуваат на половина пат, а демотивирачки се и казните кои им се изрекуваат на насилните мажи. Според последното истражување на Коалицијата „Сите за правично судење“, од судските предмети кои ги мониторирале, поголемиот дел завршиле со условни казни за обвинетите.

„Од случаите 64% завршиле со условна казна, 25% со ефективна казна затвор, 11 % завршиле со одбивање на случајот, а нема ниту еден случај во кој има ослободителна пресуда. Ваквата ситуација укажува практично на многу поблага казнена политика отколку просечната казнена политика за оние обични кривични предмети“, се наведува во истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“.
Најчесто правдата на суд ја бараат жртви на семејно насилство кои живеат во урбана средина (околу 80 отсто), другиот дел живеат во рурална средина. Скоро половина од жртвите на семејно насилство (46 отсто), кои се согласиле да биде гонет сторителот подоцна се откажале од тоа, додека пак 40 проценти од случаите предметите завршиле со признание на вина на сторителот.
Впечатокот дека насилството најчесто поминува неказниво, го дели и адвокатката Котеска- Стисниовска.

Како практичар кој се занимава десет години со оваа материја, можам да констатирам дека во сегашно време почести се пресудите со кои се казнува семејното насилство, но се уште казните се благи. Најчесто казните се условна осуда, кои во многу голем број случаеви се прекршуваат, па и во тие случаеви повторно се изрекуваат условни осуди, вели адвокатката.

Појаснува дека на овој начин не се постигнуваат целите на казнувањето. Сторителот чувствувајќи дека „лесно поминал“, а при тоа не подведувајќи се и на психолошки третмани и третмани за задолжително лечење од алкохол и наркотици, кои како мерки за заштита многу ретко се изрекуваат, го повторува семејното насилство врз друг партнер или врз децата.

Нетретирањето на сторителот и немање на стратегија на ниво на државни институции при отстранување на насилникот од домот и недоволно развиени механизми за успешна имплементација на жртвата во општествените процеси ги враќа жртвата и насилникот повторно на исто место на живеење и повторување на семејното насилство, децидна е адвокатката.

Судовите со преблаги казни за насилниците

И според статистиката од најголемиот суд во државата, Кривичниот суд во Скопје, најмногу биле изречени условни казни за насилниците. Минатата година биле донесени 81 правосилна пресуда, поврзана со некое кривично дело кое се однесува на семејно насилство. Казна затвор добиле 19 обвинети, со условна се извлекле 33-ца, условна осуда со заштитен надзор добиле осумина, задожително психијатриско лекување само еден, за шестмина обвинението било отфрлено или одбиено, а за 14 обвинети постапката била запрена.

Во 2021 година, правосилни станале 91 предмети, од кои казна затвор добиле 12 пријавени, дури за 51 била изречена условна осуда, седум условни со заштитен надзор, двајца се спасиле со парични казни, два случаи запреле бидејќи се откажал тужителот, а две обвиненија биле отфрлени. Постапката пак била запрена за 15 обвинети.

Во 2020 година биле донесени 71 пресуда. Казна затвор добиле 14 пријавени, 32-ца условна казна, 10 условна казна со заштитен надзор, еден пријавен се извлекол со парична глоба, еден со задолжително психијатриско лекување, за два случаи било отфрлено обвинението, во еден случај се повлекол тужителот, а за десет предмети запрела постапката.
Сликата на неказнивост, или прогледување низ прсти на насилните мажи, е воочлива и во останатите судови низ земјаа, каде што само е помал бројот на предмети.

Од Судот во Гостивар добивме податоци според кои може да се заклучи дека годишно се регистрирани по 40-тина случаи на семејно насилство, кои завршуваат на суд. И од овие податоци се заклучува дека поголемиот број на пријавени насилници се извлекле со условни казни.
Во 2020 година имало пресуди за 46 случаи, а за 27 биле изречени условни осуди, 8 се со затворски казни, две со парични глоби, а во 9 случаи тужителот се откажал од обвинение.

Тенденцијата на неказнивост продолжила и следната година. Поточно од 32 пресуди, само три завршиле со затворски казни, 12 со условна осуда, четири со парична глоба, во дури девет случаи тужителот се откажал од обвинение, и по еден случај завршил со задолжително психијатриско лекување и една ослободителна пресуда. Минатата година пак биле донесени најмногу пресуди и тоа 47. Од нив, само во четири случаи била изречена казна затвор, со условна осуда се извлекле 28 насилници, тројца требало да платат парична казна, а во девет случаи тужителот се повлекол, односно се откажал од обвинение.

Жртвите немаат доверба во институциите

Алармантно загрижувачка. Вака адвокатката Катерина Котеска – Стисниовска ја оценува довербата во системот од страна на жените жртви на семејно насилство. Доказ за ова се честите случаи кои не добиваат процесуирање и ефикасна завршница.

