Доза вести

„Медена земја“ е номиниран за „Оскар“ во две категории – за најдобар документарец и странски филм!

Време на читање: 2 минути
- банер -

Македонскиот документарен филм е кандидат за „Оскар“ во две категории – за „ Најдобар документарен филм“ и за „ Најдобар Интернационален филм“.
На 92-та оскарска церемонија, која ќе се одржи на 10 февруари оваа година, „Медена Земја“ ќе се натпреварува во две категории.

Тимот на „Медена земја“ се заблагодари на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи филмот во трката за најпрестижната филмска награда на светот.

„Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат.

Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното.
Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето.

- банер -

Ова е прв пат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот.
Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно.

Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме.

Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – материјал заслужен за Оскар“. се вели во обраќањето на тимот на „Медена Земја“. 

Напишете коментар