Доза вести

„Ќе преживеат ли жените овде“ – Осмомартовски марш во Скопје

Повеќе граѓански организации здружени во Платформа за родова еднаквост, на 8-ми март ќе организираат Марш за женски права. Оваа година маршот ќе биде под слоганот: „Ќе преживеат ли жените овде?“ и ќе почне во 18 часот на плоштадот „Филип II“ во центарот на Скопје.

Да се биде жена или девојка во оваа земја значи секојдневно да се соочуваш со ново прашање за преживување: Дали ќе го преживеам ова возење со такси? Дали ќе го преживеам овој месец? Дали ќе го преживеам браков? Дали ќе го преживеам породувањето? Дали ќе ја преживеам оваа операција? Дали ќе го преживеам насилството? Да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден.


Овој марш е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените, стои во повикот за марш, објавен на социјалните мрежи.

Во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот. Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири. Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас – бидејќи родова нееднаквост е сечиј проблем, а единствено здружено сме посилни – велат од Платформата за родова еднаквост.

Организаторите на маршот ги охрабруваат учесниците да земат со себе реквизити со кои ќе бидат погласни како што се свирчиња, тенџериња и дрвени лажици, светлечки батерии, транспаренти.

Маршот ќе заврши во паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.

На овој линк е рутата на маршот

Рутата по која ќе биде маршот


Напишете коментар