Доза вести

„Лице в лице“ стана членка на регионалната Мрежа за известување за разновидност (РДН)

Inclusive Voices version 1 RDN

„Лице в лице“ официјално се приклучи кон регионалната Мрежа за известување за разновидност (Reporting Diversity Network, или РДН), иницијатива која има за цел да влијае врз квалитетот на медиумските содржини поврзани со етничката, верската и родовата различност во земјите од Западен Балкан.

Членството е формализирано, со што „Лице в лице“ стана дел од поширока регионална платформа на граѓански организации и медиумски актери кои заеднички се спротивставуваат на наративите на поделба и дискриминација, заменувајќи ги со позитивен јавен дискурс што поттикнува толеранција, разбирање и добрососедски односи.

Што е Мрежа за известување за разновидност (РДН)?

РДН е доброволна, невладина и непрофитна регионална мрежа, формирана со цел да ја подобри медиумската репрезентација на социјалната различност, особено во однос на етничката припадност, религијата и родот како клучни теми за градење поинклузивни и демократски општества на Западен Балкан.

Како делува РДН?

РДН функционира како платформа за соработка, размена на знаења и заедничко дејствување меѓу организациите членки. Во рамки на мрежата се организираат редовни состаноци и регионални средби, обуки и работилници за јакнење капацитети, заеднички кампањи за одговорно и етичко известување, споделување ресурси, алатки и докази за препознавање и адресирање на говор на омраза, стереотипи и дискриминаторски наративи во медиумите.

Членките на мрежата, меѓу кои сега е и „Лице в лице“, учествуваат во кампањи, споделуваат релевантни содржини, пријавуваат случаи на говор на омраза и медиумска дискриминација и активно придонесуваат кон создавање поодговорен јавен говор.

Заеднички заложби за поинклузивни медиуми

Главната заложба на РДН е градење отпорност кон историските поделби во регионот, намалување на дискриминацијата, како и унапредување на меѓусоседските односи преку одговорно медиумско известување.

Со приклучувањето кон оваа мрежа, „Лице в лице“ ја зацврстува својата мисија за промоција на социјална правда, различности и човеково достоинство, придонесувајќи кон регионален напор за создавање медиуми што информираат eтички, без предрасуди и ја поттикнуваат културата на почит и солидарност. Исто така, со ова членство, „Лице в лице“ станува дел од заедничкиот глас за поразновидни, поправични и поодговорни медиуми на Западен Балкан.


Илустрација: Freepik.com

Содржината е креирана во рамките на проектот „Гласови на инклузија“ кој се имплементира со финансиска поддршка од Европската унија, во рамките на Reporting Diversity Network. Содржината е единствена одговорност на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Напишете коментар