Дурбин, Лице в лице интервју

Кој е првиот чекор кон нулта врсничко насилство? Развивање емпатија од пелени!

Време на читање: 9 минути

Подигнувањето на свеста за сериозноста на врсничкото насилство не е задача само за образовните институции или семејството – тоа е одговорност на целото општество. Наша должност е да создадеме средина во која секој млад човек ќе се чувствува прифатен, разбран и вреднуван

Ана Димитриевска

Фотографии: Љупка Арсовска, WE Balkans, Бојана Бејатовиќ

Врсничкото насилство е сложен и сериозен проблем, кој ги засега училиштата, работните места и поширокото општество. И покрај формалното постоење на институции и програми, нивната ефикасност често е ограничена. За излегување на крај со врсничкото насилство, неопходна е интеграција на превентивни мерки во образованието, активна поддршка од педагошките служби и промоција на емпатијата и на почитта како основни вредности. Неформалното образование и невладиниот сектор играат клучна улога во организирањето кампањи и активности што ја подигнуваат свеста за врсничкото насичство и поттикнуваат културна промена во општеството.
На оваа тема разговараме со Емилија Пановска, програмскa координаторка во Регионалната ромска образовна младинска асоцијација (РРОМА) во Кратово. Ова организација делува на полето на афирмација и промоција на можности за личен развој и интеграција, промовирање активно граѓанство и вклучување на млади луѓе во младински политики.

Кои се најчестите причини за врсничкото насилство во училиштата? 

Иако самиот чин и последиците од врсничкото насилство можат да бидат од сериозна природа, причините често можат да бидат едноставни и, понекогаш, неосновани. Различностите меѓу луѓето, како што се пол, религија, националност, етничка припадност, политичка определба или сексуална ориентација, за некои лица можат да бидат доволна причина за ширење омраза и повикување на насилство. Најчестите причини за врсничко насилство, во училиштата, но и на работните места, се поврзани со лична несигурност, желба за моќ или доминација, како и со разлики во социјален статус, физички изглед или етничка припадност. Во училиштата, причините може да вклучуваат недоразбирање или потсмев поради различности, додека на работните места, насилството често произлегува од професионална љубомора, конкурентност или злоупотреба на хиерархиски однос. Во други случаи, причините можат да бидат субјективни и неаргументирани – на пример, лична антипатија, желба за демонстрирање доминација или моќ или, пак, интерни проблеми кај сторителите, како што се ниска самодоверба, стрес или фрустрација. Таквите индивидуи често бараат „жртва“ врз која ќе ги проектираат своите емоции. Причините за насилството можат да бидат лични, социјални или културни, но неговата основа често се сведува на недостиг од образование – формално и информално, но и несоодветно воспитување. Превенцијата и соочувањето со врсничкото насилство бараат холистички пристап, кој ќе опфаќа едукација, развој на емпатија и негување позитивни општествени вредности. 

Сметате ли дека институциите преземаат доволно мерки за спречување на врсничкото насилство? 

Мора да ја научиме лекцијата од неколкуте неодамнешни регионални инциденти и да побараме поголема ангажираност и одговорност од страна на институциите. Нивната поддршка е клучна – на законодавно ниво и во практичното теренско спроведување на мерките. Врсничкото насилство, како еден од најзастапените видови насилство, особено во училиштата, треба да биде интегрирано во рамките на формалното образование, проследено со соодветна методологија, која ќе им овозможи на младите да ја разберат сериозноста на проблемот. Врсничкото насилство не треба да биде тема на разговор само по трагични настани. Напротив, постојано треба да бидат присутни превентивни мерки.
За жал, бројките на жртви на врсничко насилство воопшто не се соодветни бидејќи многумина од нив не разговараат за тоа. Клучни институции, како педагошките служби и Државниот совет за превенција на детското престапништво, иако документирани, не се доволно функционални и не играат витална улога во соочувањето со врсничкото насилство. За да се постигне реален напредок, потребно е овие тела да бидат активирани и да се ангажираат на терен. 

