Доза вести, Лице в лице

„МакеДокс“ го отвора своето 16. издание – вечер сите во Куршумли-ан

Време на читање: < 1 минута

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се овтвора вечерва, во 20.30 часот, во Куршумли-ан во Скопје, со проекција на два филма – „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и „Само на земјата“ на данската режисерка Робин Петре.
Фестивалот ќе трае до 28 август на повеќе локации во Скопје и го носи мотото „Кому му е гајле за реалноста?“.

Краткиот документарен филм „Бардо“ преку генеративна анимација и темна амбиентална музика носи метафизичко патување инспирирано од тибетскиот поим за состојбата помеѓу смртта и повторното раѓање. Долгометражниот „Само на земјата“ пак, е визуелно импресивен запис за жителите и животинскиот свет во Јужна Галиција, кои се соочуваат со разорни шумски пожари за време на рекордно жешко лето.

Во рамки на свеченото отворање ќе биде поставена и изложба на фотографии на Томислав Георгиев, создадени за време на Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани.

Музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ започнува во 23 часот со концерт на гитаристот и мултиинструменталист Мухамед Ибрахими, кој е познат по спојувањето на блуз, рок и амбиентална музика со ориентална (суфи) традиција и балкански фолклор. Полноќната програма ќе продолжи со диџеј-сет на Шурбе.

Ова 16. издание на „МакеДокс“ ќе прикаже 75 документарни филмови и ќе угости околу 100 странски автори и гости. Проекциите и настаните ќе се одвиваат во Куршумли-ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“.

Целосната програма е достапна на официјалната веб-страница на фестивалот (www.makedox.mk) и преку мобилната апликација.

Напишете коментар