Китијана Бодинаку, менторка за вработување: Активното слушање и емпатија се клучни за успех
НИЗ ПРИЗМА НА МЕНТОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
Китијана Бодинаку е сертифицирана менторка за вработување од Албанија која оваа година ја помина верификуваната едукативна програма на „Паблик“. Таа е одличен пример за тоа како еден ментор прави значителна разлика во животот на своите менторирани лица, поттикнувајќи ги да ги надминат и емоционалните и професионалните предизвици.
Анета Ристеска
Кои се клучните карактеристики што еден успешен ментор треба да ги поседува за да обезбеди ефективна поддршка и водство?
Успешен социјален ментор треба искрено да се ангажира во запознавање на лицето што ќе го менторира. Ова вклучува разбирање на неговите интереси, предности и слабости. Му овозможува на менторот да обезбеди добро информирано и приспособено (tailor-made) водство, наместо да нуди универзално решение (one size fits all). Исто така, за силна менторска релација важно е да постои емпатија, активно слушање и трпение. Дополнително, позитивниот став и ефективните комуникациски вештини можат подлабоко да ја зголемат способноста за поддршка и инспирација на менторираното лице.
Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат лицата што ги менторирате, и каква поддршка им обезбедувате за да ги надминат?
Еден од најчестите предизвици е надминувањето на недостатокот на самодоверба и самопочит, особено за оние кои доживеале траума или значителни неуспеси. За да го решам ова, обезбедувам поддржувачка и некритична средина каде што можат да ги изразат своите стравови и несигурности. Преку активно слушање и позитивно зајакнување, целта ми е да им помогнам да изградат самодоверба и да развијат попозитивна слика за себе. Социјалната изолација е уште еден доминантен предизвик. Лицата со кои сум работела биле отсечени од поддржувачките мрежи и се мачеле со градење нови, здрави односи. Практичните предизвици како недостаток на образование, ограничено работно искуство и финансиска нестабилност, исто така, се значајни. Се стремам да дадам поддршка менторираните лица сами да ги идентификуваат и да пристапат до ресурси за понатамошно образование и обука, како курсеви и работилници. Поддршката во развој на вештини за барање работа—како пишување CV мотивациони писма, подготовка за интервјуа и мрежно поврзување—е уште еден клучен апект на мојата заложба и поддршка. За оние што се соочуваат со финансиски тешкотии, ги водам низ процесот на аплицирање за социјални услуги и програми за поддршка, како помош за домување и грижа за деца, што може да ги олесни некои од непосредните притисоци. Со решавање на овие практични потреби, менторираните лица можат повеќе да се фокусираат на своите долгорочни цели и развој.
Можете ли да споделите успешна приказна од вашето искуство како менторка? Приказна која, помеѓу фазите „пред“ и „после“, вклучува многу предизвици и на крај резултира со многу позитивни промени.
Меѓу најинспиративните успешни приказни од моето искуство како менторка влегува сторијата на Е.С., жена која покажа неверојатна издржливост и решителност пред многубројни предизвици. Е.С. се обидуваше да го изгради својот живот одново по преживувањето на семејно насилство и социјална изолација за време на нејзиниот брак. Со пет деца за кои треба да се грижи и без претходно работно искуство, таа се соочуваше со тежок пат. Мораше да се справи со сложени правни проблеми, од разводот до обезбедување на старателство над ндецата, и сето тоа додека бараше ново место за живеење откако ѝ се оштети куќата земјотрес. Со само основно образование и без професионални вештини, таа започна со часови за готвење за да стекне некаква форма на квалификација. Нејзиниот непосреден фокус беше да најде привремени работни можности за да ги ублажи своите финансиски потешкотии.
Иако овие работни места беа краткотрајни, тие ѝ обезбедија вредно искуство. Ја поддржував Е.С. во процесот на аплицирање за социјално домување и решавање на нејзините правни прашања со нејзиниот поранешен маж, осигурувајќи се дека се чувствува безбедно и сигурно. Е.С. покажа извонредна посветеност и издржливост. И покрај бројните неуспеси, никогаш не се откажа.
