Магазин, Образование

Кога јазикот не разделува, туку поврзува: лекциите на наставничката Сања од општина Боговиње

Родена во мешан брак, предава македонски јазик во средини со мнозинско население од албанска националност, наставничката Сања Блажеска верува дека јазикот и училницата можат да бидат најмоќната алатка за заедништво и инклузија.

Секојдневно сме изложени на говор на омраза, национализам, дезинформации, а различностите ни служат како причина за поделби. Знаеме и како факт дека најмногу мразиме на етничка основа, и жени. Наспроти ова, стојат оние кои тивко, но решително градат мостови меѓу луѓето. Сања Блажеска е наставничка по македонски јазик предавала во две училишта „Лирија“ во Жеровјане и „Aбдил Фрашери“ во Боговиње, средини со претежно албанско население.

Ја запознав на работилницата на „Лице в лице“, одржана токму во училиштето во Жеровјане каде што таа работеше како заменска наставничка по македонски јазик. Нејзиниот отворен и срдечен пристап не беше изненадување, туку потврда на вредностите што ги живее. Сања беше единствената Македонка во просторија исполнета со колеги и сограѓани од албанската етничка заедница, но тоа не создаваше дистанца. Напротив, таа природно комуницираше на албански јазик, со почит и сигурност, еднакво прифатена и ценета.

Сања со нејзината колешка Ениса, како дел од работилницата на „Лице в лице“ во основното училиште „Лирија“ во Жеровјане

Атмосферата во училиштето и во селото не сведочеше за случајна „нормалност“, туку за свесна практика на почит и вклучување. За избор да се гледа на различностите како вредност што се негува, а не како тема што се избегнува. Токму таквите примери се суштината на овие наши содржини, со кои „Лице в лице“ дава придонес кон спротивставување на штетните наративи преку издвојување медиумска содржина, етички приказни и простор за гласовите кои најчесто остануваат на маргините.

Родена во мешан брак: први лекции за различностите

Блажеска е родена во Тетово, а живее во Брвеница. Израсната е во мешан брак. Со мајка муслиманка од Босна и Херцеговина и татко Македонец, таа уште од раното детство научила дека различностите не се ѕид, туку прозорец, простор за разбирање. Блажеска ја живее мултикултурата не како идеологија, туку како реалност.

– Моето растење во мешан брак, во мултикултурна средина, ми помогна да ја разберам вредноста на различностите уште како дете. Денес тоа искуство го пренесувам во наставата, градејќи клима на меѓусебна почит и разбирање – вели Блажеска

Јазикот е мост, а не бариера

Во општества обременети со идентитетски поделби, вистинските промени ретко доаѓаат со гласни пораки. Тие најчесто се случуваат тивко. Токму во училниците, во секојдневната комуникација и во односот меѓу наставникот и ученикот. Блажеска вели дека за неа, јазикот никогаш не бил пречка, туку алатка за поврзување.  

– Кога наставата е интерактивна и охрабрувачка, учениците го дожуваат тоа како можност за комуникација, а не како пречка. Одлично го зборувам и албанскиот јазик и можеби тоа е уште едно од позитивните нешта кое ми помага во мојата работа, но и надвор од неа – вели таа.

Инклузивност во пракса: како учениците учат почит и емпатија

Инклузивното образование за Блажеска не е само теоретска категорија.
– За мене, тоа значи секој ученик да биде виден, прифатен и поддржан според своите потреби и потенцијали. На предрасудите им пристапувам преку дијалог и едукација, затоа што мојата цел е учениците да развијат критичко размислување и емпатија – додава наставничката.

Мултикултурализмот низ секојдневието

Мултикултурализмот за неа се гледа во секојдневните мали практики, а не во документи и декларации.

– Највидлив е кога различните култури се интегрирани во наставата и кога учениците соработуваат меѓусебно, учејќи едни од други – вели Сања.

Локалните иницијативи, како збратимување на мултиетнички училишта од различни средини и заедничките проекти кои ќе се со поддршка од Министерството за образование и наука, според неа, се најмоќната алатка за градење разбирање и соработка.
– На пример, училиште од гостиварското село Врапчиште, каде што учат Турци и Албанци се имаше збратимено со училиште од Источна Македонија каде што учат Македонци. Таквите соработки имаат најголем ефект за учениците. Многу се важни и културните наставни и активностите што поттикнуваат соработка и меѓусебно запознавање.

Локални иницијативи што градат заедништво

Преку наставата, секојдневниот контакт со учениците и личниот пример, таа испраќа порака дека образованието може да биде најмоќниот одговор на дискриминацијата, предрасудите и националистичките наративи.

– Различностите се предност што ги збогатува општеството. Преку заедничка почит и отвореност се градат силни заедници. Образованието е место каде тоа може да започне – и јас го живеам тоа секој ден – вели наставничката.


Фотографии: приватна архива на Блажеска

Расипан прозорец од патарини, но полни срца од приказни: Жеровјане покажа колку е силна локалната енергија


Напишете коментар