Лице в лице, Лице в лице интервју

Кој и како го загадува Скопје стана деловна тајна

Marjan Kalevski Zelen Human Grad - zagaduvanje politicki integritet

Имаме целосно дерегулирана индустрија врз која државата не само што не наметнува 24/7 мониторинг, кој ќе е достапен во реално време за целата јавност, на секој од оџаците од каде што испушта отпаден гас, туку властите изгласаа Закон за контрола на индустриски емисии со кој го направи загдувањето деловна тајна. А „Усје“, нашиот најголем загадувач не мери речиси ништо од загадувачките материи кои во ЕУ се обврска редовно да се мерат – вели Калевски, во интервјуто за „Лице в лице“.

Пишува: Адријана Георгиев

Во време кога јавниот интерес често се загрозува од политички и економски влијанија, локалната власт во Скопје има шанса да покаже дека транспарентноста и отчетноста не се само декларативни. Марјан Калевски, член на Советот на Град Скопје од „Зелен хуман град“ (ЗХГ), низ своето делување во советот и активизмот во граѓанските иницијативи, дава конкретни примери како се гради хуман град, во кој законите важат за сите, јавниот интерес е приоритет, а одлуките се носат со вистинско учество на граѓаните.

Во интервјуто за „Лице в лице“, Калевски говори за предизвиците со корупцијата на локално ниво, начинот на кој советниците од ЗХГ успеваат да влијаат на одлуките, како и за примери од урбанистички проекти и индустриски загадувачи кои го загрозуваат здравјето на скопјани. Тој исто така ја објаснува важноста на партиципативната демократија, улогата на младите и жените во локалното одлучување и како Градот може да се трансформира во хуман град кој го штити животот и здравјето на граѓаните.

Како локалната власт може практично да покаже политички интегритет, а не само декларативна транспарентност?

-Прво и најважно е секоја политика, секој денар што го троши власта да се оценува низ призмата на нивно влијание врз животот и здравјето на скопјани. Секој документ предложен од градоначалникот што го усвојува Советот на Град Скопје мора да биде дел од една единствена логична целина што води кон иста цел – чист воздух и здрава животна средина за сите жители на Скопје. Тоа ни е уставно загарантирано основно човеково право.

Понатаму, да организира редовни буџетски форуми за заедно со граѓаните да го конципира буџетот, најважниот документ кој го усвојува Советот, бидејќи буџетот ги диктира политиките што ќе ги спроведува Градот. Тоа значи, дали нашите пари ќе бидат инвестирани во одржлив развој или ќе завршат како нечии провизии со нашето здравје како колатерална штета. Потоа, јавно објавување на буџетот – со сите проекти кои се планирани, за да може секој граѓанин лесно да го прочита без никаква стручна помош и да процени дали локалната самоуправа одговорно ги троши јавните пари.

Секоја политика што ја усвојува Советот мора да биде во договор со граѓаните и да се заснова на принципите на паметен, одржлив и инклузивен развој. Ефективна партиципативна демократија е клучниот услов што мора да го исполни една локална власт за да може да се нарече транспарентна.

Дали граѓанските иницијативи имаат реално влијание врз одлуките на локалната власт, или се користат како форма без суштина?

– Иницијативите поднесени од граѓани имаат влијание врз одлуките на локалната власт, но интензитетот на тоа влијание зависи од многу фактори, најмногу од тоа дали има советници како што сме ние од „Зелен хуман град“ во локалните самоуправи. 

Нашите советници не само што имаат јасни идеолошки позиции, темелни познавања од законите, процедурите, теоретската и практична примена на концептите кои ги предлагаме, туку и сме докажале дека не потклекнуваме пред закани и политички реваншизам на кои сме постојано изложени. 

Така, досега сме успеале да издејствуваме низа историски преседани. За првпат, зеленилото во Скопје доби вистинска правна заштита – од 2023 година повеќе не смее да се сече дрво без скопјани да имаат јасна законска можност да реагираат и да го спречат тоа. Понатаму, набавката на првите биокомпостари за Скопје, поставувањето на фотоволтаични системи на покривите на средните училишта на Град Скопје, одлуката на Советот на Град Скопје во која цементарница „Усје“ е јасно издвоена како најголем загадувач и се бара нејзина дислокација, прифатилиштето „Лајка“ управувано од активисти за заштита на животни.

Но нашето делување не е ограничено само внатре во Советот на Град Скопје, нашите активисти остануваат на улиците и се вклучени и во организација и во поддршка на протести и герила акции.

Нашите достигнувања со само еден, односно два советника од вкупно 45, се доказ дека симбиозата помеѓу јавниот притисок и способноста, принципиелноста и посветеноста на макар и еден избран советник имаат силно влијание врз одлуките на локалната власт.

Може ли да споделите пример каде јавен интерес бил потиснат поради политички или економски влијанија?

