Кул е да си извидник! Знаеш ли зошто?
„Лице в лице“ во наредниов период е партнер на иницијативата „Боренка“, и медиумски ќе објавува редовни содржини за суштината и вредностите на извидништвото, како и информации за најголемата волонтерска акција за пошумување опожарени подачја кај нас.
Што имаат заедничко првиот човек што стапнал на Месечината, Нил Армстронг, „Битлсот“ Пол Макартни, режисерот Стивен Спилберг, нашата режисерка Тамара Котевска и моделката Катарина Ивановска ?
Имавме спојлер во насловот, па лесно погодувате, нели.
Да, сите тие ја носеле извидничката марама и биле дел од глобалното движење на извидниците.
Целта на извидничкото движење е да придонесе во развојот на младите луѓе, во достигнувањето на нивните потполни физички, интелектуални, општествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и како членови на нивните локални и национални заедници, како и меѓународната заедница.
Најголема младинска чадор организација во државата
Во нашата земја, Сојузот на извидници на Македонија (СИМ) е организација која ги соединува сите кои работат на извидништвото. Таа е првото и највисоко тело на извидничките организации во земјата.
– Бројот на одреди членки на Сојузот на извидници на Македонија постојано расте и извидништвото се шири во секој регион од државата. Извидништвото станува сè попопуларно. Најчеста демографија која ја привлекува програмата на Сојузот на извидници на Македонија се деца и млади луѓе од 9 до 18 години. Со ова, СИМ официјално станува најголемата младинска чадор организација во државата – потенцираат од СИМ.
Извидничката програма се заснова на три широки принципи кои ги претставуваат основните верувања на движењето: обврска, должност кон духовниот развој, должност кон другите и должност кон себе. Сите извидници се обврзуваат на кодексот на размислување и живеење, изразен во извидничкиот завет и закони, кои ги отелотворуваат овие три принципи. Извидничките завет и закони претставуваат пишана форма на вредностите кои се пренесуваат на извидниците од генерација на генерација.
Обврска кон себе го означува развојот на личниот целосен потенцијал, односно достигнување на потполните физички, интелектуални, општествени и духовни можности како поединец, како одговорен граѓанин и како член на локалната и национална заедница, како и меѓународната заедница.
Обврска кон другите пак, означува грижа кон најблиските, познатите и непознатите, лојалност кон својата земја заедно со промоција на локалниот, националниот и меѓународниот мир, разбирање и соработка, учество во развојот на општеството со признавање и почитување на дигнитетот на другиот и интегритетот на природниот свет.
Обврска кон духовниот развој ја дава вербата во нешто поголемо од нас и кон кое се стремиме за да станеме најдобрата верзија што можеме да бидеме. Ова исто така значи и прифаќање на духовните принципи, лојалност кон вербата која ги изразува и прифаќање на обврските кои од нив произлегуваат.
СИМ како неформално едукативно движење има свој активен метод на (само)едукација, таканаречен „извиднички метод’’.
– Користејќи го извидничкиот метод и сите негови компоненти, доведени сме до половина од патот до постигнување на едукативното влијание кон кое целиме. Извидничкиот метод има осум составни елементи, кои се подеднакво важни во образованието на младите и децата и претставуваат клучен пристап и специфика на извидничкото движење наспроти останатите образовни движења/организации – велат од организацијата, додавајќи дека елементите на извидничкиот метод се работа во мали групи, учење преку работа, личен развoj, живот во природа, симболичка рамка, завет и закони, поддршка од возрасни и вклученост во заедницата.
Јубилеј 70 години Сојуз на извидници на Македонија
Сојузот на извидници на Македонија припаѓа на Европскиот извиднички регион и има долга историја која датира од 1921 година. Тогаш се формирани првите групи на извидници. Од 1921 до 1940 година, се споменува дека се организирани многу летни логори и школи, од кои како една од најмасовните активности е заведена прославата на 80-тиот роденден на основачот на Светското извидничко движење, лордот Роберт Баден Пауел. Во 1953 година, од страна на поранешни членови на Извидничката организација, се основа слична организација на неа, но со ново име – Сојуз на извидници на Македонија (СИМ).
– Од тогаш Сојузот неуморно работи на развојот на младите и на проширувањето на извидништвото во секое ќоше во државата. Имаме свои традиционални настани што ги одржуваме секоја година, кои спаѓаат во рамките на годишната програма. Секоја сезона опфаќа одреден број на активности организирани од страна на СИМ, но исто така настани организирани од извидничките одреди – членки во СИМ, кои што се организираат со години, што практично ги прави дел од традиционалните активности на извидниците во државата. Такви се хајковите, настаните за вмрежување, извидничките каравани, активности за одбележување на денот на извидништвото (22 февруари), одредски акции и натпревари, државни натпревари, како и разни активности за едукација и вмрежување – летни кампови, тренинзи, смотри – велат од СИМ.
Акција за пошумување опожарено подрачје во Демиркаписко
На 18 март 2023 година, со почеток во 10 часот во КО Драчевица, Демиркаписко ќе се одржи акција за пошумување опожарено подрачје.
На пошумувањето ќе присуствуваат волонтери од Штип, Велес и Скопје.
– Може да ни се придружиш и ти! Да ја вратиме бојата на шумата!, повикуваат од Боренка.