ЗЕНици, Лице в лице

Колективното добро носи и индивидуално добро

Време на читање: 4 минути

Фотографија: Томислав Георгиев

„Време е да го смениме системот што нè задушува.“

„Корумпираниот систем ни ја краде иднината, а ние сè уште веруваме дека некој друг ќе го поправи.“ 

„Доволно беше од ‘така е кај нас’. Ако не го разнишаме овој систем, ќе нè уништи сите.“


Кога побаравме ставови од млади луѓе при креирање на 56. издание на „Лице в лице“, не ни помисливме колку нивните зборови ќе одекнат во тишината која нè пеплоса. Тогаш се изненадивме што најголем дел од изјавите беа анонимни, ретко кој зборува со име и презиме. Искоментиравме дека, тие не се виновни туку дека така сме ги научиле, да се плашат, да не стојат зад своите ставови и идеи…

Корупцијата, тишината, неодговорноста, кои со децении се начин на живот и „менталитет“, доведоа до трагедијата во Кочани, но и до повеќе трагедии кои изминативе години нè завиваа во тага.
Додека во тек се истрагите да се утврди одговорноста, гледаме вперувања прст во секој од нас, но, и во „системот“. Дали тоа значи, во никој?


Дури ги задојуваме со „ќути си“ „глеј си ти твоја работа“ и слични „мудрости“, имаме крајности – индиферентни сме, или пак, го обвинуваме „системот“. Тогаш доаѓаме до онаа борба со ветерници. Во таа борба, ни гинат луѓе, поради таа борба, младите си ги пакуваат куферите.

„Промената почнува од нас самите – но дали сме подготвени да не ги заобиколуваме правилата кога ни одговара?“ – прашува некој од младите кои ги консултиравме при кокреирањето на „Лице в лице“.

Овој пат како да е поинаку… Гледаме надеж која се раѓа од ова!

Медиумите, како ретко кога, во најголем дел, известуваат одговорно и етички. Ја ставија солидарноста пред бројката на кликови и прегледи. Лекари пожртвувано се борат за животите на повредените, психолози нудат бесплатно советување.

Oрганизациите се вклучија во различен тип поддршка која може да се обезбеди во вакви услови. Се собираат донации, граѓаните се мобилизираат со различни видови поддршка.


Иако е премногу рано, веќе гледаме колатерален бенефит од трагедијата. Така, кај граѓаните, особено кај младите, гледаме како се поддржуваат меѓусебно. Во овие тешки мигови, тие се борат против поделбите, меѓусебно се поддржуваат, учат практично за солидарност, емпатија, несебичност, одговорност.

Во обид да им дадеме поддршка, ги прашуваме што треба да направиме за да сме имуни на поделбите кои ја оневозможуваат борбата за праведност. Мартина Јачевска, претседателка на организацијата ГРИТ од Пробиштип вели дека ни треба заедништво и сплотеност.

– И „наши“ и „ваши“ и „нивни“ и „тие“ и „ние“, сите имаме по некој кој го изгуби својот живот во оваа, но и во трагедиите кои секојдневно се случуваат, а се резултат на трулоста на нашиот систем. По оваа недела на тажење, важно е заеднички да побараме конкретни чекори и промени кои сакаме да ги видиме. Не само младите, туку и повозрасните, тие кои го помогнаа создавањето и одржувањето на овој систем секој поради своите лични причини. Се НАДЕВАМ дека конечно ќе се свестиме дека колективното добро носи и индивидуално добро – вели Јачевска.

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) излезе со барања:
– Години наназад предупредуваме дека младите во Македонија живеат во општество што не ги штити, не ги слуша и не им нуди перспектива. Наместо вистинска грижа, добиваме институции кои работат селективно, во интерес на поединци и елити, наместо на граѓаните… Повторно се соочуваме со болка, но оваа болка не смее да остане само тага – мора да стане акција – велат од НМСМ.

Филип Ивковски, претседател на НМСМ, посочува дека важно да сме заедно во поддршката, емпатијата и разбирањето.
– Сега е времето на градење заедништво и партнерство, особено во прифаќање и надминување на ситуацијата. Но, и понатаму, во учењето на лекцијата. Не треба да дозволиме и оваа лекција да остане незапаметена, промените ќе мора да ги направиме заедно – вели тој.
Ивковски додава дека оваа трагедија разбранува многу работи во нас – тагата, стравот, гневот, револтот, немоќта, вината, но и поривот да направиме нешто затоа што системот повторно потфрли.

Не сум ни сигурен дали сме целосно свесни што ни се случува на лично ниво, а понатаму и пошироко, на ниво на заедница и општество. Како млад човек сметам дека треба да се остави простор на секој еден од нас сето ова го испроцесираме, да си ги дозволиме сите емоции и чувства и да може да го организираме мисловниот хаос во нашите глави

Младите се силата што може нешто да промени!

Студентката Драгана Петреска порачува дека треба да се фокусираме на тоа што може да нè спои, а не што ќе нè разедини. 
– Тоа е сега заедничката болка и сочуствуството со болката на погодените семејствата. За да останеме имуни на овие поделби, сметам дека е потребно е да изградиме меѓусебно разбирање и солидарност.

Студентката Ана Димоска пак, вели дека на државата ѝ е потребна образована младина со голем интегритет и достоинство:
– Едукација, едукација, едукација!! Само со тоа ќе добиеме повеќе имунитет со што би се намалил интензитетот на поделбите. Ние сме наследниците на ова општество – посочува таа.
Нејзината порака е дека само младите се силата што може нешто да промени.

– Младите се тие од кои што зависи иднината на ова општество, бидејќи без неа ќе останат само страниците на (не)законот и празни градинки и училишта. Нека почнат да горат неправдите, а не невините луѓе во трулиот систем!

Димоска посочува и дека е потребно да се покаже и докаже дека нешто функционира, да не се гледа само сопствен интерес.
– Уште од мали нозе бевме научени на празни уверувања,  дека тие се „ова“ а ние сме „она“. Тоа упатуваше кон групирање. А, разлики? Никакви! Познато е начелото „Раздели, па владеј“. Но, одговорност мора да има. На нас младите ни требаат примери кои работат, помагаат, се грижат, без етикети и личен интерес. Како да сме имуни кога системот нè приморува да не сме?

Јачевска смета на решение во сплотеност и проактивност.
– Да ги испочитуваме и испратиме во светлина душите на настраданите. Потоа да бидеме проактивни, сплотени граѓани кои се двигатели на позитивни промени во своите заедници. Заеднички да придонесуваме и да бараме одговорност и отчетност од носителите на функции и преку најмалите ситници и детали. Заедништвото има огромна моќ, лекува и зајакнува! Единствено тоа ни останува – вели Јачевска.

Заедништвото има огромна моќ, лекува и зајакнува!
Фотографија: „Фрипик“

Напишете коментар