Доза вести, Лице в лице

Менопауза: Што треба да знаеме за себеси во оваа фаза од животот?

Време на читање: 2 минути

Хормоните во човечкото тело се во постојана динамичка рамнотежа, а секој хормон има своја специфична функција, која влијае на нашето здравје и благосостојба. Кога оваа рамнотежа се нарушува, тоа може да доведе до низа симптоми кои влијаат на психо-физичкото здравје. Кај жените во менопауза, често се среќаваат симптоми како напнатост, раздразливост, анксиозност, депресија, панични напади, и губење на емоционалната стабилност. Тие се соочуваат и со физички симптоми како отежнато дишење, срцева аритмија, умор, нарушена концентрација и потешкотии со сонот.

Познато ви е ова? За менопаузата малку се зборува и се гледа дури и како табу, а не како природен биолошки процес на жените.

Психологот Емина Петкова, за „Лице в лице“ споделува информации за тоа како влијаат хормоните врз жените за време на менопауза.

– Менопаузата носи со себе губење на интересот за работите кои претходно ја задоволувале, чувство на безвредност и вина. Современите истражувања потврдуваат дека овие симптоми можат да бидат предизвикани од хормоналниот дисбаланс, но исто така и од хроничен стрес, кој дополнително може да ја наруши хормоналната рамнотежа – вели Петкова..

Таа објаснува дека женските полови хормони, како естрогенот и прогестеронот, имаат важна улога во стабилизацијата на расположението и емоциите. Естрогенот, на пример, го стимулира серотонинот, познат како хормон на среќа и задоволство, кој делува како стабилизатор на расположењето и има анксиолитички и антидепресивни својства. Во менопаузата, овие хормони се намалуваат, што може да предизвика промени во психо-емоционалната состојба.

Психосоцијалниот развој, според теоријата на Ериксон, во периодот на менопауза преминува во фаза на интегритет, каде жената ги собира плодовите од својот животен труд. Овој период често е поврзан со чувство на крајот на животната етапа и предизвикување на емотивни реакции кои може да водат до чувство на безвредност и желба за смрт. Но, важно е да се напомене дека во оваа фаза, мудроста и интегритетот можат да бидат клучни за справување со овие предизвици

Емина Петкова, психолог



Таа посочува дека во денешното општество, со постојано зголемениот стрес и преоптовареноста, на менопаузата се гледа како на период кога жените се соочуваат со физички и психички симптоми кои не се едноставни за управување.
– Жените кои се поподложни на стрес често покажуваат симптоми на песимизам, ниска толеранција на фрустрација, и негативен став кон другите. Таквите жени често се обвинуваат за нешта што не можат да ги контролираат, што дополнително ја комплицира нивната способност да се справат со менопаузата.

Таа посочува дека е исклучително важно да се разбере дека менопаузата е комплексен процес кој не се одвива само физички, туку и емоционално.
– Понекогаш, симптомите може да започнат по 30-тата година, и да бидат продолжени со години. Хормоналниот „ролеркостер“ во оваа фаза може да биде интензивен, но со правилен пристап и разбирање, жените може да го поминат овој период со повеќе емоционална и физичка стабилност. Понудата за поддршка, разбирање и здравствена грижа е клучна за овие жени, кои се соочуваат со предизвиците на менопаузата и хормоналните промени – вели Петкова.

Дали вие поминувате низ менопауза? Имате да споделите искуства или сакате да ги охрабрите жените да разговараат со психолог за својата состојба за полесно да можат да разберат ситуацијата во која поминуваат.

Напишете коментар