– Најеклатантни примери за потиснување на јавниот интерес поради политички или економски влијанија е актуелната жешка тема со загадувањето што го предизвикува „Усје“, како и проектот БРТ. „Усје“ во јавна дебата одби да каже колкава количина отпаден гас произведува за да може точно да се процени колку ПМ честици емитира на дневно и годишно ниво. Наши сограѓани ревносно ја следат работата на овој загадувач веќе со години и забележуваат дека кога чадат оџаците, загадувањето расте на таа микролокација. Кога не чадат оџаците, мерните станици не покажуваат високозагаден воздух.

„Зелен хуман град“ успеа да го натера Советот на Град Скопје првпат во историјата да заземе јасен став и да го издвои „Усје“ како најголем загадувач на кој местото не му е во Скопје, односно мора да се дислоцира. Но гледаме дека премиерот се пишмани во изјавите.

Проектот БРТ е еден класичен пример како алчноста и корупцијата ни ги отежнуваат и загрозуваат животите врзувајќи нѐ во долгови што ќе ги враќаме со генерации, без притоа да обезбедат какви било решенија на проблемите. Заем од над 70 милиони евра е земен без никаква консултација со нас, граѓаните, за само една траса со чијашто изведба ќе се уништат над 7.000 илјади дрвја и ќе се доведат во опасност двете главни водоводни цевки од кои скопјани се снабдуваат со вода, а кои се лоцирани кај мостот „Обединети нации“. Наместо тие пари да се искористат за целосна обнова на возниот парк на ЈСП кој има просечна старост од речиси13 години, група корумпирани политичари си се договорила да нѐ задолжи зад затворени врати. Решението за оптимизирање на јавниот превоз во Скопје е речиси бесплатно – посветена издвоена жолта лента по која ќе смее да се движат само возила на јавен превоз и по потреба возила на брза помош.

Ова градско раководство има должност да бара комплетно репрограмирање на веќе подигнатиот кредит за БРТ и негово искористување за издвоена жолта лента и комплетна и редовна обнова на возниот парк на ЈСП.

Одговорете на прашалник

Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства

Како младите и жените можат поактивно да се вклучат во локалното одлучување и кои се пречките?

Локалниот младински совет на Град Скопје не ми е познато дека има каков било ефект врз политиките што ги усвојува Советот. Но не е само овој совет исклучен од процесот на создавање политики кои силно ги засегаат младите, исклучен е секој жител на Скопје.
Единствен начин за делотворна вклученост на целата јавност, со особен акцент на млади, лица со попреченост, жени, итн. се отворени процеси при носењето на одлуките, особено на буџетот на Град Скопје.

ЗХГ уште на почетокот на мандатот 2021-2025 ја стартуваше платформата „Мој град“. До денес ова е единствената платформа за директна демократија, каде јавно се објавуваат сите материјали од седниците, на денот кога советниците ги добиваат. Скопјани имаат можност, и ние континуирано ги потсетуваме, да ги погледнат материјалите и да ни ги достават своите коментари и мислења кои потоа ги пренесуваме во Советот на Град Скопје.

Кој, според вас, е најголемиот загадувач во Скопје, индустријата и дивите депонии или пак домаќинствата?

  Тоа што може единствено со сигурност да се каже е дека до денес не постојат обемни и објективни теренски анализи со кои точно би се утврдиле изворите на загадување, од една страна. Од друга страна, имаме целосно дерегулирана индустрија врз која државата не само што не наметнува 24/7 мониторинг достапен во реално време за целата јавност на секој од оџаците од каде што испушта отпаден гас, туку актуелната власт изгласа Закон за контрола на индустриски емисии со кој го направи загдувањето деловна тајна.

Според нашите анализи, „Усје“, на пример, не мери речиси ништо од загадувачките материи кои во ЕУ се обврска редовно да се мерат. Во март годинава истекува законскиот рок за „Усје“ да побара обнова на нејзината дозвола, но Министерството за животна средина и просторно планирање не мора да чека уште 2 месеца. Може по службена должност веднаш да иницира процес за измена на дозволата и при тој процес темелно и делотворно да ја вклучи јавноста.

Во 2020 година се забрани увозен отпад да се користи како ресурс за гориво за индустријата. Зошто тогаш не гледаме резултати во однос на почист воздух? Дали ова значи дека и понатаму е сомнително што се гори во печките на фабриките?

-Сомнително е бидејќи не постои никаква контрола. Сите механизми со кои располагаат институциите (инспекции, санкции) се злоупотребуваат во најголем дел за политичка одмазда. Се гонат функционери на партијата која паднала од власт, гонењето функционери од партија која е на власт е исклучок. И едното и другото исклучително ретко завршуваат со некаква сразмерна казна. Најчесто снемува докази или сведоци или делата застаруваат.

Надзорите во фабриките се најчесто најавени. Бивш директор на Државниот инспекторат за животна средина во текот на својот мандат јавно призна дека секое најавување на инспекцискиот надзор значи дека инсталацијата ќе си го приспособи процесот. Решенија за казни се чуваат во фиока за уцена, се активираат по потреба, а ако биде потплатен тој што треба, никогаш нема ни да бидат обелоденети.

Прочитајте ја и нашата анализа на оваа тема

Еколошката правда сè уште недостижна: Корупцијата екстремно ни го дозагади воздухот!


Напишете коментар