Менторството како мост за промена: Од несигурност и страв кон самодоверба и самостојност
РАЗГОВОР СО АРБНОРЕ ШЕХУ БУЊАКУ, МЕНТОРКА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ОД КОСОВО
Арбноре Шеху Буњаку, менторка за вработување од Косово, сертифицирана од страна на македонската организација „Паблик“ во програмата „Социјално менторство за работна интеграција“ споделува како со емпатија, посветеност и психолошка поддршка, успева да ги трансформира животите на менторираните лица. „Ме научивте дека наместо да градам ѕидови со камењата што животот ми ги фрла, можам да изградам мост,“ е пораката на еднo од нејзините менторирани лица, што ја сумира суштината на оваа промена.
Како ја гледате улогата на менторот за вработување во работа со лица кои се соочуваат со сериозни предизвици, како семејно насилство или економски тешкотии?
Улогата на менторот е клучна во овие ситуации. Нашата задача е да создадеме безбедна и поддржувачка средина, изградена на доверба и емпатија. Лицата често се соочуваат со изолација и недоверба, а ние сме тука да им помогнеме да ги зајакнат своите капацитети за надминување на пречките. Едноставно, да веруваат дека промената е возможна.
Како го започнувате процесот на градење доверба, особено со лица од ранливи групи?
Секој почеток бара чувствителност и трпение. Прво создаваме средина каде што лицата можат да се чувствуваат почитувани и разбрани. Почнуваме со слушање и разбирање на нивните искуства, притоа почитувајќи ги нивните граници. Конзистентноста е клучна – кога менторираните ќе почувствуваат дека сте тука за нив, се отвораат за промени.
Кои се најголемите предизвици што ги имате како ментор, и како им помагате да ги надминат?
Најчесто, тоа е стравот од промени и недоволната самодоверба. Многумина имаат долга историја на негативни искуства кои ја формираат нивната перцепција. Затоа пристапот мора да биде постепен – секој мал успех се слави како голем чекор. На пример, една менторирана жена, која беше жртва на насилство, со текот на времето ја менуваше сликата за себеси и градеше самодоверба. Таа самостојно препозна соодветно работно место за неа, се вработи и комплетно је презеде контролата врз својот живот…
Кои се најзначајните промени кај вашите менторирани лица?
Најголемиот показател дека нешто се менува е нивниот пристап кон проблемите. Кога ќе почнат да нудат решенија наместо да гледаат пречки, знам дека сме на вистинскиот пат. Еден менториран кој претходно избегнуваше социјални интеракции, денес води иницијативи на своето работно место.
Кои се клучните моменти што довеле до позитивни поместувања кај менторираните?
Тоа најчесто се случува кога ќе разберат дека успехот е нивен и дека промените зависат од нивните одлуки. Еден менториран со кој работев долго време сфати дека неговата самодоверба е клучна за секој следен чекор – денес има стабилна работа и е инспирација за своето семејство.
Кои се вашите очекувања за долгорочните промени кај менторираните?
Очекувам тие да продолжат со градење на својата независност и самодоверба. Многу од нив денес прават стратегиски одлуки кои ќе го обликуваат нивниот живот на позитивен начин. Нивните приказни се доказ дека со вистинската поддршка, секој може да ги надмине животните предизвици.
Анета Ристеска