Контрацепцијата: Важно знаење за младите девојки
Авторки: Емина Токовиќ и Стефанија Арсова
Контрацепцијата е важен дел од сексуалното и репродуктивното здравје на жените и мажите. Иако темата понекогаш се избегнува, важно е да се зборува за неа, бидејќи тоа е начин да се заштити сексуалното и репродуктивното здравје. За многу млади луѓе, овој термин не е познат до подоцна во животот, кога почнуваат да бидат изложени на изборот на контрацепција. Поголема едукација и информативни кампањи ќе помогнат во борбата против несаканите бремености и сексуално преносливите болести, а истовремено ќе овозможат младите луѓе да донесат информирани и одговорни одлуки за своето здравје.
Во оваа содржина, која е креирана во соработка со тим на Организација на жени на Општина Свети Николе, „Лице в лице“ пренесува податоци од интервјуата со девојки на возраст од 15 до 25 години, кои ги споделуваат своите искуства и ставови за контрацепцијата.
Што е контрацепција?
Контрацепцијата се однесува на методите што се користат за спречување на несакана бременост и заштита од сексуално преносливи болести. Според нашите испитаници, најпознатите методи се презервативите и контрацептивните таблети. Презервативите се најчесто користени од мажите, додека жените имаат неколку опции: од контрацептивни таблети, кои се пијат секој месец, до апчето познато како „за денот после“, кое се користи во ретки случаи, и спирала, која се користи кај повозрасните генерации. Како што споменуваат девојките, контрацепцијата е клучен дел од сексуалната едукација и здравје.
Разговори за контрацепција
Иако темата за контрацепција сè уште е табу за многумина, девојките споделуваат дека често разговараат за неа со другарките. Разговорите со родители и наставници се послабо застапени, но некои се среќни што имале предавања во училиштата каде што учеле за контрацепцијата. Многу девојки сметаат дека оваа тема треба да се третира со поголема сериозност и да се даде повеќе внимание во училиштата, а не само во разговорите со пријатели.
Дали врсниците се информирани?
Според испитаниците, повеќето нивни врсници се информирани за контрацепцијата, благодарение на интернетот и разговорите со пријатели. Меѓутоа, постои потреба од поголема едукација и помош од страна на институциите, бидејќи многу млади луѓе сè уште не знаат доволно за сексуалното здравје. Интернетот е главниот извор на информации, но не сите информации се точни, што создава простор за заблуди.
Зошто е важно да се користи контрацепција?
Одговорите на ова прашање се единствени – контрацепцијата е клучна за спречување на сексуално преносливи болести, како и на несакани бремености. Девојките ги истакнуваат предностите на презервативите и контрацептивните таблети, но и опасностите од неисполнување на овие мерки. Презервативите, не само што ја намалуваат шансата за несакана бременост, туку и ја намалуваат можноста за пренос на сексуално преносливи болести. Таблетите, пак, помагаат да се избегнат несаканите бремености, но не спречуваат болести.
Што може да се случи ако не се користи контрацепција?
Сите девојки што одговорија на ова прашање ја нагласија важноста на користењето контрацепција, поради ризиците што ги носи нејзиното избегнување. Без контрацепција, може да дојде до пренос на инфекции и бактерии, како и до сексуално преносливи болести. Понекогаш, според нив, неисполнувањето на овие заштитни мерки може да доведе и до несакана бременост. Како што велат, важно е редовно да се прават прегледи и тестови.
Покрај интервјуата направивме и онлајн анкета каде девојките имаа можност да одговорат на кратки прашања. Во прилог имаме и податоци од направената анкета поврзана со конрацепција.
Контрацепција и сексуално здравје на младите девојки: Резултати од анкетата
Девојките (40 вкупно) на возраст од 22 до 25 години сочинуваат најголемиот дел од испитаниците, со 55,6% од одговорите. Овие девојки се во фазата на зрело одлучување за сопственото тело и здравје, што го потврдува и нивниот висок интерес за контрацепцијата и нејзините различни методи. Следуваат девојките на возраст од 15 до 18 години, кои сочинуваат 27,8% од анкетираните, додека на возраст од 19 до 21 година има 16,7% од испитаниците.
Одговорите на прашањето дали девојките знаат што е контрацепција покажуваат дека 97,2% од нив се запознаени со оваа тема. Важно е да се напомене дека помал број на испитаници, само 2,8%, не знаат што е контрацепција, што сугерира дека современите млади се добро информирани за основните концепти. Меѓу најпознатите методи за контрацепција се презервативите (94,4%), оралните контрацептиви (69,4%) и спиралата (44,4%), додека помалку познати методи како хормоналниот имплант и контрацептивната инекција се познати за помал број девојки.
Во однос на употребата на контрацепција, анкетираните девојки имаат различни ставови. На прашањето дали редовно користат контрацепција, 32,4% од нив потврдуваат дека тоа го прават редовно, додека 35,3% никогаш не користат контрацепција. Ова укажува на потребата за поголема едукација и поттикнување на младите да донесат одговорни одлуки кога станува збор за нивното сексуално здравје.
Кога се прашани дали нивните врсници се добро информирани за контрацепцијата, повеќето девојки (63,9%) сметаат дека тие не се доволно информирани, додека 36,1% веруваат дека нивните врсници се добро запознаени со оваа тема. Ова сугерира дека постои значителен простор за подобрување на образованието и информираноста на младите во врска со сексуалното здравје и контрацепцијата.
Одговорите на прашањето за проблеми со менструалниот циклус и хормоналните нарушувања покажуваат дека 60% од девојките се консултирале со лекар за симптомите како нередовен менструален циклус, акни и промени во расположението. Ова сугерира дека има зголемена свест за важноста на медицинска консултација. Меѓутоа, 40% од девојките не се консултирале со лекар, што покажува потреба од поттикнување на младите да се грижат за своето здравје и редовно да се консултираат со стручни лица.
Кога станува збор за изворите на информации, најголем број девојки (66,7%) се информираат преку интернет, што покажува дека младите сè повеќе се насочуваат кон онлајн платформи за добивање информации за контрацепција и хормонално здравје. Притоа, 16,7% од девојките добиваат информации од пријатели, а ист број на девојки се консултирале со лекар.
Иако значителен број девојки имаат редовни гинеколошки прегледи (60% два пати годишно), сепак постојат девојки кои не се грижат доволно за своето сексуално здравје и имаат ретки или никакви прегледи (22,9% еднаш на три години и 17,1% никогаш).
Анкетата покажува дека постои значителна заинтересираност за поголема едукација и информираност за контрацепцијата и хормоналниот баланс, со 68,6% од девојките кои би учествувале во работилници или предавања за оваа тема.
Податоците од оваа анкета ја потврдуваат важноста на редовното информирање и едукација на младите за контрацепцијата, сексуалното здравје и хормоналниот баланс. Онлајн платформите се важен извор на информации, но истовремено треба да се охрабруваат младите да се консултираат со стручни лица и да се грижат за своето здравје преку редовни прегледи. Важно е да се продолжи со кампањите за подигнување на свеста и да се обезбеди лесен пристап до точни информации.
Photo: Freepik