Интерактивни приказни

Кога руралните проблеми остануваат невидливи: Жеровјане и борбата за јавен превоз

Снимка од Дрон кон Жеровјане - недостаток на јавен превоз и регионален пат

Недостатокот на јавен превоз во селото Жеровјане кај Тетово не е само инфраструктурен проблем, туку прашање на пристап до образование, работа и здравствени услуги, особено за жените, младите и повозрасните жители.

Текст и снимки со дрон: Артан Ибиши
Монтажа: Ардит Ибиши

Да живееш во село. Убавини!
Чист воздух, опкружени со природа. Храна од бавчата во дворот.
Но зад оваа слика на мирен рурален живот, во селото Жеровјане во Полошката котлина се крие секојдневен предизвик – како да се стигне до најблискиот град.

За многумина, ова не е избор, туку секојдневна борба. Иако Тетово е оддалечено 11 километри, жителите на Жеровјане со години се соочуваат со сериозен проблем: селото не е опфатено со редовни линии на јавен превоз. Згора на тоа, мораат да плаќаат и патарини. Јавниот превоз не е само прашање на инфраструктура. Тој е услов за еднаков пристап до образование, работа и здравствени услуги. Најпогодени се токму оние кои имаат најмалку можности: жените, младите и повозрасните жители.

Истражувања покажуваат дека само 47% од граѓаните во Северна Македонија се задоволни од јавниот превоз, што ја става земјата меѓу оние со најслаб транспортен систем во Европа. Ова особено значи за, речиси непостоечкиот превоз во руралните места. Истовремено, повеќе од 92 проценти од патувањата се реализираат со приватни автомобили. Ова пак, покажува колку јавниот транспорт е ограничен, особено во руралните средини.

Искуството на руралните жители покажува дека голем дел од населението има сериозни тешкотии со пристапот до основни здравствени и образовни услуги поради недостаток на јавен транспорт. Според истражување (достапно на овој линк), дури 43% од населението во руралните средини нема лесен пристап до јавен превоз, што е речиси двојно повеќе отколку во урбаните области (23%). Ова значи дека многу луѓе, особено оние без автомобил, мора да користат сопствен превоз или скапи такси услуги за да стигнат до градот или до болница и други услуги

За жителите на Жеровјане, овие податоци не се само статистика, туку секојдневна реалност.

Жените, најмладите и највозрасните најмногу го чувствуваат проблемот

Недостатокот на редовен автобус најмногу ги погодува младите, жените, и највозрасните. За учениците, без сигурен превоз, нивното секојдневно патување до училиштето станува неизвесно. Средношколка од Жеровјане посочи дека ако нема кој да ја однесе, таас редовно доцни на училиште. За младите, патувањето кое во нормални услови би траело неколку минути, понекогаш се претвора во долг и неизвесен почеток на денот. За многу жители кои работат во селото, или патуваат до градот, трошоците за превоз се значителен финансиски товар.

Снимка од дрон кон селото Жеровјане, со потоечкиот пат

Транспортот како дополнителен трошок за семејствата

Жените се значително понеопремени со сопствен превоз од мажите, што ги прави подложни на ограничувања во мобилноста. Извештај кој посочува на родови разлики во поглед на транспортот (линк овде), посочува дека околу 79.5% од луѓето кои не поседуваат ниту автомобил ниту велосипед се жени. Ова укажува дека токму жените најчесто зависат од јавниот или друг возен превоз за да стигнат до работа, училиште или здравствена услуга. Освен тоа, и во руралните средини, жените често имаат ограничен пристап до сопствени автомобили, што дополнително ја усложнува нивната мобилност.

Мируше Алити е наставничка од Тетово. Таа веќе 25 години работи во училиште во Жеровјане и во други места во Општина Боговиње.

– Секогаш сме имале големи тешкотии со патувањето од градот до тука. Немало јавен превоз, па затоа сме принудени да се снаоѓаме и да користиме приватни возила – вели Алити.

Вообичаено, луѓето се навикнати да патуваат со автомобил до работното место. Но за жителите на руралните места тоа често значи дополнителни трошоци за гориво, дополнително време за организација на споделен превоз, па и плаќање патарини, како што е случајот со Жеровјане. Тоа го прави секојдневното патување уште поскапо.

– Голем дел од платата ми оди на превоз. Баш денеска немав како да се снајдам, не можев ни да платам такси, па доцнев многу на работа- се пожали наставничката Луфтије Ходаи, која предава во основното училиште „Лирија“ во Жеровјане.

Без сопствен автомобил или возачка дозвола и за повозрасните жители, секое патување до градот станува зависност од помошта на други.

-Не возам, па не можам сама да стигнам никаде. Секогаш морам да барам помош од некого. Не е едноставно – вели пензионер која го затекнавме во локалната пошта во Жеровјане.

Недостатокот на јавен превоз значи и ограничен пристап до здравствени услуги, административни институции или дури и до роднините кои живеат во градот.

Ејуп Зибери работи како службеник во Поштата во Жеровјане, веќе 26 години. Тој секојдневно патува од соседното село Радиовце за да стигне на работа и вели, навикнат е.

– Се снаоѓа секој како што може. Некој со автомобил, некој со велосипед, и со други средства за ад дојде на време на работа – вели Зибери.

Решението – регионален пат како услов за јавен превоз

Од Месната заедница во Жеровјане велат дека проблемот им е познат со години и дека редовно апелираат на можните решенија.

– Како едно од најсоодветните можни решенија е изградбата на регионален пат, кој би овозможил полесен пристап и би создал услови за воспоставување на редовен јавен превоз. Со тоа значително би се подобрил квалитетот на живот на жителите на селото – вели Исмаил Ферати, претседател на Месната заедница.

Тој објаснува дека и покрај близината со Тетово, селото со години останува надвор од организираниот систем на јавен транспорт.

Повеќе од инфраструктурен проблем

Приказната за Жеровјане покажува дека јавниот превоз не е само прашање на инфраструктура. Тој е услов за еднаков пристап до образование, работа и здравствени услуги. Жителите на Жеровјане се надеваат дека нивниот глас ќе биде слушнат, а решенијата ќе помогнат руралните заедници да останат поврзани со градот и со можностите што тој ги нуди.

Погледнете го видеото на оваа тема

дисклејмер и логоа РДН-Гласови на инклузија-Жеровјане
дисклејмер и логоа РДН-Гласови на инклузија-Жеровјане-одбојка-веб

Напишете коментар