Лето на нови пријателства и можности за децата без родителска грижа
Летото за децата без родителска грижа претставува многу повеќе од само забава – тоа е време кога новите искуства и авантури ги отвораат вратите кон иднината. Годинава, „СОС-детско село“ организираше низа активности и патувања во кои учествуваа 60 деца и млади. Преку спорт, креативни проекти и авантури на отворено, децата ги откриваа своите таленти, создаваа нови пријателства и ги градат вештините кои ќе им помогнат да се развиваат. Овие радосни моменти имаат подлабоко значење – не само што оставаат спомени, туку создаваат темели за посветла иднина.
Еден од најзначајните настани беше Светското фудбалско првенство за деца без родители, кое започна во Полска во 2010 година и прерасна во глобален настан со преку 11.000 учесници од 45 земји.
– Седумте момчиња што беа дел од нашиот тим имаа шанса преку натпреварите да развиваат тимска работа, дисциплина и самодоверба, како и да создадат нови пријателства и да почувствуваат глобално единство – велат од „СОС-детско село“.
Исто така, летниот камп во Калдонацо не беше само одмор, туку вистински празник на пријателството и заедништвото. Групата од 39 деца и осум едукатори уживаше во седумдневното кампување, исполнето со дружење, спорт и пливање. Оваа уникатна можност ги обедини децата од различни културни и јазични потекла, давајќи им простор за личен развој и јакнење на самодовербата.
Посетата на Прага, организирана од НВО „Ластавица“, стана традиција за децата поддржани од „СОС-детско село“. Ова патување има цел да им овозможи културна размена и да ги инспирира да ги следат своите соништа. Годинава, децата ги истражуваа знаменитостите на Прага и учествуваа во едукативни активности, што за многумина беше нивно прво меѓународно патување.
Покрај патувањата, летото беше исполнето со креативни и едукативни активности. Во соработка со „Македонија 2025“, 17 деца завршија СТЕМ-летен камп, со што го развиваа својот потенцијал во областа на науката, технологијата и уметноста. Сите активности на „СОС-детско село“ имаат за цел да ги поттикнат децата да ги развиваат своите социјални и когнитивни вештини и да ги инспирираат да продолжат да ги следат своите соништа.