Кои мерки би ги предложиле за подигнување на свеста за врсничкото насилство во општеството? 

Освен систематските промени во областа на образованието, зголеменото присуство на институциите и законодавните реформи, како младински работник и поборник на неформалното образование, чувствувам одговорност да ја акцентирам улогата на граѓанскиот сектор во борбата против врсничкото насилство. Формалното и информалното образование имаат значајна улога во обликувањето на нашиот идентитет, но неформалното образование нуди уникатни можности за учење преку искуство и поврзување. Во тој контекст, важни се мерки што опфаќаат спроведување кампањи за подигнување на свеста, организирање информативни средби, градење дијалог за причините и ефектите на врсничкото насилство меѓу младите и локалните власти, лобирање и застапување, превентивни обуки и присутност на темата преку медиумско покривање и активности во младински центри. Важно е и да се даде глас на жртвите и да се подигне колективната свест за сериозноста на врсничкото насилство, како и да се создаде безбедна средина што ги прифаќа сите. Сепак, во овој сегмент на неформално образование, клучна е и самоиницијативата на младите за активно учество. Пасивноста и недостигот од емпатија, кои често се присутни во денешно време, претставуваат дополнителен предизвик што треба да се адресира преку едукација и активно вклучување. Дополнително, потребна е цврста соработка меѓу институциите, владата и граѓанскиот сектор, кои заедно можат да ги искористат постојните капацитети и искуства за постигнување опипливи резултати. Вклучувањето на мрежи и организации што веќе активно работат на ова поле е неопходно за обезбедување одржливи решенија и проширување на опфатот на мерките. 

Како да ги едуцираме младите за важноста на почитта и на емпатијата? 

Практиката на „воспитување“ со насилни елементи, која, за жал, е често симбол за нашиот менталитет, може да пушти отровни корени при формирање на идентитетот и обликувањето на вредностите кај децата уште од мала возраст. Околината, семејството и воспитувањето се клучни фактори во растот и развојот на децата. Доколку тие растат во средина во која насилството се нормализира, тоа неизбежно остава траги врз нивниот карактер и однесување. Децата го одразуваат однесувањето на своите родители и блиската околина. Ако се изложени на насилство – било како сведоци или како жртви – голема е веројатноста дека ќе го имитираат тоа однесување во одреден момент од својот живот. Затоа, едукацијата за важноста на почитта и на емпатијата мора да почне од најрана возраст. Интегрирањето на теми за почит, емпатија и ненасилна комуникација во наставните програми преку формалното образование, организирањето работилници, кампањи и активности за подигнување на свеста за врсничкото насилство преку неформално образование, како и примерот што го даваат родителите и старателите со своето почитување и разбирање, се клучни за обликување позитивни вредности кај младите. Дополнително, институционалната поддршка преку педагошки служби и советници, кои ќе работат активно со младите на решавање конфликти на мирен начин игра значајна улога во создавањето безбедна средина за сите. За крај, подигнувањето на свеста за сериозноста на врсничкото насилство не е задача само за образовните институции или семејствата – тоа е одговорност на целото општество. Наша должност е да создадеме средина во која секој млад човек ќе се чувствува прифатен, разбран и вреднуван.

„Се чувствував многу осамено и исплашено“

За да го добиеме вистинскиот увид во проблемот на врсничкото насилство, важно е да го слушнеме гласот на тие што се директно засегнати. Еве неколку анонимни сведоштва на деца што биле жртви на врсничко насилство:

Сите гледаа, никој не ми помогна
„Некои деца постојано ме задеваа, ме викаа со погрдни имиња и споделуваа слики од мене во групи на ‘Инстаграм’. Најлошо беше што сите гледаа, но никој не ми помогна и сите ми се смееја. Се чувствував многу осамено и исплашено. Секогаш ми беше страв да одам на училиште и почнав да мислам дека, можеби, нешто не е во ред со мене. На почетокот не зборував со никого. Ми беше срам“.

