Актуелно, Доза вести, Лице в лице интервју

Моја најголема награда се среќните лица на моите „Фриди“

Разговор со жена која секоја секунда од нејзиниот живот ја преточила во задоволство, беше уживање. Сузана Турунџиева, позната како водителка, пејачка и писателка, за „Лице в лице“ зборуваше за идејата за создавањето на хорот „Фрида“ и неговото функционирање.

1. Што ве мотивираше да го основате хорот „Фрида“ и какво беше патувањето од неговото основање во октомври 2023 година?

Формирањето на „Фрида“ од Македонија беше судбинско.  Сè што ни се случува во животот има свој тајминг, па и ова. Од секогаш сакав да имам женски вокален бенд и да пееме акапела музика. Не ни помислував дека тоа ќе порасне во хор, голем и моќен.

Тие се мојот подарок од Универзумот,  кој бил многу добар со мене… Животот толку многу ми зеде, предвреме, а еве, пак ми даде едни прекрасни, разбудени, распеани женски битија, полни со љубов и разбирање. Почетоците беа скромни, почнав со 9, па 12, па 16 Фриди… И така тргна приказната! 

Инсистирав да настапуваме на неформални места, по кафулиња каде имаше доволно простор да се позиционираме и да пееме за наша (нивна) публика, за да видиме дали ќе им се допаднеме. Кога видовме дека со голема симпатија едвај чекаа каде следно ќе нè слушаат, бројот одеднаш порасна, а со тоа и мојата одговорност.  Почнав да изработувам програма за цела сезона и да аплицирам за настап на сериозни манифестации како што се „Скопско лето“, „Карпошово културно лето“. Така го подигнав нивото на хорот. Имаме сериозна програма и нема веќе настапи по кафулиња. Кој сака да нè слуша, ќе дојде да нè гледа на сцена, во публика.

2 . Раскажете ни за визијата и мисијата на хорот. Како планирате да се вклучите во заедницата преку музика?

Мисијата е да ги извадам од дома сите талентирани жени, кои за пеење досега не нашле време. Преку тоа пак, да се дружиме и да делуваме во поглед на поврзување на музиката со хуманитарната работа. Во мојата визија е овој хор да прерасне во здружение на општествено одговорни жени кои низ песната ќе успеат да помагаат на семејствата кои имаат болни деца, на жени во социјален ризик и тн.

3. Со околу 60 членови, како обезбедувате кохезивен звук и на кој начин соработувате со толку разновидна група хорски аматери?

Со многу работа, редовни проби и домашни работи кои хористките редовно си ги одработуваат, успевам да добијам пристоен звук, иако можеше уште многу подобро и многу повеќе! За мене е огромен успех тоа што за кратко време ги научив да пеат на повеќе јазици, да музицираат во двоглас и да прават динамика.

4. Како диригентка и уметничка директорка на хорот, што е вашата најголема награда во тоа што го водите „Фрида“ и како ги инспирирате вашите членови?

Моја најголема награда е кога ќе им ги видам среќните лица кои и на 44 степени, во најжешките денови доаѓаа на вонредни проби. Кога ќе ми кажат дека поради хорот „Фрида“ ги засакале понеделниците и едвај чекаат тие да дојдат, кога ги читам нивните пораки и исповеди за тоа колку им се променил животот откако доаѓаат на хор итн…

Напишете коментар