Денес, таа има целосно старателство над своите деца и редовна работа во слаткарница. Иако нејзините финансии сè уште се во процес на напредок, нејзиното патување е обележано со постојани, позитивни промени. Приказната на Е.С. е сведоштво за силата на решителноста и влијанието на поддржувачката менторска врска. Нејзиниот напредок, е постепен и е насочен кон подобро, одразувајќи ја нејзината неуморна посветеност на создавање подобар живот за себе и своето семејство. Беше привилегија да се биде сведок на нејзината трансформација и да ја поддржувам низ овие предизвикувачки времиња.
Кои стратегии ги користите за да ги охрабрите менторираните да прифатат различни можности за развој, како дополнителна едукација или професионална поддршка?
Поттикнувањето на менторираните лица да прифатат можности за развој вклучува неколку стратегии приспособени на нивните индивидуални аспирации и околности. Прво, го нагласувам значењето на континуираното учење и раст преку дискутирање на придобивките од дополнителното образование или професионална поддршка за постигнување на долгорочни кариерни цели. Активно ги слушам нивните грижи и очекувања, осигурувајќи се дека секоја предложена можност е усогласена со нивните интереси и амбиции.
Обезбедувам персонализирано водство и ресурси, како препорачување релевантни курсеви, сертификати или работилници кои можат да ги подобрат нивните вештини и квалификации. Со истакнување на тоа како ова можае да придонесе за нивниот професионален развој и успех, ги мотивирам да преземат проактивни чекори. Важно е и значењето на целосната посветеност и вистинскиот интерес за личен и професионален раст. Развојот не може да биде присилен, потребно е менторираното лице да биде вклучено и целосно ангажирано во процесот.
Поттикнувам отворени дискусии за да го проценам нивото на подготвеност и ентузијазам, прилагодувајќи го мојот пристап соодветно. Конечно, обезбедувам континуирана поддршка и охрабрување низ нивното патување, славејќи ги достигнувањата и успесите, давајќи конструктивен фидбек за да ги одржувам мотивирани.
Кои се најголемите придобивки за компаниите кои одлучуваат да вработат лица кои поминале низ програмата за менторство за вработување?
Менторираните обично се посамосвесни и мотивирани. Преку процесот на менторство, многумина развиваат силно чувство за цел и насока. Оваа фокусираност и посветеност се особено очигледни кај лица како Е.С., која и покрај значајните лични и правни предизвици, покажа непоколеблива посветеност на подобрување на својот живот и обезбедување стабилна работа. Таквата решителност често се претвора во високи нивоа на мотивација и ангажираност на работното место.
Исто така, тие ги подобруваат своите вештини за решавање проблеми и адаптибилност. Различните пречки кои ги надминале им помагаат да се опремат со способноста ефикасно да навигираат низ сложени и променливи околности. На пример, патувањето на Е.С. вклучуваше обезбедување домување, управување со правни битки и добивање работа со полно работно време — сите овие бараа значителна издржливост и адаптибилност.
Понатаму, менторираните можат да донесат подобрени интерперсонални и комуникациски вештини. Програмата за менторство го нагласува значењето на активното слушање, емпатијата и ефективната комуникација. Овие вештини не само што им помагаат лесно да се интегрираат во тимовите, туку и да го поттикнуваат позитивното и соработувачко работно опкружување. Тие често се вешти во градењето односи, и внатре во компанијата и со клиентите, што може да ги подобри тимската динамика и задоволството на клиентите.
Компаниите, исто така, имаат придобивки од различните перспективи и иновативни решенија кои менторираните можат да ги понудат. Имајќи поминато низ уникатни и често предизвикувачки искуства, овие лица можат да донесат свежи идеи и поинаква гледна точка во решавањето на проблемите и извршувањето на проекти. Нивните искуства можат да придонесат за поинклузивна работна култура, промовирајќи различност и креативност.
Вработувањето на лица од менторски програми може да ја подобри репутацијата на компанијата. Тој чекор демонстрира посветеност и општествена одговорност и поддршка на заедницата, што може да привлече слично мислечки таленти и клиенти. Ја позиционира компанијата како посакуван работодавач, посветен на поттикнување раст и обезбедување можности за оние кои се соочиле со значајни предизвици.
Photo: GADC