Во последниот период сведоци сме на зголемувањето на бројот на случаи на семејното насилство, тенденција која претставува парадокс, по состојбата на формирање на Национално тело за заштита од семејно насилство и родово базирано насилство, ратификација на Истанбулската Конвенција и усогласување на нашето законодавство согласно обврските преземени со ратификацијата, а особено со проширувањето на ингеренциите на полицијата, центрите за социјална работа, како и проширување на спектарот на мерки за заштита кои се изрекуваат, вели адвокатката.

Појаснува дека факторите кои влијаат на летаргичноста и индиферентноста на институциите се различни. Од недоволна мотивација за работа поради ниските месечни примања, па сѐ до  недоволна едукација.

Иако постои подобрување на состојбата при изрекување на мерките за заштита и спречување на семејното насилство, сепак индикатор дека по изрекување на мерките нема ефикасен механизам за спроведување на истите и контрола на спроведувањето, е и многу често прекршување на мерките, кое претставува кривично дело, вели таа.

Ваквата состојба, додава, треба да се подобрува и менува. Појаснува дека сме во фаза на адаптирање на нашите институции со обврските согласно Инстанбулската Конвенција. Она што  е потребно, е професионализирање на институциите преку едукација и контрола при примена на законските норми како и поставување на компетентни и образовани кадри на релевантни позиции.

За жал оваа состојба доведува до недоверба во институциите од страна на жртвите и злоупотреба од страна на сторителите на семејното насилство, па жртвите се колебаат или воопшто не се осмелуваат да пријават. Тогаш  проблемот го решаваат или со заминување од врската и заедничкиот живот со насилникот или се принудени да ја земат правдата во свои раце, па сме сведоци на кривични дела при вршење на семејно насилство од страна на жртвите во самоодбрана, вели нашата соговорничка.

Според нејзиното искуство, жените многу често се осудувани во процесот на постапување при семејно насилство.

-Најлошо од се е што институциите наместо да ги процесуираат и казнат насилниците одат кон помирување на жртвата и сторителот, кое е стриктно забрането со Истанбулската Конвенција, вели Котеска – Стисниовска.

Додава и дека институциите никако не треба да поминат неказнето за своите пропусти во работењето. –Денешната практика покажува дека пропустите случајни или намерни од институциите не се контролираат и казнуваат, па најчесто кога ќе се пријави случај за инспекциски надзор, не дава резултат под притисок на политчка припадност и заштита на електоралниот апарат структуиран во институциите, вели Катерина.

Им кршеле коски на сопругите, а не завршиле зад решетки

За неказнивоста на семејното насилство не зборува само статистиката, туку и самите пресуди. Во нив се опишани сите модринки, скршеници и трауми на жртвите, но, освен неколку исклучоци, впечатокот е дека тие многу не тежат на кантарот кој во рацете го држат судиите.
Па така, струмичанец, во 2021 година бил осуден на условна казна затвор од една година, иако бил обвинет за сериозно кривично дело „тешка телесна повреда“.
Едно утро прво почнал расправија со својата сопруга, а потоа ја турнал од креветот, па со дрво ја удрил по раката. Жената завршила со две скршеници на подлактицата, што спаѓа во рамките на тешка телесна повреда. И покрај сериозноста на делото, судот бил благ спрема насилникот, бидејќи тој признал вина, но и неговата сопруга истакнала дека веќе му простила, дека повторно се заедно и имаат три деца, па затоа не сакала да биде казнет.

Со алтернативна мерка, односно со условна казна, бил санкциониран и насилен битолчанец, кој бил обвинет за истото кривично дело. По расправија со неговата сопруга, со клоца ја удрил по носот.
И овој насилник се извлекол со помала казна, кажал дека се смирил со сопругата и дека повеќе нема да крене рака на неа.

Една од ретките пресуди на која наидовме, а која не завршила со условна казна затвор за насилникот е донесена од кумановскиот суд. Иако обвинетиот маж признал вина, сепак бил осуден на казна затвор од една и пол години. Тој освен што ја претепал својата сопруга, додека бил пијан, безмилосно ги тепал и своите две ќерки.

„Ќерката се обидувала да го отргне од својата мајка, а тој се свртел кон неа и почнал со тупаници да ја удира по целото тело, најмногу во пределот на главата, а таа стуткана на креветот со рацете на глава се обидувала да се одбрани“, пишува во пресудата.

Една од пресудите пак која го привлекува вниманието е за случај во Гостивар, каде што иако обвинетиот насилник бил во бегство, сепак судот бил милозлив кон него и го осудил на условна казна. Инаку, тој бил обвинет дека со сукало ја удирал сопругата по целото тело, а потоа ја влечел и за коса, нанесувајќи и повеќе повреди.
За сличен случај, пак, скопскиот Кривичен суд, на казна затвор го осудил обвинетиот насилник. Бил обвинет дека со раце ја удирал сопругата по главата и телото, и иако негирал вина, сепак завршил со затворска казна, односно судот и поверувал на жртвата.

