Доза вести

Колку идеите на младите социјални претприемачи го менуваат општеството?

СОЦИЈАЛНАТА ЕКОНОМИЈА КОН КОЈА СТРЕМАТ МЛАДИТЕ ПРЕКУ СВОИТЕ ИДЕИ - НЕ Е САМО ТРЕНД, ТУКУ ПРЕСВРТ ВО ЕКОНОМИЈАТА КОЈ ЛЕСНО И МЕРЛИВО ОДГОВАРА КОЛКУ СОЦИЈАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ПРАВАТ ДОБРО

„Колку младите, како социјални претприемачи, преку своите идеи, влијаат на позитивниот развој на општеството, на опкружувањето?“
За да одговориме на ова прашање, потребни ни се индикатори, мерења на состојбите (пред и потоа), а, веројатно, и дефиниција на социјално претприемништво. Од прашањето, во моментов, позната ни е дефиницијата на млади и опкружувањето, за кое сме свесни дека се соочува со многу предизвици, и економски и еколошки. Поради многуте предизвици и непознати делови во равенката (се очекува наскоро закон за социјално претприемништво) фокусот го ставаме на „како“ – Како младите со своите социјално-претприемнички идеи прават добро во нашето општество?
Ние сме среќни и привилегирани што можеме преку примери да одговориме на прашањето, претставувајќи млади луѓе кои ги развија своите идеи од нула.

Поттикнување на граѓанската свест за филантропија

Боби Петровски е дел од тимот на „LoL“ кој учествуваше во идеациската програма на RISE проектот (Regional Incubator for Social Entrepreneurs) и кој, иако не премина во инкубациска фаза, успеа да ја имплементира својата идеја – од скица до реализација. Овој тим ни донесе светска иновација, вртлог во кој се ставаат парички и продукт преку кој добиваме интерактивна, директна филантропија (можност секој граѓанин да донира).

На Светскиот ден на животните, овој вртлог се најде во Зоолошката градина и беше хит меѓу 300-те дечиња кои беа посетители. Преку донирањето парички се поттикнува свеста кај граѓаните за филантропијата, но, преку овој бизнис-модел тимот сака да ги мотивира и компаниите да користат рекламен простор (самата надворешност на вртлогот) со кој ќе го поддржат функционирањето на ова социјално претпријатие. Паричките кои ќе се донираат ќе бидат користени за различни цели, меѓу кои и одржување работилници и креативни курсеви во кои ќе се осигура бесплатно членство, и за дечиња кои немаат пристап до вакви содржини, поради нивната економска состојба.
Боби е дипломиран академски графичар, фотограф, љубител на животни и страстен поддржувач на активистите кои помагаат на уличните животни и млад човек кој сака да ја направи уметноста достапна за сите во заедницата и да прави добро во општеството.

Овозможување работа на тешко-вработливи категори граѓани

Марија Бургиева e дел од тимoт „Оrange Wheel“, кој, исто така, не си замина со освоен награден фонд од RISE проектот, ама успеа да ја развие својата идеја до степен да победат на националниот натпревар и регионалниор натпревар за зелени бизнис идеи кој се организира седум години по ред.

Марија и нејзиниот тим од млади луѓе имаат мисија да соберат многу лушпи од портокал и да произведат есенцијални масла и ароматизери со што ќе бидат вистински пример на млади луѓе кои водат циркуларен бизнис. Овие млади луѓе го решаваат проблемот со отпадот од корите од портокал, и прават добро во опкружувањето со тоа што ќе понудат работни места за млади од тешко-вработливи категории.

Промена на нашите навики – користење производи без амбалажа

Марија Арсовска е дел од тимот „SkopjeGoesZeroWaste“, кој брои ситно до отворање на првата zero waste е-продавница во која производите ќе се продаваат без амбалажа. Skopje goes zero waste е еден од победниците на првата генерација на програмата RISE за социјални претприемачи, програма каде што „АРНО“ е локален инкубатор.

Инспирацијата за оваа идеја Марија ја наоѓа во своето опкружување особено за време на корона карантинот каде што почнала да забележува колкаво количество на отпад се произведува во секој дом. Токму така започнува и создавање на нивната идејата, од потребата да се купи шампон за коса на точење. Се радуваме што многу наскоро ќе ја лансираат својата е-продавница и сите ние ќе може да ги менуваме своите навики и да купуваме производи без амбалажа, или пак производи кои подолго ќе траат.

Ова беа само неколку примери со кои можеме, преку лични сведоштва, да одговориме на прашањето како младите социјални претприемачи прават добро за општеството и/или природата. Останува обврската на сите нам (особено на клучните актери) да вложуваме и инвестираме време, ресурси, контакти и сѐ што постои како опција за поддршка на младите луѓе – со цел да ги мотивираме прво да станат социјални претприемачи, второ, да имаат вистински приказни со кои ќе одекне пораката како овие претпријатија прават добро, и трето, да покажеме на сите останати дека социјалната економија не е само тренд туку пресврт во економијата кој лесно и мерливо одговара колку социјалните претпријатија прават добро.

(Aвторките менаџираат програми за социјални претприемачи во Здружението за социјални иновации „АРНО“)

Напишете коментар