Актуелно, Доза вести

„Лице в лице“ ја понесе наградата за Најдобра инклузивна кампања на „Ability Awards“

Време на читање: 3 минути

Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“, на вчерашното доделување награди во хотелот „Хилтон“, ја понесе наградата за најдобра Инклузивна маркетинг кампања.

– Заедно продолжуваме да охрабруваме, вклучуваме и зајакнуваме, порача дел од тимот на „Лице в лице“, што ја подигна наградата, Александра Илоска и Натали Китаноска.

На церемонијата „Ability Awards“, свеченост што ја слави инклузивноста, вчера беа врачени награди и на десет поединци и десет компании кои се залагаат за еднаквост и инклузија.
Оваа година, преку отворен повик, беа номинирани 40 инспиративни лица со попреченост во различни категории, кои преку своите достигнувања и приказни ја претставуваат моќта на решителноста и креативноста.

Во полето на културата и уметноста, награда вечерва доби Ема Анакиевска, пијанистка и автор на свој музички репертоар. Таа е повеќекратна добитничка на награди по државни и меѓународни натпревари по пијано. Има настапувано во Националната опера и балет, МКЦ, Даут Пашин Амам, Музејот на Град Скопје, Коларац Белград и други културни објекти.

Во полето на спортот, наградата ја доби Оливера Наковска-Бикова, репрезентативка во спортско стрелаштво. Таа има освоено златен медал од Параолимписките игри во Лондон во 2012 година.

Новинарот на МИА Слободан Иванов е добитник на наградата во категорија за ИТ вештини. Tој редовно ги вклучува лицата со попреченост во неговите вести и прилози. Се занимава со проток на информации при што секојдневно ги користи своите ИТ вештини за справување со софтверските проблеми на кои наидува.

За најдобар работник во бизнис секторот награда освои Еркан Ќаил, прв лиценциран делегат на Кошаркарската федерација на Македонија, како лице со попреченост. Има осум години работен стаж во Сава Пензиско на позиција технички помошник за грижа на членства и маркетинг.

Во категоријата лидерство, добитник на награда е Елена Кочоска, застапник за политички и законодавни реформи, чија работа е втемелена во визијата аз инклузивна еднаквост содржана во Конвенцијата за права на лица со попреченост. Таа е член на Одборот на Европската мрежа за независно живеење ЕНИЛ. Претседател е на Одборот на Македонскиот центар за меѓународна соработка и консултант на националните механизми за мониторинг во земјата.

За најдобар во јавниот сектор е прогласен Арбереша Влаши, проектен координатор при Центарот за развој на Југозападен плански регион. Тој е претседавач на Советот на Општина Струга, но и имплементира проекти кои придонесуваат кон развојот на економијата и креирање на социјалната кохезија.

Во полето на бизнис иноватор, добитници се Радмила Периќ и Мартин Ангелов, сопственици на пица бар „Улаф сте“. Станува збор за прво кафуле и пицерија на знаковен јазик во државата, основано во 2020 година, чии менија се направени така да им објаснат на гостите како да нарачат на знаковен јазик.

Во полето борец за човекови права награда доби Бранимир Јовановски, прв македонски освојувач на златен параолимписки медал во Барселона во 1992 година. Автор е на многу текстови и ТВ гостувања како говорник за правата на заедницата. За влијание на општествената свест добитник на награда е Бранкица Димитровска, дипломиран правник по Меѓународно јавно право и дипломатски односи. Таа е активист за правата на лицата со попреченост и гостин на многу јавни ТВ дебати.

Во полето промотор на инклузија, вечерва награден беше Гере Трипков, основач на „Equality“ Скопје, организација која се бори за правата на лицата со попреченост. Основач е на „Зен“, прв моден бренд за лица со попреченост. Наградените компании се Сава осигурување, Алкалоид, Даути комерц, Ипсос…

Креаторката на „Best Online Assistant“, Елизабета Јовановска во своето обраќање на отворањето на настанот рече дека гласот за еднаквоста и инклузијата секогаш е посилен и поблиску стигнува до сите релевантни институции.

-Ние немаме искуство со креирање на вакви настани, но имавме желба да креираме нешто што до сега не се случило во Македонија. Никогаш до сега наши значајни уметници немале можност да настапуваат на вакви настани. Сигурна сум дека оваа вечер ќе ви остане во сеќавање, затоа што истата има за цел да мотивира и инспирира, да видите 40 избрани лица со попреченост, кои што имаат значајни постигнувања, и секогаш кога во иднина треба да направиме нешто, да мислиме и на нив, рече Јовановска.

Само така, посочи, можеме да бидеме еднакви, само така можеме да напредуваме сите заедно сплотено.

Наградите на добитниците ги доделија министерот за локална самоуправа, Златко Перински, министерот за спорт Борко Ристовски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заменик министерот за економија Марјан Ристески, амбасадорот на Словенија Грегор Прескер, заменик министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски, амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик амбасадорот на ЕУ Бен Нипнау.

Напишете коментар