Доза вести, Школа за медиумска писменост

Како да се браниме од дезинформации? Скопје домаќин на ЕУ – Западен Балкан конференцијата за медиумска писменост 2025

Konferencija mediumska pismenost 2025

Скопје ќе го пречека регионалниот собир за медиумска писменост — ЕУ – Западен Балкан конференцијата 2025. Експерти, новинари и академици ќе разговараат за борбата против дезинформациите, влијанието на социјалните мрежи и улогата на младите во дигиталната ера.

Додека дигиталниот свет сè повеќе ја замаглува границата меѓу факти и лага, Скопје ќе стане место каде што критичкото размислување ќе заземе централно место. Конференцијата ЕУ – Западен Балкан 2025, која ќе се одржи на 17-ти ноември, ќе собере водечките експерти, новинари, академици и претставници од граѓанскиот сектор во заедничка расправа за медиумската писменост, дезинформациите и влијанието на дигиталните платформи врз демократијата во регионот.

Конференцијата ќе отвори прашања за тоа како јавноста може да се заштити од манипулации со информации и да ја зајакне критичката мисла во време кога дигиталните медиуми и социјалните платформи стануваат доминантен извор на вести.

Улогата на социјалните мрежи во ширење на дезинформации

Организаторите најавуваат богата програма со панел-дискусии, инспиративни говори и можност за вмрежување на професионалци од медиумската, граѓанската и академската заедница. Една од главните теми ќе биде улогата на социјалните медиуми во ширењето и контролата на дезинформациите, како и усогласувањето на регионалните практики со европските стандарди, особено во контекст на Digital Services Act (DSA).
Покрај тоа, ќе се дискутира и за растечките кампањи на родово базирани дезинформации и дигитална омраза, кои, според експертите, влијаат врз демократските процеси и го поттикнуваат говорот на омраза во општеството.

Во завршниот дел на конференцијата, ќе се обрати професорот Роман Јуровецки од Универзитетот во Алборг, Данска, со говор во кој ќе ја разгледа улогата на вештачката интелигенција во борбата против дезинформациите и во зачувувањето на доверливоста на информацискиот простор.

Со овој настан, се отвораат и Деновите на медиумска писменост во земјава, кои се одбележуваат со серија настани до 24-ти ноември.

Од 17 до 24 ноември 2025 година ќе се одржат Деновите на медиумска писменост (ДМП), настан посветен на препознавањето и справувањето со лажни вести, манипулативни содржини, АИ-генерирани видеа. Оваа година, ДМП ја носат темата „Користење на критичкото размислување за справување со дезинформации од земјата и од светот“.

Целта е да ја подигне јавната свест за важноста на критичкото размислување и медиумската писменост, со посебен акцент на тоа дека секоја лажна информација, ако не се препознае навреме, може да предизвика реални штети.

-Не оставајте лажното да помине тивко – утре тоа може да стане стапица за некого. Ако препознаеш лажна содржина, било објава, вест или содржина генерирана со Вештачка интелигенција – реагирај.  Ти знаеш. Друг не знае. Твојот коментар може да помогне – велат организаторите на настанот, Мрежата на медиумска писменост.

Напишете коментар