Секој ден добивав пораки со погрдни зборови
„Сè почна кога некој направи лажен профил на социјалните мрежи и почна да објавува навредливи коментари и слики за мене. Секој ден добивав пораки со погрдни зборови, а тоа се прошири и меѓу моите соученици. Не можев да избегам од тоа – беше на мојот телефон, мојот компјутер, насекаде. Почнав да се плашам да влегувам на интернет, чувството на срам и страв беше постојано со мене. Дури и моите најдобри другарки ми се смееја и не сакаа да ми помогнат знаејќи дека имав голем проблем“.

Сфатив дека сум сам
„Ми земаа пари и ми ги уништуваа задачите. Замолив едно другарче да дојде со мене кај учителката за да ѝ кажам. Ми рече, ‘не сакам затоа што после и мене ќе ме задеваат’. Во тој момент сфатив дека сум сам и морав да им кажам на моите родители“.

Овие сведоштва ја илустрираат емоционалната болка и стравот што ги доживуваат жртвите на врсничко насилство. Но, не страдаат само жртвите. И врсниците што се сведоци на насилство често се засегнати и се чувствуваат беспомошни и виновни. Еден сведок вели:

„Знаев дека тоа што се случува не е во ред, но се плашев да кажам нешто. Мислев дека ќе станам следна цел“.

Овие сведоштва ја потврдуваат важноста од создавање атмосфера во која децата ќе се чувствуваат безбедно да го пријават насилството и да побараат помош.

Од „ ајде ќе помине“ и „ајде ќе истрпам“ до сериозни долготрајни последици

Професорката Сања Трајановска-Чамушева, од СОУ „Јане Сандански“, Штип, нагласува дека  во нашето општество сè уште тешко се прифаќаат различности. 

-Дали некој има подобри оцени, дали е подобар во некоја активност, дали носи марка или не. Не сме научени да ги прифаќаме другите и не сме работеле доволно на емпатија. Како професор што е дел од образовна институција не сметам дека се преземени доволно мерки од страна на институциите. Овој проблем е многу позастапен во основните училишта, отколку во средните. Во однос на жртвите, првиот чекор треба да биде соопштување на проблемот дома, во никој случај да не се молчи. Кај нас проблемот е што тие деца најчесто молчат, па треба задолжително да се реагира на ставот „ајде ќе помине“, „ајде ќе истрпам“, „ајде да бидам прифатен“ – вели таа.

Ако сте сведоци на врсничко насилство, не молчете – известете наставник или возрасен на кој му верувате!

Разговаравме и со наставнчката Александра Наунова од ООУ „Никола Карев“ од Пробиштип. Таа споделува дека улогата на наставниците е клучна во препознавање и адресирање на проблемот.

Какви мерки презема Вашето училиште за спречување и искоренување на врсничкото насилство?

Нашето училиште има усвоено јасна политика за нулта толеранција кон врсничкото насилство. Организираме редовни работилници за подигнување на свеста кај учениците за важноста на емпатијата и почитувањето. Покрај тоа, постои доверлива линија за пријавување случаи на врсничко насилство, а секоја пријава се истражува веднаш.

Како училиштето соработува со родителите и другите институции?
Редовно одржуваме состаноци со родителите на кои ги информираме за важноста на превенцијата и за тоа како можат да помогнат. Дополнително, училиштето има тесна соработка со Центарот за социјални работи, локалната полиција и невладини организации, кои нудат поддршка за учениците и семејствата што се засегнати од врсничко насилство.

Според Вашето искуство, што е најголемиот предизвик во борбата против врсничкото насилство?
Најголемиот предизвик е тишината. Многу ученици што се жртви или сведоци на врсничко насилство се плашат да зборуваат поради страв од одмазда. Затоа, работиме на градење доверба меѓу учениците и наставниците, како и на создавање безбедна средина каде што секој е слушнат и заштитен.

