Доза вести

„Лице в лице“ и Кометал ЃП со заеднички шут ги слават своите јубилеи

Десетгодишнината од излегувањето на првиот број на „Лице в лице“ и дваесетгодишнината од освојувањето на престижната Лига на шампиони на ракометниот клуб Кометал ЃП ќе биде одбележана во четврток со инклузивен спортски натпревар.

Со инклузивен спортски натпревар, помеѓу поранешни ракометарки на „Кометал Ѓорче Петров“ и на продавачите на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, ќе биде одбележана јубилејната 10-та година од постоењето  на истоимената Платформа за одржлив развој. Ова воедно е и одбележување на победата на „Кометал ЃП“ во 2002 година над унгарскиот „Херц Ференцварош“ во финале, освојувајќи ја престижната Лига на шампиони.

Натпреварот ќе се одржи во четврток, во 20 часот, во големата спортска сала  на основното училиште, „11 Октомври“пред бројни љубители на спортот.

Одлуката за овој симболичен меч е резултат на заложбите кои Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ ги прави изминатата деценија, а имаат заеднички предзнак и со дејствувањата на спортските тимови, односно со постигнувањето на нивните цели.

– Спортот нема само натпреварувачка улога и цел, туку ни покажува како се доаѓа до резултатите – само со посветеност, трпение, издржливост, знаење, тимска игра, верба, емпатија, еднаквост, создавање мостови.. Промената на резултатот, особено во личниот развој, пред и потоа, подразбира многу работа на себе. Продавачите на „Лице в лице“ сите изминати години се првата асоцијација за успешни примери на наши сограѓани кои од ранлива состојба стануваат личности кои што одлично се интегрираат во општеството – велат од „Лице в лице, и затоа  и  овој натпревар има за цел да ја пренесе пораката дека секој добар резултат, е  последица на многу работа, верување и активно дејствување.


– Во изминативе десет години така делуваше и „Лице в лице“. Опстана во непредвидливи околности, со многу труд, посветеност, љубов и доволна доза на тврдоглавост. Но, во меѓувреме научивме лекции. Научивме дека за партнерство се потребни минимум двајца. Не би успеале без бизнисите со сенс, тие ни беа потребни. Но знаете што? Научивме и дека и ние ним им требаме. Па дури и на семоќните институции. И тоа сè повеќе. Затоа што полека се буди една нова свест кај граѓанинот. Свест слична на таа на спортист, дека гол што може да те направи шампион, е најсладок кога се постигнува преку многу подавања на топката – рече Климентина Илијевски, извршна директорка и главна уредничка на списанието.

Таа дополни дека и првиот број на „Лице в лице“ ја донело истата порака во тогашниот воведник, како и денешниот натпевар  – „Да победуваш, не значи само да бидеш прв во нешто. Да победуваш значи да менуваш“.

– И менуваме веќе една деценија. Најмногу, човечки животи – нагласи таа.
Дел од двата натпреварувачки тима, „Be Inclusive“ и „Be Active“, кои во публика ќе ги следат и млади посетители, меѓу кои е идната спортска сила, ќе бидат и имиња од златната ракометна генерација како: Адријана Будимир, Индира Кастратовиќ, Мирјана Чупиќ, Валентина Радуловиќ, Наталија Малахова Тодоровска, Гордана Нацева, Елена Златановска, Лина Тренковска, Анжела Платон, Лела Велкова и други.
– Натпреварот што го организира „Лице в лице“ е една убава прилика за поддржување на инклузивноста и развивање на свеста кај луѓето дека иако сите не сме исти, заедно припаѓаме во едно општество, и дека стигматизацијата треба комплетно да се искорени, вели ракометарката Будимир во пресрет на натпреварот.

Овој централен настан, со кој списанието „Лице в лице“ го одбележува десетгодишното постоење и континуираните заложби за подобро инклузивно општество, ќе се одржи во соработка со  Агенцијата за млади и спорт. Првиот човек на Агенцијата, Наумче Мојсоски, поранешен ракометар, вели дека овој натпревар за нив претставува можност да го изразат својот став, како Агенција, дека спортот и спортските активности треба да се секогаш достапни за сите – без никакви препреки. 
– Спортот е она што нѐ обединува. Ништо не треба да биде пречка за лицата од ранливите категории да не бидат вклучени во секојдневните и многубројни спортски активности насекаде. Со дел од продавачите на „Лице в лице” имаме чести средби, тие се наши  гости во АМС и имаат можност да се запознаат со работата на Агенција за млади и спорт. Ни споделуваат со какви предизвици се соочуваат во своето секојдневие, и кои се промените во нивните животи и секојдневието. АМС и понатаму ќе придонесува во процесот на работна интеграција, пред сѐ со купување примероци од списанието – поддржувајќи го неговиот начин на работа, која овозможува економско и социјално зајакнување, изјави Мојсовски. 

Инаку, во спортските тимови ќе учествуваат и продавачи од сите партнерски организации на „Лице в лице“, Младински културен центар – Битола, Дневниот центар за згрижување деца на улица во Шуто Оризари – Скопје, „Порака Нова“ од Струга, Црвен крст на град Скопје и „Порака Неготино – Волково“.

По овој настан, од печат излегува и 51.издание на „Лице в лице“, посветено на тема: унапредување на здравствените политики.


One thought on “„Лице в лице“ и Кометал ЃП со заеднички шут ги слават своите јубилеи

Напишете коментар