Доза вести

Медиумскиот третман на животната средина – во фокус на 6. издание на Медиумскиот Фестивал Скопје

Време на читање: 2 минути
- банер -

Шестото издание на Медиумскиот фестивал – Скопје, посветено на медиумскиот третман на животната средина, ќе се одржи од утре до сабота (од 22 до 24 септември) во Кинотеката, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.

Фестивалот се отвора утревечер од 20 часот со дискусија за покриеноста на прашањата врзани со животната средина и климатските промени во македонските медиуми по што следува проекција на документарецот „Длабоко во мразот“, патешествие на тројца истражувачи низ ледените предели на Гренланд. На годинешната фестивалска тема ќе зборува и германската новинарка Сара Шурман, која во онлајн-гостување од 15 часот в петок ќе сподели насоки за ефективно новинарско известување за климатската криза. На последниот фестивалски ден од 18 часот во Кинотеката ќе се одржи дискусија за горливото локално прашање за зелените површини и урбаниот развој.

Вториот фестивалски ден, пак, почнува со дискусија за медиумската покриеност на правата на лицата без државјанство, бегалците, мигрантите и барателите на азил. Почнувајќи од самото основање на ПИНА, организацијата посветено ги следи проблемите и предизвиците што ги засегаат новинарките во Македонија, што продолжува да биде во фокусот и на ова фестивалско издание. На 23 септември во Кинотеката премиерно ќе биде прикажан краткиот документарен филм на ПИНА, „Опасни мрежи“, и ќе биде презентирана публикацијата „Од нормализација до самоцензура“ за онлајн-вознемирувањето на жените новинарки во земјата.

Ова е прва публикација на ПИНА и таа претставува темелно истражување и анализа во која беа анкетирани над 100 новинарки од домашната медиумска сцена, со цел да се соберат нивните искуства за влијанието на онлајн-вознемирувањето врз нив и нивната работа. По дискусијата, следува проекција на „Убиството на еден новинар“, кој ги документира напорите на новинарите да го расветлат свирепото убиство на словачкиот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова. Филмот, кој ја разоткрива мрачната страна на словачките моќници, е во режија на Мет Сарнецки кого имавме можност да го видиме во Скопје на второто фестивалско издание.

- банер -

На затворањето на фестивалот од 19 часот ни гостуваат основачите на РАФФ – Филмскиот фестивал на Раб во Хрватска, Роберт Зубер и Силвија Јоњиќ, кои ќе го претстават нивниот фестивал. Филмската програма на МФС ги носи и „Оваа моја украдена земја“ за корупцијата во Еквадор што води кон современа колонизација на тамошните природни ресурси од страна на моќната Кина; „Територијата“ за борбата на домородното население против узурпацијата на заштитеното подрачје во амазонската прашума; „Тигре хенте“.

Сите настани на Медиумскиот фестивал – Скопје се бесплатни, а филмовите што ќе се прикажуваат во Кинотеката во истите термини ќе имаат и онлајн-проекции. Целосната програма за шестото издание на фестивалот може да се види на веб-страницата www.mfs.mk.

Напишете коментар