Каков е Вашиот совет за родителите, чиишто деца се жртви на врсничко насилство?
Мојот совет е родителите веднаш да се обратат кај класниот раководител или стручниот тим во училиштето. Треба внимателно да ги слушаат своите деца, да покажат разбирање и да избегнуваат осудување. Заедничката работа меѓу родителите и училиштето е клучна за брзо и ефикасно решавање на ситуацијата.

Која е вашата порака за учениците?
Секогаш бидете љубезни еден кон друг. Ако сте сведоци на насилство, не молчете – известете наставник или возрасен на кој му верувате. Секој од вас е вреден и заслужува да учи и расте во средина каде што се чувствува безбедно и почитувано. Вие имате моќ да направите промена.

Врсничкото насилство предизвикува чувство на отфрленост и недоверба во средината

Со училишниот психолог Никола Дукоски, гешталт терапевт во супервизија (во „Себесложувалка“), разговараме за врсничкото насилство од психолошка перспектива и бараме стручни совети за соочување со овој сериозен проблем.

Како врсничкото насилство влијае на менталното здравје на жртвите и на насилниците?
Нападнатите деца речиси никогаш не иницираат ништо за да бидат нападнати, односно неосновано го трпат насилството. Токму поради тоа насилството кај секој што е нападнат предизвикува преиспитување, чувство на недоволност и отфрленост и недоверба во средината. 

Од друга страна, тие што напаѓаат добиваат некое лажно чувство на надмоќ и на владеење со средината, па многу често прикажуваат дека преку насилството растат, а така се вовлекуваат подлабоко во несигурноста бидејќи го потиснуваат стравот. Не сакам да ги нарекувам жртви или насилници, не затоа што сакам да ги поштедам, туку затоа што така ги делиме на групи и на спротивности, а тие спротивности најтешко се урамнотежуваат.

Како да препознаеме знаци дека едно дете е жртва на врсничко насилство? На што треба родителите и наставниците да обрнат внимание?
Треба да бидеме внимателни со која било драстична промена во однесувањето кај децата и да оставиме простор да ја покажат. Повлекувањето, несигурноста и длабокото вовлекување во себе ни се најголеми показатели кога се работи за врсничко насилство или каков било вид насилство.

Каква поддршка можат да им обезбедат родителите на своите деца во борбата против врсничкото насилство?
Прво, родителите треба да нагласат дека детето дома е и секогаш ќе биде безбедно од нападите, така тоа знае дека има безбедно место, засолниште каде што може да се потхрани и да излезе поподготвено за соочување. Секако, значајно е и да ги отворат и каналите на соработка и комуникација со службите во училиштето, наставникот, па и да побараат помош од психолог. 

Како да се помогне на дете што е насилник?
Кој било што го препознава насилството, да му укаже на детето што напаѓа дека тоа не е негова реална вредност, ниту можност, туку дека има и други начини за да се изрази. Да му ги прикаже начините и, пред сè, да не го гледа како насилник, да не го осуди. Да ја осудува постапката на насилство, а не личноста на детето, бидејќи така не ја третира ситуацијата туку ја избегнува.

Каде можат жртвите на насилство да најдат поддршка?
Може да најдат поддршка и меѓу врсниците што се емпатични иако таму довербата е разнишана бидејќи биле нападнати од некој друг врсник. Секако, секоја возрасна личност може да понуди поддршка. Значајно е децата да прават обиди за помош и поддршка, а возрасните да стојат на страната на разбирањето и соодветната поддршка.

Која е вашата порака за децата и младите што се соочуваат со врсничко насилство?
Вредите и не сте жртви, туку прекрасни личности. Некој само не ја препознал вашата вредност.

Oваа содржина на „Лице в лице“ се реализира во рамки на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“- Скопје и не мораат да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Напишете коментар