Импресионира како некои жени излегуваат од кругот на насилство – без соодветна системска поддршка

Еден од системските пропусти во справувањето со семејното насилство е капацитетот на сервисите и советувалиштата за жени жртви на родово базирано насилство (РБН).

Психологот Фросина Ивановска вели дека изминативе две години се бележи тренд на воспоставување нови услуги за заштита од РБН, и дека е особено важно што се отвораат советувалишта во повеќе градови низ државата, процеси водени и од граѓански организации, но и од МТСП. Но, ако се погледне Извештајот од спроведениот мониторинг ќе се види дека недостасуваат уште многу услови кои треба да ги обезбедат. Некои од нив, пак, и воопшто и не функционираат.

Во однос на состојбата со кадарот тој е често оптоварен и без соодветна поддршка, односно се потпира исклучиво на индивидуалните капацитети и стратегии за справување, што секако се одразува на квалитетот на услугата. При една ваква состојба импресионира како некои жени воопшто успеваат да се ослободат од насилството, во услови на непредвидлива и делумна институционална заштита и поддршка во поглед на безбедноста, домувањето, надминување на траумите и грижата за децата, објаснува Ивановска.

Кога станува збор, пак, за состојбата со шелтер центрите низ земјава, предизвиците се многубројни, и, за жал, долготрајни, категорична е Ивановска.
Вели дека оваа услуга бара најмногу ресурси, и тоа просторни, потоа технички, но, и во поглед на кадар.
Почетната точка би била дека засолништата се наменети за жени и деца со висок ризик од повторување на насилството кое ја загрозува нивната безбедност, но во недостиг на други можности и услуги, за жал, тие се и единствена опција за жени и деца кои немаат каде да одат или не можат да си дозволат изнајмување на соодветни простории, и со напуштањето на насилната средина се во ризик од бездомништво. Оттука, недостигот на доволен број на легла ширум земјата често знае да води во насока на суптилен притисок некоја жена што поскоро да најде друго решение и да замине за да се ослободи место, објаснува Ивановска.

Дополнително, додава таа, на многу жени, особено оние кои не се во висок ризик од повторено насилство им паѓа тешко да мораат да останат целосно изолирани, да изгубат работа, да ги оттргнат децата од вообичаената средина и секојдневни активности. – Но, има и добри примери и пракси, и како таков ќе го наведам засолништето кое го раководи организацијата „Скај плус“ од Струмица. Обезбедени се добри услови за сместување на жените и децата, но и со добра организација, раководење, и соработка со сите релевантни чинители, услугата од локална за кусо време прерасна во регионален ресурс кој за многу жени и деца успева да обезбеди сѐ она што им е неопходно за да изградат нов живот, и најважно без насилство, децидна е таа.

Недостаток на услуги на „едно место“

Бројките на глобално ниво покажуваат дека не постои држава или заедница која успеала да го искорени семејното и родово базираното насилство. Го има насекаде – на улица, во домот, на работа. Организацијата „Скај Плус“ од Струмица, освен со Центарот за згрижување, делува и во Советувалиштето за психосоцијална заштита на жените и децата жртви.

– Сето ова бара мултисекторски пристап, со цел обезбедување континуирана заштита. Само луѓето кои имаат близок контакт со жртвата знаат дека насилството остава големи траги. Со сериозни последици. Ваквиот мултидисциплинарен процес, во кој се вклучуваат сите засегнати страни со цел поддршка и помош, го бара и Истанбулската конвенција која носи ревулуционерен чекор кој треба сите чинители да ги однесе во доследна имплементација на сопствените обврски. Една од тие доследности што ги бара Конвенцијата е начинот на работа во засолништата – појаснува Стојне Митева од „Скај плус“.

Промената на ставовите на јавноста кон жените е важен прв чекор во решавањето на сложениот проблем со семејното насилство во Македонија. Клучниот момент во спречувањето на насилството врз жените бара разоткривање на митот дека она што се случува зад затворени врати е „семејно прашање“, нагласува Митева.
-Поминувањето низ физичка, емоционална и економска траума често останува заклучено во рамките на домот и под контрола на доминантниот насилник. Оставени сами на себе, жртвите се чувствуваат изолирано и немоќно. Затоа превенцијата мора да биде јавна активност со учество на професионални мрежи за поддршка на жртвите на тешкиот пат кон спас од насилство. Практичната поддршка и заштита на жртвите е должност на институциите, но, доаѓањето до одговорните институции е првата пречка што мора да ја надминат жртвите, вели таа.

Недостатокот на „услуги на едно место”, исто така, е значаен пропуст, потенцира Митева.
Често, поради долгиот и бавен пат на процедурите, се случува жртвите да се откажат од услуги што се предвидени и се враќаат кај сторителите. Исто така, една од институциите што треба да игра поголема улога во превенција, идентификација и грижа за жртвите, Министерство за правда, во пракса не го признава насилството како нејзина основна дејност.

Фотографии: Freepik
Илустрации: Зоран Инадески




Напишете коментар