Доза вести

Кому му е гајле за реалноста? – МакеДокс носи 75 документарци и македонски премиери

Време на читање: 3 минути

Фотографија од прес конференција на „МакеДокс“: Сашо Алушевски


Со 75 филмски остварувања, 100 гости од странство, на пет локации во Скопје, ќе се одржи 16. Издание на Фестивалот „МакеДокс“. Од 21 до 28 август, со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ фестивалот се одржува под мотото „Кому му е гајле за реалноста?“.

Отворањето ќе биде во Куршумли ан, со долгометражниот „Само на земјата“ на Робин Петре. Истата вечер публиката ќе има можност да го види и краткиот филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова, а во музичкиот дел „Ноќни приказни“ ќе настапи гитаристот Мухамед Ибрахими.

–  Бидејќи живееме во свет каде вистината се менува побрзо од нашата способност да ја сфатиме, и каде е тенка границата меѓу фактите и фикцијата, потребата да гледаме внимателно, креативно, критички и со грижа, никогаш не била поголема – посочи Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.

Фестивалската програма ќе се одвива во шест категории – Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Австрија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади.

– Документарните филмови отвораат многу прашања кои нè мачат сите нас, од автор до публика, соочувајќи нè со низа на социјални, културни, безбедносни, како и проблеми поврзани со животната средина. Затоа, тие стануваат сè поважни во светот на филмот денес, претставувајќи своевиден документ за реалноста, каде што преку снимен и архивски материјал, доаѓајќи во допир со многу лични приказни и искуства освестуваме многу наши лични процеси и добиваме можност да ја споредуваме нашата реалност со реалноста на минатите генерации, дури и да ја претпоставиме реалноста на идните генерации. Тие се слика и прилика преку кои можеме да видиме како авторот, па и обичниот човек, без разлика на возраста, бојата на кожа, полот или дали доаѓа од село или град, се справува со овој свет во кој „сè тече и сè се менува“ – истакна Петрула Вељановска, програмскa координаторка на „МакеДокс“.

Австрија е земјата во фокус годинава. Фестивалот ќе понуди и македонски премиери на филмовите: „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов и „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски. Ќе се прикажат и нови филмови од школата „Докуникулци“, како и „Вода и оган“ на Киро Урдин.

Во програмата на фестивалот се предвидени Мастерклас на „Solar Cinema“ и Патувачкото кино на „MaкеДокс“ на 23 август, од 11 до 13 часот, во „Лабораториум“ со тематски наслов „Носиме невидени филмови на необични места“. Предвиден е мастерклас од Хуберт Зауфер со тематски наслов „Радикален минимализам во ’светската кинематографија‘“ на 24 август, од 11 до 13 часот, исто во „Лабораториум“.

Традиционално на фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот од 25 до 27 август во МКЦ ќе се одржи „МакеКоПроДокс“ форумот. Ова е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан.

– Седмото издание на форумот ќе обедини филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика – истакна Сара Ферро, раководителка на индустри програмата на „МакеДокс“.

На отворањето на фестивалот на 21 август во Куршумли-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани. На 26 август во Сули-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од уметникот со светско реноме Киро Урдин создадени во Долината Омо во Африка, која ќе биде проследена со специјална проекција на неговиот документарен филм „Вода и оган“.

Оризови полиња, фотографија на Томислав Георгиев

Во сегментот „МакеДокс+“ ќе се одржат Развојна работилница на креативни документарни филмови во рамки на МакеКоПроДокс форум, „Разговори под смоквата“, концерти во „Ноќни приказни“.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација.

Напишете коментар