На Меѓународниот ден на Ромите – Асоцијацијата „Паблик” доби признание за придонес во инклузијата на ромската заедница

Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари ги препозна заложбите за еднакво општество – доделувајќи благодарници на организации за придонес во инклузијата на ромската заедница
Денес, 8 април, се одбележува Меѓународниот ден на Ромите, празник кој го одбележува културниот идентитет и придонесот на ромската заедница во општеството. По тој повод, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари организираше свеченост на која додели благодарници на здруженија и организации кои придонесуваат за инклузија на ромската заедница во Македонија.
Меѓу добитниците на признанија е и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, издавач на списанието за одржлив развој „Лице в лице”, како организација која долги години работи на подобрување на условите и можностите за маргинализираните групи во општеството. Во име на Асоцијацијата „Паблик”, признанието за долгогодишната поддршка на маргинализираните заедници и залагањето за одржливо и инклузивно општество, го прими истражувачката Александра Лопарска Илоска.
На настанот, претставници на Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари истакнаа дека и во 2025 година сè уште се соочуваат со истите децениски проблеми поврзани со пристапот до основните права.
„Правдата за Ромките значи правда за сите нас. Време е да преминеме кон вистински системски промени, со цел да изградиме општество во кое секој еден ќе биде слушнат и препознаен. Бидејќи, сè додека има наши и ваши, не можеме да зборуваме за држава во која секој еден граѓанин ги ужива загарантираните човекови права!”, потенцираа од Иницијативата.
На крајот, средбата, која се случуваше во просториите на Националниот совет на младите на Македонија, беше заклучена со честитка за Меѓународниот ден на Ромите, повикувајќи на градење на еднакво општество за сите граѓани.



